Сојузот на композитори ги додели традиционалните годишни награди

Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ ги додели традиционалните годишни награди од областа на современото музичко творештво и исполнителство. 

Наградата ,,ПАНЧЕ ПЕШЕВ“ која претставува највисоко професионално признание кое Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ го доделува  на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните музички достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата во текот на една година, за 2016 година се доделува на  музиколозите ЕЛЕНИ НОВАКОВСКА и ЈУЛИЈАНА ПАПАЗОВА за монографијата МАЕСТРО АЛЕКСАНДАР ЏАМБАЗОВ, ЖИВОТ НИЗ СЕЌАВАЊА, АФОРИЗМИ, СЕНТЕНЦИИ, издание на Центарот за музикологија - ЦЕМ од Скопје.

Образложение
Монографијата го прикажува животниот и творечкиот пат на Џамбазов. Содржината е поделена во три централни делови: биографија; професионални активности (диригент, композитор, аранжер, организатор, општествен деец) и музичка анализа на творештвото. Овој темелен, квалитетен и обемен музиколошки труд има огромно значење и поради тоа што овозможува да се запознаеме не само со активностите на Џамбазов, туку и со историјата на македонската музичка култура.
 
НАГРАДАТА „ГЕОРГИ БОЖИКОВ“ која Сојузот  на композитори на Македонија – СОКОМ  ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во текот на една година, за 2016 година се доделува на Гудачкиот квартет „МИВОС“ од САД.
 
Образложение
Гудачкиот квартет  МИВОС
го сочинуваат виолинистите Оливија Де Прато и Такао Хјакутоме, виолистот Виктор Лори и челистката Мариел Робертс, сите дипломци на програмата Мајстори за современа изведба на Школата за музика на Менхетен. Основната премиса на нивната мисија се нарачките на композиции што резултираат со премиерни изведби, па така во портфолиото на МИВОС сега се вбројуваат и македонските дела „Распеви“ од Гоце Коларовски, „Имплозија“ од Маријана Јаневска и „Празнината“ од Валентина Велковска – Трајановска.  Настапот на квартетот МИВОС на „Деновите на македонска музика“ домашната критика го оцени како „исполнителско мајсторство со интонативна прецизност, способноста за постигнување на различни звучни спектри и ефекти, солидната изведувачка техника“.

Наградите на добитниците ќе бидат врачени на завршиот концерт на „Деновите на македонска музика“ со Македонската филхармонија, вечерва (13 април) во 20 часот во концертната сала на Домот на АРМ.