Нови видици

(Кон концертот на камерниот мешан хор „Про Арс“ на „Деновите на македонска музика“)

Стандарно, како и последниве неколку година, на Деновите на македонска музика една вечер беше посветена на хорската музика. Во Музејот на град Скопје, на 7 април настапи професионалниот камерен мешан хор „Про Арс“ под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски. За разлика од минатите години кога беа изведувани композиции од современието, оваа година хорската вечер претставуваше ретроспектива кон минатото, со едно ново премиерно изведено дело, кое по својата содржина одговараше на претходните. Всушност беа избрани композиции кои се базираат на македонската поезиа (во авторство на Константин Миладинов, Славко Јаневски, Кочо Рацин и др.), а од музички аспект сите композитори своето извориште го наоѓаат во македонскиот музички фолклор. Начинот на пристап кај сите е различен, но најзастапени беа или оние композиции кои се создаваат во духот на фоклорот при тоа формирајќи мелодиски линии инспирирани од народниот мелос, метро-римички структури од фоклорот, а други пак извршиле едноставна разработка за хорскиот состав. Всушност беше претставено творештвото како на постарите генерации на македонски композитори, како и на таканаречената средна генерација на автори, сите родени во ист период (крај на 30-тите и почеток на 40 -тите години од минатиот век). Секој однив носеше иднивидуален музички јазик. Во творештвото на сите творци мелодиската линија е главната идеја водилка, а различни беа употребените композиторски техники и хармонскиот јазик. Најголемиот дел од композициите се создавани во раните периоди на творештвото на композиторите и тоа може да се чуе и во делата. Содржински доминираа дела кои имаа родољубива тематика, од оние народни умотворби кои се создавани во Илинденскиот период, преку борбата за конечната државност во НОБ.

Хорот „Про Арс“ е професионално тело, кое досега повеќе пати сме го чуле како изведува не само домашно туку и светско музичко творештво. Овој пат се чини предизвик беше да се вообличат „едноставните“ композиции и при тоа секоја од нив да добие на својот квалитет. За помладите слушатели, ова содржински беа далечни творби, за оние пак повозрасните сеќавања на некогашните членувања во хоровите во Македонија и дел од нивниот задолжителен репертоар. Како и да е значајно беше тоа што се откриваат дела кои биле подзаборавени на концертните сцени.

Концертот започна со „Бисера“ на Стојче Тошевски, дело кое се базира на текст на Константин Миладинов. Интересната композиција на Тошевски се базира на фоклорниот материјал и изградена е врз контрастни делови, подвижни (во извебата на тутите) и смирени (носител е машкиот хор). Иако почетокот на интерпретацијата беше засенет од постепеното опаќање во интонацијата, како делото се развиваше така хористите постепено концентрирајќи се остварија квалитетен впечаток.

Сосема друга атмосфера донесе „Два орла“ од Сотир Голабовски, композиција која се базира на истоимената народна песна, со меланхоличен призвук и налик на кантилена. Маестро Татарчевски преку динамичките нијансирања успеа ова дело да го обои со таговниот колорит, а преку изградените фрази на хористите, прецизната артикулацијата, како и убаво оформениот компактен звук, да допринесе да се почувствува меланхолијата, без таа да биде исфорсирана.

Од меланхолијата на Голабовски се премина на лириката на Стојков, оформена во  „Шени се горо“ во која исто така, текстуалната предлошка се зема од Илинденската народната лирика. Токму така и прозвучи и композицијата. Инпирацијата кој најчесто е насочена кон фоклорот, беше доминантна и во ова дело, во кое постепените движења на мелодиската линија се разиграни со фолклорни  орнаменти на крајот од фразите. Во рубато темпо, долгите фрази кои се прелеваа една во друга беа исклучително експресивни. Маестро Татарчевски обрнал внимание на сите карактеристики кои произлегуваат од народниот гениј, па тоа го изискуваше и од хористите при градењето на линиите, што резултираше со особено впечатлива артикулација во секоја фраза, динамички градации, кои придонесоа „едноставноста“ на напластувањето на гласовите да звучи особено привлечно.

Тегобноста која е една од карактеристиките на македонските народни песни беше застапена во „Рапсодијата“ на Димче Николески, уште едно дело инспирирано од македонскиот фолклор, но тој во него прозвучува само како асоцијација. Николески зема битов тажачки секунден мотив  „Ле ле“ кој „пулсира“ и на целото дело му дава (поради акцентирањето и динамичкиот развој) особена доза на драматика. За разлика од претходните композиции во кои хомофонијата беше доминантна, кај Николески се јавува полифона разработка на содржината. На тажачкиот мотив кој го воведува женскиот хор, а лелекот „непрестанува“, се надоврзаа постепено машките вокали, создавајќи изразена драматизација. Секој нов дел на песната беше се поинтензивен и подраматичен, не само поради авторовото воведување на нови елементи и текстуалната предлошка, туку поради експресивната интерпретација на хорскиот апарат. Маестро Татарчевски се чини токму преку оваа композиција, означи што е она што исчезнало од музичкиот етер, а го претставува битот на народот.

На концертот беше изведена и „Ние сме млади“, единствената хорска композиција на Благоја Ивановски, создадена по стихови од песната „На мојот народ“ од Гого Ивановски. Во делото се преплетуваат повеќе инспирации, со лирски призвуци. Како премин се јавува и танцувачка фолклорната инспирација која ја воведува солист тенор, а на кој потоа се приклучуваат тутите, а продолжува со дијалог на двете контрастирачки групи, за повторно во финалето да се прибегне кон сетната лирика.

Навраќање кон основоположниците на македонската композиторска мисла, хорот оствари преку „Свадбарска“ од Трајко Прокопиев , создадена на текст од Славко Јаневски. Преку полифоната разработка, хармонската подвижност, континуираната ритмичка пулсациција Прокопиев го формира делото. Врз основа на текстуалната предлошка која ја претставува љубовта на партизанот и Јана во поробената земја, прокомпонираната песна носи во себе и лирски распеани елементи, но и тажна атмосфера. И Прокопиев како и останатите композитори посега по народниот мелос. Во оваа композиција беше забележителен настапот на машкиот дел од хорот со култивирана интерпретација, а секако за целокупниот впечаток беше значајна агогиката која Татарчев ја оствари преку целиот хор. 

На концертот беше изведена и „Песна за Делчев војвода“ од Стефан Гајдов, едноставна композиција, која се развива врз познатите едноставни полифони постапки, а носи лирски созвучја, кои се „разбиваат“ со користењето на народниот мелос. Со кус солистички настап на тенорот во придружба на сопран, хорскиот ансамбл немаше големи предизвици да ја оформи оваа композиција, освен да го донесе нејзиниот карактер.

Динамична интерпретација чувме во „Сејмен седи“ од академик Властимир Николовски која претставува обработка на истоимената македонската народната песна. Николовски е во принцип поврзан со сатирата и хуморот, па така и овој пат тој се осврнува кон таква текстуална содржина. Оригиналната песна тој минимално ја разработува, додавајќи т.н. припев помеѓу строфите, а во втората строфа која ја изведува машкиот дел од хорот започнува поголема разработка. Николовски си игра со ведриот и танцувачки ритам, наспроти мелонхоличните фрази кои ги креира. Хорскиот ансамбл со леснотија ги изведуваше композиите кои ги придвижува македонскиот ритам, со тоа што во интерпретацијата прикажаа истенчено чувсто за стилско и пред се карактерно обојување на делниците. Маестро Татарчевски како и во другите дела, со исклучителна прецизност го водеше хорскиот ансамбл, водејќи сметка за развојот на секоја делница, а таквата сосредоточеност резултираше со впечатлива креација.

Хорската уметност во Македонија, не може да се замисли без делувањето на Драган Шуплевски, а во тој контекст неговата „Елегија“ го претстави авторовото познавање на хорскиот апарат. Делото е создадено на текст на Коста Рацин (Елегии за тебе) и е наградено во 1983 година на Тетовските хорски одѕиви. Шуплевски создава едноставни мелодиски линии, секако со латентен фолклорен призвук и јасно оформување на делците. Нивната градба е совршено поддржана од динамичкиот развој, постигнат преку изразени скокови, акцентски целости, дијалози, водејќи сметка за опсегот на гласот. Убавината во Елегијата на Шуплевски, се почувствува во нежноста со која беше донесена и покрај кусите климакси во мелодијата во форте динамика.

Една од најобработуваните народни песни како во вокалната така и во инструменталната музика е „Не си го продавај Кољо чифликот“ тоа всушност беше и композицијата „Кољо“ од Вања Николовски - Ѓумар, која се надоврза стилски со старите мајстори. Ѓумар на композицијата и дал нов хармонски призвук, нова ритмичка пулсација. Во секоја строфа на нов начин се разработуваше материјалот, константно навраќајки се кон оригиналната мелодија. „Кољо“ прозвучи свежо и инвентивно.

За финале беше оставена „Рапсодија 2“ (Низ мојот роден кат) од академик Тодор Скаловски, дело кое е составено од 5 напеви од Тетовскиот крај. Иако пишувана делечните четириесетти години од минатиот век, впечатлива е длабочината со која Скаловски и пристапил на материјата за разработа. Во Рапсодијата се вклучени „Стојно, руса невесто“ со моторична  пулсација, потоа „Кажи ми кажи, Катинке“ создадена со лирски призвук, на која се надоврзува „Врбо моја, врбичице“ во која дијалогизираат машкиот и женскиот хор варирајќи го основниот мотив. Богатството на фолклорот, но и на креативната мисла се согледува во рапсодично расположение кое го носи соло сопранот, а потоа се згуснува и наслојува со тутите со „Севдо моја“. Оваа прекрасна романтична кантилена беше совршено оформена од хорот, со култивиран, компактен и лирски звук, со јасно изградени и вообличени линии во кои можеше да се следи буквално секое движење, со издржана артикулација и прекрасно оформени динамички нијанси под раката на прецизниот Татарчевски. Финалното парче на Рапсодијата ја донесе песната „Магдо мори“ која заради својата подвижност, дијалозите на гласовите како и употребените регистри ја носи кулминацијата на композицијата.

Настапот на камерниот мешан хор „Про Арс“ под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски, ни отвори нови видици кон хорското музичко творештво создавано во Македонија. Пристапот на Татарчевски кон музичката материја и нејзините длабочински слоеви, насочувањето кон секој негов детал, како и индивидуалното негово восприемање кое се слуша при динамичкото оформување на фразите, темпата и агогичките карактеристики кои им ги дава на делата, пренесени преку јасниот и сугестибилен гест резултира со привлечни  уметнички креации од страна на хорот „Про Арс“.

Елени Новаковска