70 години Сојуз на композитори на Македонија - СОКОМ (1947 - 2017)

Речиси и да нема пример во светот, едно еснафско здружение да има такво значење за развојот на вкупната музичка и општа култура, како што е тоа Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) за македонската музичка и општа култура. Само сплетот на историските околности, величината и, следствено на тоа - авторитетот на неговите членови, и нивниот самопрегор и чувство за сопствената општествена одговорност можат да бидат делумно објаснување на тоа.

На пример, фактот што него го основаа тогаш, а и подоцна, најголемите имиња на македонската творечка и исполнителска музичка култура (беше основан во мугрите на раѓањето на модерната македонска држава, во јануари 1847 година, како „Друштво на музичарите на Македонија“), како што беа Скаловски, Кочко, В. Ѓ. Шпато, Смокварски, Гајдов, итн., беше објаснување како сите „рожби“ на македонските музички институции, - Филхармонијата, Операта, Музичкото училиште, „Танец“, Фолклорниот институт, па, подоцна, Охридското лето, Факултетот за музичка уметност, МБУЦ и речиси сè друго од областа на музичката култура, беа во директна врска со СОКОМ и со неговите членови. Или, фактот дека речиси сите промисли, сите расправи, сите решенија за идниот развој на младата македонска музичка култура во кој и да е дел најнапред, или на крајот, беа предмет на разгледување на форумите на тогашното Здружение и неговите членови. Треба да се погледнат сите монографии, алманаси, публикации и слично издавани по повод годишнините на најзначајните македонски музички (и други) институции, фестивали, оркестри, ансамбли, состави, па да се види дека во секоја од нив посебно значење и благодарност му се оддава или на некои од најистакнатите членови на СОКОМ, или на целото Здружение.

Или, нека се земаат дејностите. На пример издавачката. Над 2000 издадени наслови на музичка литература - нотни изданија, десетици книги напишани од македонските музиколози и композитори, над 100 носачи на звук и слика (плочи, видео касети ЦД), десетици Зборници од научни симпозиуми, триесетина броја на единственото стручно списание кај нас „Музика“ (на македонски и англиски јазик) го прават СОКОМ неприкосновено најголем издавач од овој вид во Македонија. Или - концертната. Со своите речиси 1000 концерти и концертни приредби станува споредлив со нашите најголеми исполнителски национални ансамбли и институции. Голем број од нив како дел од двата меѓународно афирмирани фестивали - „Деновите на македонската музика“ (од 1978) и „Струшката музичка есен“ (од 1975) со кои СОКОМ се вивнува високо на небото на афирмацијата на македонското музичко творештво и музикологија. Или меѓународната соработка и афирмација на Македонија надвор од земјава. Десетици концерти во странство, соработка со најголемите европски асоцијации, - ЕЦСА – Европска алијанса на композитори и сонг рајтери, ЕЦПНМ - Европската конференција на промотори на нова музика, ЕЦФ - Европскиот Форум на композитори, БМИН - Балканска Музичка Информативна Мрежа, безброј изведби на дела од македонски композитори иницирани или организирани од СОКОМ. И издадени од најголемите светски издавачи. „Петерс“ од Лајпциг, или „Музика“ од Москва, на пример.

Сето ова го прави СОКОМ посебен феномен, не само во македонската култура, ами и во светски размери. А, речиси и да не ги спомнавме имињата на најистакнатите негови членови, нивните неколку илјади композиции од сите жанри, нивниот придонес во педагогијата на сите нејзини нивоа, нивните ученици кои денес се носители на дејноста на сите музички институции во Македонија. Нивните стотици високи стручни и општествени признанија, меѓу кои и десетиците државни награди за посебен придонес во развојот на македонската култура и држава. Нивните високи и одговорни функции (декани, директори на стручни образовни институции, директори на национални институции, раководители на оркестри и ансамбли, уредници во Македонската радио-телевизија, двигатели на музичката продукција итн.).

И затоа, кога денес велиме дека сè, или речиси сè во македонската музичка култура во изминативе седум децении тргнувало, минувало или завршувало од СОКОМ, тоа не е само реторичко преувеличување во пресрет на еден значаен јубилеј. И кога во прилог на тоа, во прилог на стремежот да се стигнат и дофатот на највишните достоинства на музичката култура, велиме дека СОКОМ бил призмата низ која се прекршувале сите битни зраци на нашата музичка сегашност и иднина, бил местото во кое се ковале плановите за творештво и изведби, во кои се вкрстувале копјата на сите полемики за да можат, преку мноштвото стручни трибини да се претворат во вруток на прогресивни идеи што ќе ја водат и воведат македонската музичка култура кон досегањето на дострелите на многу поразвиените култури и држави, ние всушност само даваме опис на еден возбудлив седумдецениски пат. Пат којшто, без никаков сомнеж, веќе го продолжуваат денешните наследници на своите славни предци, - основоположниците на СОКОМ и пишувачите на најсветлите страници на македонската музичка култура.

Марко Коловски