Привилегија е да се биде дел од денешната современа музичка сцена

„Најголемата борба и предизвик во денешно време е современата музика да добие статус, да се издигне на институционално ниво и континуирано да добива финансиска поддршка од државата. Промотерите на современата музика, институциите и креаторите на културните политики мора да разберат дека имаат обврска да им понудат можности и простор на композиторите да творат, и постојано да го прошируваат репертоарот на сопствените куќи со нови проекти.“ – вели пијанистот и основач на ансамблот за современа музика „Меитар“. Реномираниот состав од Израел за прв пат ќе гостува во Македонија во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“ и во вторник на 3 април ќе изведе концерт во Камерната сала на Македонската филхармонија Ансамблот ќе настапи во трио состав: Амит Долберг на пијано, Моше Ахаронов на виолина и Јони Готлибович на виолончело и ќе изведе дела на македонски и израелски композитори.

На 3 април, во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“ ќе одржите концерт со Ансамблот Меитар. Програмата вклучува и три дела на македонските композитори Ангел Спироски, Михаило Трандафиловски и Валентина Велковска Трајановска, од кои првите две ќе ја доживеат својата премиера токму оваа вечер. Дали е ова ваша прва средба со македонските композитори? Дали постои музичка нишка што ги поврзува овие и останатите дела од програмата?

А.Д. Да, ова е наша прва средба со творештвото на македонските композитори. Навистина сме среќни и со нетрпение чекаме да ги запознаеме и да работиме со нив. За нас е особено важно да воспоставиме директен контакт со композиторите бидејќи веруваме дека на на тој начин навледуваме подлабоко во суштината на музиката и создаваме длабока и значајна интерпретација. Програмата на концертот е многу енергична, интересна, џезовска на некој начин. Мислам дека публиката ќе биде изненадена од сличноста во музичката експресија на сите шест композитори.

Ве сметаат за еден од водечките изведувачи на современа музика во Израел, кој премиерно извел бројни соло и камерни дела на концертните сцени ширум светот. Дали се согласувате со мислењето дека за денешните музичари е важно да ја вклучат современата музика во својот репертоар?

А.Д. Лично мислам дека е многу важно за еден музичар најпрвин да го совлада класичниот репертоар. Сите ние во ансамблот потекнуваме од класичната музичка традиција и дисциплина, која многу ја цениме. Истовремено сме љубопитни за новите начини за музичка експресија и интерпретација, постојано истражуваме и свириме нова музика. Никогаш не може да знаете каде и кога ќе го пронајдете следниот глас, следниот голем композитор, и затоа мое мислење е дека треба да се биде скромен и да се создаде вистинската атмосфера за современите автори да можат да создаваат, да се изразуваат себеси, да ризикуваат, а со тоа и напредуваат во својата работа. Изведувачите од друга страна имаат огромна одговорност не само да гледаат назад и да ги изведуваат ремек делата од музичката историја, туку и да гледаат и напред, да покажат ентузијазам за новата музика и да бидат доверливи партнери на денешните композитори. 

Следното прашање сум го поставила и на други уметници, ваши колеги што во изминатите изданија гостувале на фестивалот. Нивните одговори се секогаш интересни и будат размисла. Повеќе уметници и критичари во светот го делат мислењето дека концертниот формат треба да биде пофлексибилен за да се прилагоди на илјадниците форми на нова музика, со што би досегнал до нова публика. Постои мислењето дека музиката долго време била лимитирана на единствен, универзален формат. Какви се вашите размислувања во однос на начините на презентација на современата музика?

Секогаш треба да имаме на ум дека музиката е најважното нешто. Кога мислиме на музиката, добиваме слобода во размислувањето, во експериментирањето и наоѓањето нови начини за комуникација со публиката. Во следната сезона нашиот ансамбл ќе работи на нов мултимедијален проект во соработка со Neue Vocalsolisten од Штутгарт кој вклучува две нови дела од композиторите Сара Немцов и Офер Пелц, заедно со дизајнерот на светло Омер Шеизаф. Проектот го нарековме „Граници“ (Borders). Во него ќе ги истражуваме границите помеѓу двата ансамбла, границите помеѓу двата автори, помеѓу ансамблите и публиката, сцената, концертната сала. Во сите наши размисли, музиката е центарот на креативниот процес од каде потекнува се. Друга продукција на која работевме изминатите две години која ги поместува звучните, просторните но и мисловните граници на музиката е соничната опера од композиторот Јувал Авитал за ансамбл, видео и електроника, инспирирана од неодамнешната бегалска криза која го погоди целиот свет. 

Ансамблот Меитар е основан во 2004 година како музички колектив посветен на изведба и промоција на нова музика. Од Тел Авив, Ансамблот настапил во некои од најпрестижните концертни сали ширум светот (Центарот Помпиду во Париз, Перселовата соба во Лондон, Московскиот конзерваториум, Универзитетот Јеил, Венециското биенале за современа музика, фестивалот „Sound Waves“ во Санкт Петербург, Frueling Festival во Хајделберг и други. Уште поимпресивен е фактот што во изминатите десетина година Ансамблот нарачал и извел преку 200 нови дела, The New York Times особено ја истакнува „извонредноста, грациозноста и прецизноста“ во музицирањето. Кои се, според вас, квалитетите што во однос на звукот и интерпретацијата го издвојуваат Ансамблот Меитар од останатите ансамбли за современа музика во Израел, или дури и во светот?

А.Д. Ансамблот Меитар е едно големо семејство во кое се почитува мислењето на секој поединец и каде сите заеднички ги донесуваме одлуките во однос на тоа што ќе се изведува, со кого ќе се настапува, каде ќе се настапува и тн. Сите имаме голема почит еден кон друг, добро се познаваме и знаеме како да ја одржиме креативноста на високо ниво. Пред 14 години во Израел одлучивме да создадеме нова сцена во која ќе постојат нови правила. Во еден таков амбиент композиторите со кои соработуваме добиваат простор, шанса но и мотивација да експериментираат, да пробуваат различни нешта во звукот, па и да прават грешки. Во текот на годините создадовме интимна и длабока врска со многу композитори. Континуирано работиме и со млади музичари, реализираме резиденции на Музичкиот конзерваториум во Тел Авив, на фестивалите CEME Tel Aviv и SASA, како и на Академијата за музика и танц во Ерусалим каде сите ние предаваме во рамките на програмата за современа музика Tedarim. Исто така, реализираме голем број снимки, што според нас игра одлучувачка улога за понатамошниот живот на композициите. Во целиот тој процес константно комуницираме и со публиката која години наназад го следи ансамблот. Нејзината реакција е од витално значење во нашата работа. (повеќе на https://www.youtube.com/watch?v=f7sNBv9XzWo&t=10s и https://www.youtube.com/watch?v=8aJM8MEocQ8)

Интересен податок што го забележав во биографијата на Ансамблот е историскиот настан во 2010 година, кога заедно со неколку реномирани германски музичари изведовте концерт на местото каде неславната Wannsee конференција беше одржана 67 години претходно. Од настанот беше реализиран и документарен филм, насловен „Снимките од Wannsee“, во режија на Емре Амрам Сонмез, кој истата годна ја освои „Сребрената палма“ за најдобар документарец на Интернационалниот филмски фестивал во Мексико. Дали можете да ги споделите вашите искуства како дел од овој уникатен проект?

А.Д. Тоа беше навистина интензивен и емотивен ден. Снимавме цел ден на ова чудно место, на истата локација каде децении претходно беше донесена одлука да се убијат милиони луѓе. Сите имаме баби и дедовци кои ги преживеаа логорите. За нив, но и за сите кои ги изгубивме, чувствуваме дека преку овој проект придонесовме нешто значајно во нивна чест. (филмот е достапен на следниот линк: http://www.cultureunplugged.com/documentary/watch-online/play/10539/Am-Grossen-Wannsee--The-Wannsee-Recordings)

Ансамблот Меитар е иницијатор на оригинален едукативен проект за млади уметници наречен Тедарим, кој на младите исполнители, диригенти и композитори од Израел им дава можност за едуцирање, истражување и изведба на современа музика на професионално ниво. Друг посебен музички програм за деца „Каква е таа бука?“ инициран од ваша страна и од страна на вашите колеги наиде на огромен успех во Израел. Вие сте исто така предавач на Академијата за музика и танц во Ерусалим и е очигледно дека чувствувате голема страст за будењето и негувањето на интересот и пасијата на младите музичари за современата музика. На кој начин мислите дека современата музика треба да им се предава на младите?

А.Д. Тоа е навистина тешко прашање. Едноставен одговор е дека современата музика треба да се предава на ист начин како класичната, едноставно како музика што се сака, почитува и во која се верува. Сите ние ја сакаме новата музика и се трудиме тоа чувство и ентузијазам да им го пренесеме на студентите. На тој начин го предаваме солистичкиот и камерниот музички репертоар, настапуваме на концерти заедно со студентите, на часовите на Академијата посветуваме многу време и на музичката наука и истражувањето. На студентите се обидуваме, без разлика на која возраст се, да им ја пренесеме целокупната идеја за современата музика. Денес во современата музика се случуваат толку интересни нешта и концепти, привилегија е да се биде дел од сето тоа, и да се пренесува знаењето на помладите генерации.  

Кои се најголемите битки и предизвици со кои се соочуваат израелските музичари, диригенти, композитори и музички промотори денес и на кој начин се справувате со нив?

А.Д. Современата музичка сцена во Израел е се уште млада. Градиме речиси од ништо. Се разбира, ние како ансамбл не сме единствените во таа борба, тука се и многу други групи кои се дел од неа, а во однос на вашето прашање – денес најголемата борба и предизвик е современата музика да добие статус, да се издигне на институционално ниво и континуирано да добива финансиска поддршка од државата. Исто така, самите промотори на современа музика, институции и креатори на културни политики мора да разберат дека имаат обврска да им понудат можности и простор на композиторите да творат, и да го прошират репертоарот на сопствените куќи со нови проекти. По 14 години поминати со Ансамблот Меитар, среќен сум да кажам дека музичката сцена во Израел е на вистинскиот пат. Се разбира, се уште може многу да се направи, но сите ние во Ансамблот и нашите колеги музичари имаме верба и оптимизам.

Дојрана Прокопиева