Рецензија: Музика може и да се гледа

Идејата да се оплеменат некои од т.н. концертни простори во Скопје, а кои во суштина и не се наменети за музички настани, да се создаде амбиент во кој музиката може да се слуша (гледа) и на малку поинаков начин, понекогаш да му се даде на звукот различна функција во конекција со други уметнички изрази, беше реализирана на Концертот на млади насловен „Монохроматика“ кој се одржа прексиноќа во Даут пашиниот амам. Претесна беше салата да ги собере сите оние кои дојдоа на овој навистина интересен настан, затоа и голем дел од посетителите се обидоа да ја слушаат музиката, колку што беше тоа возможно, од надвор.

Првиот впечаток секако беше алтернацијата на просторот - инструментите (сцената) поставени во круг маркиран со огледала низ кои се рефлектираа инвентивните светлосни ефекти. Тоа можеше да се доживее како асоцијација на танц на светла со звучни аликвоти, или да се размислува за кругот како симбол на единство и бескрај, заедништво, перфекција или револуција, нешта кои ги карактеризираа и изведените композиции таа вечер, и секако младите изведувачи.

Прозвучеа дела на композитори од различни генерации - Тодор Скаловски („Приспивна“, за сопран и пијано) и Драгослав Ортаков („Таурус“, за перкусии и пијано), автори кои ги поставија темелите на македонската современа музика, вториот од нив и на електронската, потоа на композитори кои иако се млади, веќе се длабоко навлезени во магијата на творештвото, можеби повеќе од две децении - Дарија Андовска („Молитва“, за сопран и пијано), Александар Пејовски („Glassless Sakamotional“, за пијано), Горан Начевски („7 звуци на осаменост“, за пијано), како и најновите творби на новата генерација композитори кои неколку години наназад ги претставуваат своите дела на Деновите на македонска музика - Андреј Блажевски („Акварели“, за пијано), Маријана Јаневска („Виолетова визија“, за пијано), Никола Коларовски („Како што сеќавањата бледнеат“, за пијано), Ангел Спироски („Permafrost“, за пијано) и Антоние Весковски („Rapids“, за перкусии). Автори на креативната визуелна инсталација, пак, беа Ема Велковска и Ангела Стефановска. И покрај временската детерминираност на создавање на делата, се чини како тие да поседуваа врзивна стилска нишка и во целиот тој магичен амбиент се создаде интересна средба на времето и просторот. Слушнавме дела пишувани во традиционален стил, дела со експресионистички израз, некои експериментални, некои со влијание од старите мајстори, некои со тенденција да го редефинираат траењето, мелодијата, ритамот, некои налик на синестетско патување низ убави реални и надреални предели...

Но, она што беше најважно, е што на концертот се чувствуваше љубов. Спој на пријателство, музика, елан и ентузијазам. А, таа енергија ја донесоа особено изведувачите, младите студенти од Факултетот за музичка уметност, талентирани музичари со очигледно јасна визија за еклектичноста на современата музика, со силна желба за откривање на нови музички хоризонти - прекрасните Ива Дамјановски, Ема Ананиевска, Тамара Коминовска - пијано, Верица Ајтовска - виола, Антоние Весковски - перкусии, Ивана Стојановска - сопран.

Проектот „Монохроматика“ беше успешна соработка на студентите од Факултетот за музичка уметност, Машинскиот и Архитектонскиот факултет, нивна самоиницијативна организација, со цел, како што и самите ќе кажат, да се интензивира уметничкото доживување на публиката на концертите на класична и современа музика преку вклучување на вонмузички елементи. Оваа прекрасна синергија на звуци, бои, светло, сценографија, и тоа како треба да биде репер за тоа, како можат во иднина да „звучат“ современите дела на ДММ. Тоа не е прогресивност, не е нешто што не е практикувано, а сепак е придонес кон рушење на зидините меѓу композиторот-изведувачот-публиката, значи слободна интеракција со идеја да се прифати современата музика без предрасуди.

Тина Иванова