Филип Иванов и Дамјан Темков - композитори кои творат прекрасна музика

Авторските концерти на македонските композитори, кога се надвор од рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“, се вистинска реткост. Единствено, доколку тие не се врзани за некаков повод - јубилеј, на пример. Современото македонско композиторско творештво е по инерција споено за споменатиот фестивал кој децении наназад ја негува таа практика, а мошне ретко или скоро никогаш нашите автори се „дрзнуваат“ да отстапат од воспоставената културна практика и да зачекорат самостојно. Можеби за тоа има повеќе причини, но секако дека перцепцијата е сосема поинаква кога се зема во предвид поголем дел од креативниот труд на одреден автор и доживувањето за неговиот уметнички хабитус е целосно.

На почетокот на овој месец, на 5 мај во Музејот на град Скопје, се одржа еден таков концерт кој, на изненадување, привлече навистина голем број на публика. Изненадување, затоа што концертите на современа музика кај нас се уште се примаат како нешто езотерично. Станува збор за концертот на двајцата композитори - Дамјан Темков (1981), кој е веќе афирмиран и кој повеќе од една деценија е присутен на музичката сцена како автор и Филип Иванов (1992) кој, иако и припаѓа на најмладата генерација македонски композитори, зад себе има богат опус, а и неговата активност на сцената е видлива особено во последниве две години.

Темков и Иванов, иако генерациски ги двои една деценија уметнички пат, и припаѓаат на онаа композиторска струја која се потпира на традиционалните вредности - оние типични за западната класична школа, но и оние стекнати, вродени, преземени и негувани на нашето поднебје. Ако го земеме во предвид она што го слушнавме вечерта во Музејот на град Скопје, концерт со добро конципирани дела и со навистина импресивна структура, тогаш онака „на прва“ може да се заклучи дека Темков и Иванов не ја следат слепо т.н. музичка „модерна“. Поточно, не размислуваат по секоја цена да ги опфатат музичките правци на времето кое што го живееме, да создадат ефект поради ефект, да „копаат“ по некоја новина во творечко-технолошки поглед, да размислуваат за прогрес без мотив, или идејно-естетски да се „борат“ со минатото со цел да истражуваат нови изразни музички мигови. Напротив, и двајцата се насочени кон традиционалниот аспект на размислување, а сепак, посветени се на нови творечки хоризонти во смисла, го рефлектираат она што го живеат, и со тоа и нивните мисловни ориентации се прифатливи за слушателите. Тоа значи, и двајцата ја следат традиционалната школа, не го избегнуваат она што е врежано како колективна звучна меморија типична за нашето поднебје. Иванов и Темков очигледно, создаваат музика каква што и самите сакаат да ја слушаат, како што во суштина и треба да биде кога настапува слободата надвор од академијата, музика која црпи влијание од минатите учители, но која носи индивидуален печат, која носи порака, која носи, колку и да звучи клише, убави мелодско-хармонски изблици.

Затоа, добра беше идејата Темков и Иванов да ги соединат своите креативни капацитети и да создадат единствена концертна целина. Концертот, освен што донесе убава творечка енергија, беше успешен и поради оние кои се најдоа на сцената како изведувачи, извонредните: Марија Вршкова и Анастасија Грговска, пијано, Гонца Богоромова Краповски - сопран, Владимир Костов и Мартин Димитров, виолини, Бојан Талески, виола и Паскал Краповски, виолончело.

Уште на самиот почеток, всушност, се навести и звуковната рамка која следеше понатаму во течението. Концертот почна со македонската премиера на делото „Скерцо“ за четирирачно пијано од Филип Иванов, која пленеше со својот енергичен, брз и токатен карактер, а кој го оправдува и самиот наслов. Делото е напишано во духот на неокласицизмот и е обликувано во рамките на триделна форма, а инспирацијата Иванов ја нашол во Сонатата за четирирачно пијано од македонскиот влијателен композитор Томислав Зографски. Следеше веќе изведуваната композиција на Дамјан Темков, неговата „Охридска пастрмка“ за пијано создадена во 2015 година. Ова е едно од поновите дела на Темков кое е идентично со некои негови претходни, а кое е специфично по минималистичкиот израз и спојот на фолклорните мотиви земени од песната „Кога тргнав Цвето“. Карактерот е изразен преку постојана моторика која се јавува како придружба наизменично префрлајќи се во различни регистри. Делото завршува во состојба на замирање... Следуваше уште една негова веќе позната и исклучителна композиција -„Надеж“, циклус песни за сопран и виолончело. На текст од големиот Блаже Конески, делото се состои од три песни - „Ружа“, „Служба“ и „Песна“, кои се обединети во една целина. Овде е интересен мелодискиот развој кој постепено се движи кон импресивна кулминација, но силен впечаток остава навистина суптилната и јасна, разговетна коресподенција меѓу поезијата и звукот. На ова дело се врза исто така впечатливиот „Циклус соло песни“ за сопран и пијано од Филип Иванов, кој е исто така напишан на стихови од Конески, а во кој соло песните контрастираат меѓу себе по својот карактер и темпо.

Концертот продолжи со композицијата „Клавирско трио - 25.713“ од Темков, составена од три инвентивни става. Секој од нив, е инспириран од Македонија, односно од површината на квадратни километри на државата која изнесува 25.713. Првиот став се карактеризира по тоа што е присутна една албанска песна, вториот по македонска песна, додека третиот е напишан во минималистички манир и црпи инспирација од западната традиција. „Гудачки квартет бр.1“ за две виолини, виола и виолончело од Иванов ја доживеа македонската премиера. Делото е создадено во 2015 година и наградено на конкурсот за класична музика од страна на Министерството за култура, а станува збор за навистина добро занаетски изработено дело. Трите класични става (брз-бавен-брз) контрастираат меѓу себе. Првиот е обликуван во рамките на традиционалната сонатна форма (експозициско спротиставување на два тематски материјали, нивна разработка и репризно обединување), вториот се одликува со лирски карактер и во него се проткајуваат македонски фолклорни мелодии, додека третиот став е рондо во кој се јавуваат тематски материјали од првите два става за да може да се заокружи целиот циклус. Крајот на концертот го красеше „Y TO MY GTI TURBO PRIDE NO.2“ за четирирашно пијано од Дамјан Темков, кое претставува дел од циклусот три токати за четирирачно пијано (почнат во 2005 година како прво четирирачно дело напишано во Македонија). Составена е од неколку различни делови кои тематски се надоврзуваат еден по друг и сите користат елементи од претходните.

Тина Иванова