„Вдахновено“ - композиторки од просторите на бивша Југославија

Циклусот современа музика „Вдахновено“ во клубот на Цанкарјев Дом на 25-ти март 2017 понуди вечер на интимна камерна музика, напишана исклучиво од жени-композиторки од просторите на поранешна Југославија. Концептот на програмата беше утврден во рамките на меѓународниот проект „Нечуени звуци“ (Ungehörte Klänge), кој под уметничко раководство на Вида Вујиќ повеќе години наназад е посветен на истражувањата на музиката во контекст на одредени географски подрачја, и истиот се обидува да им даде поголемо значење на жените уметници во едно уметничко подрајче каде сè уште доминираат мажите. Проектот годинава својот фокус го насочува на нови и малку постари дела од осум современи композиторки од Словенија, Хрватска, Србија и Македонија.

Концертот го отвори изразито линеарната (на основа на мелодиските елементи) композиција „Сокол ли сум, бура, или бескрајна песна“ на македонската композиторка Јана Андреевска. Со повторување на мелодиските фрагменти, најголемиот дел изградени од секундни и терцни интервали, полскиот гудачки квартет „Антарја“ воспостави жив имитациски дијалог помеѓу индивидуалните инструментални гласови и вешто ги разоткри елементарните поврзувања на композицијата со Баховата Соната за виолина бр. 3 во Це-дур. Покрај навраќањето на естетиката на минатото, музичкиот израз на делото го одразува современото размислување на авторката за звукот како самостојна музичка категорија што се „ослободува“ од убавината на начин на кој неа ја дефинираат гладкоста и заобленоста на тонот, и наместо тоа ги „растегнува“ границите на убавото во гласни, „крцкави“ звуци добиени со груби потези на лакот на гудалото. 

Контрастот на оваа прва, импресивно хомогена комбинација на музиката од времето на Бах и модерната звучност претставуваше разиграната композиција „Естамби“ од Брина Јеж Брезаушчек. Композицијата ја карактеризираат разновидни музички светови, односно стилови што делуваат како делчиња од различни композициски техники. Таквите разновидни музички елементи, како глисандото во аликвотна низа, ритмичко артикулираните елементи и експресионистичките реченици, преку повторувања формираа логична и заокружена структура, која црпи од традиционалната, односна класична логика.

Композицијата „...Rain’s cool – fingertips“ на Уршка Помпе нè однесе во уште поневообичаени звучни светови на гудачкиот инструмент. Со употребата на долните регистри и сликовитите пициката, како и богатото аликвотно тремоло sul ponticello, композиторката автентично го отслика чувството на студените дождовни капки и непријатниот ветер. Од таа деликатна воздишка, композицијата нè однесе уште подалеку во широкиот развој на мелодиските линији.

Трите српски авторки, Лаура Мједа Чуперјани, Ивана Стефановиќ и Исидора Жебељан дадоа своевиден печат на вечерта со три различни музички пристапи. Првата од нив, со развојот на основниот мотив ја остварува извонредно хомогената композиција „Strinx“, втората пак во композицијата „Play Strindberg“ оди во спротивна насока, со минимализам и повторувачка транспарентна периодичност, како и типична сординирана инструментална звучност. Особено светла точка на делото беше исклучителната изведба на виолончелистот Јакуб Гајовник, кој од инструментот успеа да извлече извонреден тембров спектар.

Претпоследната композиција на вечерта беше делото на македонската авторка Валентина Велковска – Трајановска. Композиторката со делото „Преобразување“ докажа дека компонира на начин кој што на гудачкиот квартет му е „врежан во кожа“. Иако е најтешко да се пишува токму за гудачки квартет, бидејќи тој како е всушност „дестилирана“ симфонична форма, лишена од сите „разубавувачки“ елементи што ги овозможува боењето со различните инструментални групи, квартетот во нејзината композиција заблеска со згуснувањето и разводнувањето на мотивите.

Во делото „Поломка за гудачки квартет“, Исидора Жебељан претходно споменатите елементи на музичкиот јазик дојдоа уште повеќе до израз, особено во интерпретацијата на квартетот. Темпераментното дело се одликува со широка хармонска структура со препознатлива тема и нејзини варијации. Динамичната и зрела хармонска структура на делото, на изведувачите им даде самостојна и важна улога - целосно развиените поединечни инструментални делници не само што се дополнуваа меѓусебно, туку и ја збогатија, односно избалансирано ја комбинираа, остварувајќи извонредна драматичност. Квартетот во завршната композиција на вечерта беше потполно раздвижен во спојот на виртуозниот и драматичен патос.

Маја Јуванц

Оригиналниот текст е достапен на следниот линк.