Недостасува поголема отвореност на композиторите кон новите тенденции

Различни стилски и  естестски специфики имаа делата на македонските композитори кои прозвучеа на концертот на ансаблот „Контемпора“ во саботата во Музејот на Град во рамки на фестивалот „Денови на македонската музика“. Дела на композитори од различни генерации - на оние постарите кои имаат оддамна утврден стил и авторски индентитет и на помладите кои се` уште го бараат својот личен израз меѓу различните стилови и техники на создавање. Интересен концепт имаше програмата на овој концерт бидејќи понуди увид во различните сензибитетит на авторите, а делата беа релативно „нови“, создадени во последниве петнаесеттина години. Она што може да се извлече како генерален заклучок за делата кои прозвучеа на овој концерт е дека можеби недостасува поголема отвореност на авторите кон новите тенденции во современата музика. Посебно, постарите автори кои и во „поновите“ дела цврсто се држат до типичниот сензибилитет карактеристичен за нивното досегашно творештво. Кај помладите секако, повеќе се чувствуваше таа отвореност, посебно во делата на Бојана Петровиќ Алексова и Ана Пандевска.

Први дела кое прозвучеа на овој концерт беа композициите „Меланхолија“ и „Надеж“ од композиторот Тодор Бојаџиев. Напишани во романтичен стил, типичен за опусот на овој композитор чие творештво ротира околу класиката и популарните жанрови, овие две композиции за флејта, пијано и виолончело се надоврзаа на препознатливата естетика на Бојаџиев. На овој концерт ја чувме и „Фолк чакона“, композиција која Благој Цанев ја напишал во 2008 година. Напишана за соло гитара и во оваа композиција ги препознавме специфичните каракатеристики на творештвото на Цанев кое длабоко се инспирира од фоклорот преку употреба на цитати и стилизирани фрагменти кои субверзивно се врзани со традицијата. Во композицијата „Концертантни пиеси“ за обоа, виолина, виола и виолончело од Гоце Гавриловски исто така може да се почувствуваше како позадина инспирацијата од специфичните ритми и мелодиски структури типични за нашата фоклорна традиција во фузија со современиот композиториски израз. „Флаута ламента“ од Љубомир Бранѓолица како што суерира и насловот на делото беше ламентозно авторско обраќање преку звучни експерименти и структури со современ израз и авторски сензибилитет. „Четири пиеси“ на Стојан Стојков, дело напишано во 2005 година ги следеше музичките инстикти на композиторот кој се инспирира од традицијата преку употреба на специфични тонски низи и мелодиско-хармонски структури. Четирите парчиња имаа заокружен концепт и формираа музичка интересна целина.

Највпечатливи беа делата на Бојана Петровиќ Алексова и на Ана Пандевска кои  ја заокружија програмата на овој концерт. Делото „Sometimes we dance... a bit“ од Петровиќ Алексова имаше интересна звучна и формална структура која започна да се развива од два репетирачки тона во пијаното кои постепено градираа и аудитивно се прелеваа во останатите инструменти. Специфичната звучност, современата есететика и концепт беа главни атрибути на ова музичко дело на Бојана Петровиќ Алексова. Камерното дело „Паљачо“ на Ана Пандевска имаше интересна звучност изградена на неколку мелодиско-ритмички мотиви кои се повторуваа. На нивната репетиција всушност се темелеше звучното јадро на оваа композиција. Делото на Пандевска ја донесе посакуваната толку свежина на овој концерт.

Музичарите од ансаблот „Контемпора“ одлично ги изведоа делата на македонските композитори кои прозвучеа на овој концерт - посветено и со специфичен изведувачки сенс за толкување на современиот музички израз.

Ангелина Димоска