Рецензија: Private Music - концерт на Кокан Димушевски

Кон концертот „Private Music" на Кокан Димушевски на 25 март 2018 

Третата вечер на фестивалот за промовирање на домашното современо музичко творештво „Денови на македонска музика“, беше посветена на најновите творечки остварувања на Кокан Димушевски.  Еден од попродуктивните, интересни музички ликови, Димушевски во својата повеќедецениска работа поминува низ неколку фази почнувајќи од периодот на почетоците на Леб и сол односно прогресив-рок или фјужн фазата, преку џезот како втора и современата (електронска или електроакустична) музика како трета генерална фаза на работа.

Концертот  се одржа во веќе пропознатливиот простор во Музејот на град Скопје кој повеќе години наназад е дел од фестивалот, а беше преполн со публика од разни генерации и профили. Практичниот дел беше препуштен на Кокан Димушевски – електронски инструменти и на Љубиша Кировски – виола. Премиерно беа изведени трилогија на „Private music“ (бр.1, 2016, бр.2, 2018 и бр.3, 2018), а помеѓу втората и третата приватна музика на Димушевски се промовираше „Скама“ (2018).

На концертот имаше комбинација на електронски и акустични инструменти кои донесоа испреплетени обликувани музички задоволства или успешна интеграција на акустични звуци со електрични инструменти, процесори или снимани звуци. Композициите на Димушевски претставуваат и пресек на негови епизоди од животот смислата на постоењето, неговиот интерес за метафизиката односот на душата и универзумот. Тоа беше поткрепено и со цитати или наративност на пример во „Private musicбр.1 за моментот на напуштање на овој свет, или воPrivate music“ бр.3, беше вклучен цитат на Стивен Хокинг, негови ставови за човештвото, глобалните граѓани, универзумот. Звучните ефекти низ концертот нудеа асоцијации на: пловење, тонење, мистериозност, спиритуалност, односно креираа треперлива звучна панорама и бројни асоцијации. Вариететите на тимбровите на сајзерот во дует со виолата, креираа сигурен однос помеѓу препознатливата поделба на акција и одговор или прашање и одговор.

Во целина музичката база на изведените композиции претставува “пастиш“ движејќи се меѓу современата, електронска, минималистичка, амбиентална и џез музика. Структурата на делата е добро осмислена, разновидна, јасно заокружена. Делата контрастираа во мелодискиот развој, регистар, ниво на ритмичка активност, движејќи се низ просторот од густи кон поретки секции очекувано кон завршните делови. Двата или три слоја на делници беа креирани градуално, од високи кон ниски тонови, нежни далечни звуци, филтрирана бука, суптилна употреба на електрониката, раздвижени со солата на Димушевки или Кировски. Со својата “амплифицирана“ виола, Кировски убедливо ги обликуваше музичките фрази во разни регистри (на пример минималистичка хипнотична атмосфера со долгите ноти во „Private music“ бр.3), допринесувајќи за реализацијата на подобро доживување на музиката, секако и за освежување на сопствениот интерпретациски репертоар. Од друга страна, до израз дојде солото на Димушевски во третиот дел на „Private music“ бр.2, во џез стил или солото во „Скама“ во амбиентална верзија. Евидентните аспирации беа ширени и трансформирани во континуитет, постепено градејќи ја комплексноста и транквилниот интроспективен тек на музиката на Димушевски.

Јулијана Папазова