Рецензија на концертот на клавирското дуо на Ансамблот „Артворк“ на ДММ 2018

Концертите за пијано дуо години наназад се поретки на концертниот репертоар локално но и на глобално ниво. На ДММ ја имавме една од ретките шанси да слушнеме музика во живо за пијано дуо (четирирачно и за две пијана), со селектиран репертоар од светската и домашна современа музика од: Ѓерѓ Куртаг, Игор Стравински, Петер Етвош, Томислав Зографски, Јана Андреевска, Александар Пејовски и Костадин Делиниколов. Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ се познати на нашата публика како солисти, но и како членови на ансамблот за современа музика „Аrtwork“, оформен во Германија во 2004 г. Повеќегодишната посветеност на изведба на современи дела на Елзесер и Лечиќ, интересната селектирана концертна програма, продуктивната координација во изведбата се едни од елементите, кои допринесоа да проследиме одличен концерт во преполната концертна сала на ФМУ, со публика расположена да слушне добра изведба на современа музика. Исто така, Елзесер и Лечиќ беа посветени на секое дело енергично, агилно и ефективно.

Композициите не' движеа назад напред низ стеблото за музика за две пијана (или пијано четирирачно), нудејќи одвоено доживување но, и пронаоѓање на одредена поврзаност на дел од композициите, нивното создавање инспирирано од музичкото минато: Барток, Бах или Скарлати. Синтезата се движи меѓу радикалните експериментирања на авангардата и на каноничниот репертоар (на пример кај Куртаг), но и меѓу фокусот на културни симболи, мешање на неколку слоја на традицијата или пак сложен дијалог со минатото. Она што исто така го задржа вниманието на концертот е продлабоченото разбирање на изведените дела и добриот редослед на делата според нивната структура и време на траење од пократки, односно поделени во неколку кратки различни делови или ставови како „Од Јáтéкок“ од Куртаг, „Пет лесни пиеси“ од Стравински, па до подолгите „Космос“ од Етвош и „Соната“ од Зографски, заедно со останатите беа многу добро распределени во програмата. Концертот се отвори со „Од Јáтéкок“ за четирирачно пијано, од Куртаг, дело започнато во 1973 г. но се уште е во прогрес на создавање, до денес е објавено во 9 тома, (дел за соло пијано дел за пијано дуо). На концертот беа изведени селекција на неколку кратки пиеси од четвртиот том. Концептот на овие игри може да се гледа од разни страни, во изведбата имаше идеја на  “игривост“ третирајќи го пијаното и како играчка и истражување на што е можно повеќе движења, но и доловување на пристапот на Куртаг а тоа е спонтан емотивен пристап кој одбива празнина и фриволност.

Втората изведена композиција од Пејовски „Black raindrops upon the flower blossoms“, за вибрафон и за две пијана (2008), донесе звучно освежување. На вибрафон свиреше Антоние Весковски. Тројцата изведувачи со добар баланс меѓу звукот на пијаната и вибрафонот ги креираа двата главни темски материјали (смирен и динамичен, дожд и сонце итн), кои се менуваа наизменично. „2.2.4 ТО 4.4.2“ за четирирачно пијано, (2014), е игра со музика, зборови или бројки на композиторката Андреевска, дело кое го продолжува препознатливиот стил на Андреевска,  јасност во креирањето и воедно во следењето на музичката приказна на делото. Ритмичикот пулс од почетокот на „2.2.4 ТО 4.4.2“ произлегува од постаро дело на Андреевска „Study for Prepared Piano“, а истовремено Андреевска во создавањето на делото е под влијание од творештвото на Бах и Скарлати. Елзесер и Лечиќ го обликуваа сигурно технички, музички, и со многу динамичност ги проследивме брзиот дел со набиен акордски повторувачки пулс  и контрастниот минималистички дел со повторување на еден тон кој доминираше кај примо пијано, а кој нуди повеќе асоцијации.

„Космос“ за две пијана (1961/1999), од Етвош е инспирирано од познатото дело „Микрокосмос“ на Барток и од првиот лет во вселената на Јуриј Гагарин кој се случил истата година кога се создава „Космос“. Самата идеја, претставуваше сугестија во доживувањето. „Космос“ се одликува со ударен третман на инструментот, впечатлив вибрирачки мотив со кој се отвора делото убедливо цик-цак и во ехо ефект беше развиен од Елзесер и Лечиќ надополнет со нерегуларниот ритам, па потоа следеше избалансирано стишување на самата структура, се до одличното креирање на кодата која е нежна верзија на почетниот енергичен мотив.  

После „Космос“ следеше изведбата на „Пет лесни пиеси“ за пијано четирирачно (1917). Првенствено оваа композиција не била наменета за концертна изведба туку за едукативна цел за децата на Стравински. Делото е напишано во период кога се уште е во тренд  да се пишуваат детски пиеси (Шмит, Дебиси, Равел, Сати). Сите пет пиеси: „Анданте“, „Еспаљола“, „Балалајка“, „Наполитана“ и „Галоп“ беа второто музичко освежување, тие се ривајвал на француската, медитеранската и словенската култура. После смирената прва пиеса следеше остра изведба на „Еспаљола“, потоа омилената „Балалајка“ на Стравински со исклучително јасно водење на мелодиската линија во горниот регистар, па разиграниот тарантелски пулс во „Наполитана“, кој се надоврза атмосферски во последниот дел „Галоп“.

Делото „Четири става од Стонога“ за две пијана (2001), на Делиниколов, е истражување на целокупната клавијатура, можностите на пијано инструментот (воедно Делиниколов е и пијанист), сонорност, наспроти брзите нагорни и надолни арпежа на пример. Самата композиција е дел од збирка на 12 пиеси кои може да се изведат и со друга комбинација на инструменти, а не само со две пијана. Концертот се заокружи со „Соната“ за две пијана (1990), од Зографски, изведена со силна енергија, тешки акценти, разбиени со вториот посмирен став, односно сигурно меѓусебно креирање на трите ставови и ефектно заокружување на концертот.

Јулијана Папазова