Реакција: За херојство е потребна поголема пожртвуваност

(Реакцијата на Претседателството на СОКОМ, испратена до македонските медиуми на ден 5.5.2016, по повод шпекулациите во јавноста околу одлуката за недоделување на наградата „Трајко Прокопиев“ за 2015. година)

Почитувани,

По повод објавените инфомации во печатените медиуми, Претседателството на Сојузот на композиторите на Македонија ја демантира информацијата дека композиторот Димитрије Бужаровски ја одбил наградата на Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ за животно дело „Трајко Прокопиев“. Напротив, комисијата донела одлука наградата да не се додели оваа година, што не е невообичаена пракса, бидејќи наградата најчесто се доделува на композитори со заокружен творечки опус, а такви оваа година беа малкумина.

Претседателството на СОКОМ не е упатено дали комисијата, пред да донесе конечна одлука, имала претходни разговори или консултации со поединечни автори кои евентуално биле земени предвид (вклучително и со Бужаровски). Но, без разлика на принципот на нивната работа како независно тело, комисијата (во состав: Александар Џамбазов, проф. Благој Цанев и проф. Стојан Стојков) донела едногласна одлука наградата оваа година да не биде доделена.

Да биде уште појасно, би сакале да истакнеме дека наградата „Трајко Прокопиев“ (која има традиција долга неколку децении), како највисоко еснафско признание во земјава го доделуваат самите членови на СОКОМ, (меѓу кои сè уште е и композиторот Димитрије Бужаровски), а не Министерството за култура или некоја друга институција. Особено затоа, го сметаме за крајно неумесен чинот на нивна злоупотреба (на наградата и на СОКОМ) за политички маркетинг.

Да нагласиме и дека Сојузот на композиторите на Македонија е исклучиво еснафско здружение, во чиешто членство се вбројуваат приврзаници на најразлични политички опции, истакнати членови кои се дел од пленумски состави, учесници во протести и контрапротести, академски музичари со интегритет кои јавно го искажуваат својот граѓански или политички став преку медиумите и социјалните мрежи. СОКОМ никогаш не ги спречува во ваквите општествени ангажмани, ниту ги санкционира или дискриминира на кој било начин.

Дека политиката нема суштинско влијание во креирањето на програмата и тековните активности на СОКОМ, потврдува и фактот дека сите членови на СОКОМ (без исклучок), на посреден или непосреден начин ползуваат средства од државниот буџет кој го менаџира актуелната власт (преку Годишната програма на Министерство за култура за финансирање на проекти од соодветната област), како што впрочем тоа било пракса и во минатото, без разлика на тоа кој го раководи ресорното министерство, но и кој го раководи СОКОМ. Тоа е всушност главниот извор на финансирање на здружението, без кој не би било можно неговото делување. Со оглед на тоа дека една од нашите континуирани заложби е подобрувањето на статусот на професионалните композитори во општеството, без разлика на нивната политичка, верска или друга припадност, до сега не сме имале случај некој наш член да одбие учество во активностите, и тоа поради несогласување со политиката на актуелната власт. Но, затоа, пак, секогаш била отворена и користена можноста за посочување на сите добри и лоши аспекти на културните политики и истите биле отворено дискутирани од целото членство, преку редовните состаноци на Претседателството и Собранието на СОКОМ, како и на бројни јавни дебати.

Ова подеднакво се однесува и на колегата Бужаровски, кому сè до оваа реакција во медиумите, не му пречеа ниту бројните изведби на неговите дела финансирани од актуелното ресорно министерство, ниту побараната и дадената поддршка од СОКОМ при неговото аплицирање за членство во МАНУ, ниту јубилејните авторски концерти, доделената и прифатена награда „Панче Пешев“ (доделена исто така од СОКОМ пред неколку години), бројните реализирани аудио и видео снимки зад кои стои СОКОМ кои сé уште стојат на неговата веб страница итн. Оттука, иако ја поддржува неговата професионална дејност, Претседателството на СОКОМ остро ја осудува неговата (директна или индиректна) злоупотреба на нашето еснафско здружение во кое сите членови уживаат подеднакви права без разлика на нивните определби. Затоа, порачуваме дека за „вакво херојство“, кое по дефиниција подразбира исклучителна храброст, потребно е многу поголема пожртвуваност од наводното „одбивање“ на стручна награда која има финансиска вредност од една просечна плата, но според името кое го носи и според престижната листа на добитници, има голема морална и професионална вредност. Затоа, нашето здружение води посебна сметка кому ќе му биде врачена.

 

Со почит,

Претседателство на СОКОМ

М-р Сони Петровски (претседател)

Марко Коловски (член)

М-р Јана Андреевска (член)

М-р Бранка Костиќ-Марковиќ (член)

М-р Валентина Велковска-Трајановска (член)

Кокан Димушевски (член)