Премиерна изведба на композицијата Intervowen од Дарија Андовска во Кина

Во рамките на Форумот за соработка СЕЕС 16+1 (Central-Eastern Europe & China), утре, 23 септември 2017 премиерно ќе биде изведено делото Intervowen од композиторката Дарија Андовска, напишано за традиционален кинески симфониски оркестар.

За потенцијална изведба на форумот биле нарачани 16 композиции од композиторите-претставници на 16 земји од централна и источна Европа, од кои се селектирани само две за изведба, меѓу кои и Intervowen. Премиерната изведба ќе биде во Жежианг, каде се оддржува форумот, на која ќе присуствуваат високи делегации од шеснаесетте земји вклучени во СЕЕС 16+1.

Фокусот на композицијата е создавање единствен музички ентитет од неколку различни тематски материјали: традиционалната кинеска љубовна песна „Kang Ding Qing Ge“, краток мотив од македонската народна песна „Со маки сум се родила“ и оригинален музички материјал. Иако постојат сличности во интонацискиот аспект на сите тематски материјали, истите контрастираат во поглед на значењето и структурата, и се однесуваат на одредени аспекти на доживувањето и искуството на авторката во Кина. Делото започнува неповрзано – секој од тематските материјали го навестува следниот, создавајќи мозаик од внатрешни разрешувања и помирувања на музички микро и макрокосмоси, здружувајќи ги во еден единствен музички свет.

„По претходно минуциозно спроведената селекција на 16 композитори од централна и источна Европа од страна на Министерството за култура на НР Кина, избраните композитори беа поканети на едномесечно патување низ Кина. Во текот на ова исклучително интересно искуство, дневно посетувавме најмалку 3 концерти и 2 града. Нивната гостопримливост, традицијата, културата, природата, кои се чинат речиси како да се од друга планета, сепак ми создадоа чувство на дом. Дома. Кротки, љубезни, добри луѓе, бликаат со внимателност, трогнуваат со човечност. Токму затоа и изборот на нивната традиционална песна, која е парафразирана во композицијата. Наспроти тоа, нашата “Со маки сум се родила“- нема потреба да ја објаснувам конотацијата и значењето. Тие два света се сретнаа во мене, и тоа во момент на сериозни лични проблеми и превирања- оттаму изборот на материјалите. Тие се интонациски слични- кинеската и нашата традиционална песна кои ги избрав, но тоа е само уште една причина- два сосема различни универзуми се развиени од непрепознатливи разлики, за понатаму да се претопат и преплетат во еден“ - вели композиторката Андовска.

Составот на традиционалниот кинески оркестар од западноевропскиот оркестар ги вклучува само виолончелите, контрабасите, тимпаните и вибрафонот, додека сите останати инструменти се традиционални кинески. Да се пишува за ваков состав за Андовска претставувало огромен предизвик и подвиг: „Нема доволно информации за инструментите и за техниките на изведба, но затоа поминав месеци слушајќи и гледајќи видеа на YouTube за да можам да го запаметам звукот на секој од инструментите и да бидам понатаму во состојба да замислам комбинации на тембри и техники во различни регистри со различни инструменти “ - истакнува авторката.

По премиерната изведба на Intervowen, ќе следат изведби уште во три градови во Кина. Андовска паралелно работи и на циклусот Heavenly Questions за Оркестарот на Забранетиот град, напишан на сегменти од Tianwen, збирка класична кинеска поезија, што својата премиера ќе ја има на 13 октомври во Пекинг, а ќе биде изведен и низ Европа, во рамките на турнејата на Оркестарот на Забранетиот град.