Премиерна изведба на новото симфониско дело на Дамјан Темков со Македонската филхармонија

Утревечер (12 мај), Македонската филхармонија, во рамки на концертот „Алхемија“ под диригентската палка на маестро Емил Табаков премиерно ќе го изведе новото симфониско дело  „The Apple T(h)ree (to the unmercenaries) од композиторот Дамјан Темков, наградено на неодамнешниот Конкурс за стимулација на музичкото творештво на Министерството за култура.  

Насловот на симфониската „Apple T(h)ree“ е свесно модифициран со цел да симболизира две работи - јаболково дрво и име на личност (Apple 3). Вистинскиот наслов е во релација со содржината, како и со крајната посвета - to the Holy unmercenaries – односно Светите исцелители Кузман и Дамјан. Делото, изразено во три фази (кои отсликуваат сонатност),се базира на два тематизми - дванаесеттонска серија која исто толку пати се повторува, но секогаш изменето, наспроти своевиден музички автопортрет. Бројот 12 има силно значење во религијата, но и општо во животниот циклус, па оттаму Темков неговата содржина ја толкува и како еден вид обраќање во насока на благодарност и реализацијата на одредени нешта. Тие првенствено се поврзани со синонимот “Apple 3”,а од друга страна, како што истакнува и самиот, потсвесно алудираат на симболиката на јаболковото дрво кое иако сатански подразбира искушение или пораз, сепак се врзува со знаењето и бесмртноста, со прекрасни човечки квалитети кои треба секојдневно да ги практикуваме, како искреност, љубов, почит, сеќавање на минатото, мир, романса...

Концертот ќе се одржи во Домот на АРМ со почеток во 20 часот.