Претставување на творештвото на Томислав Зографски во Полска

Творештвото на композиторот Томислав Зографски изминатово лето доживеа своја промоција во Полска, на иницијатива на Фондацијата „Томислав Зографски“.

Имено, на прием кај Деканот на Музичката академија „Карол Шимановски“ во Катовице, проф.д-р Витолд Заборни, г-ѓа Панда Зографска-Беличанец во име на Фондацијата „Томислав Зографски“ ѝ подари на библиотеката на Академијата партитури, снимки, монографијата за Зографски и други прилози на полски јазик за творештвото на Зографски кои се дел од културното наследство на Република Македонија. На 29 мај на реномираниот Универзитетот за музика „Фредерик Шопен“ во Варшава се одржа свеченост на која беше претставен композиторскиот опус на Зографски, и неговата поврзаност со полските музички уметници, а беа изведени и две негови дела: Рапсодија за виолина и пијано со Корнелија Фигелска на виолина и Адам Миколај Годжиевски на пијано и Пет пиеси со Ристо Ѓоревски на кларинет. По свеченоста, Директорката на Фондацијата г-ѓа Панда Зографска-Беличанец, на Ректорот на Универзитетот проф. д-р Клаудиуш Баран му врачи Повелба за Почесен член на Фондацијата, а на библиотеката на Универзитетот ѝ подари партитури, снимки, монографија за Зографски и други прилози на полски јазик.

На Музичката академија „Карол Шимановски“ во Катовице, во јуни оваа година пак, виолинистката Агата Кмак со успех ја одбрани магистерската тема „Творештвото на македонскиот композитор Томислав Зографски“ под менторство на афирмираниот полски виолинист, проф. Шимон Кшешовиец.