Мултимедијален концерт на Дарија Андовска и Ана Пандевска

Вечерва, со почеток во 20 часот, во камерната сала на Македонската филхармонија ќе се одржи мултимедијален авторски концерт на композиторките Дарија Андовска и Ана Пандевска. На програмата на концертот се делата: „ThERanatOS - part 4 - Operating System“ за фиксен медиум и видео од Дарија Андовска, Видео: Мартин Иванов, петте пиеси за пијано и лента „Дуња и Дарин“ на Ана Пандевска, во исполнение на Дуња Иванова - пијано, „Zugzwang“ за за виолина, пијано, удиралки и фиксен медиум на Андовска,  каде ќе настапат Владимир Костов - виолина, Марија Вршкова - пијано, Влатко Нушев - удиралки, композицијата „Landscape Atmosphere“ за пијано и лента на Пандевска во која повторно ќе ја видиме пијанистката Дуња Иванова, која ќе ја исполни и композицијата Life in a Box за пијано и лента од Пандевска, а концертот ќе го заокружат делата на Дарија Андовска „Book of the Devil Valley Master“ - за соло удиралки и фиксен медиум во изведба на Влатко Нушев на удиралки, и „Apoptosis - a brief history of small deaths“ - фиксен медиум и танцов перформанс, со настап на студентите од Катедрата за современ танц при ФМУ, а во кореографија на Елена Антонова Петровиќ.

Влезниците за концертот можат да се набават на билетарниата на Македонскта филхармонија.
 

ЗА АВТОРКИТЕ

Дарија Андовска (1979, Скопје) дипломира композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Гоце Коларовски, магистрира на ZHdK во Цирих, Швајцарија, во класата на Изабел Мундри (современа музика), Доменико Ферари и Андре Белмо (филмска и театарска музика и продукција), а моментално е на докторски студии во класата на Каја Черновин на Харвард Институтот, САД. Авторка е на камерна, соло, оркестарска, симфониска и хорска музика, како и на музика за филм, театар, танц и мултимедијални проекти. Добитничка е на стипендии и учесничка на мастеркласеви и работилници во Скопје, Санкт Петербург, Белград, Дрезден, Охрид, Берлин, Цирих, Солотурн, Штутгарт, Сараево, Фрајбург, Герлиц, Утрехт, Хилверсум. Нејзините дела се изведувани на фестивали и концерти во Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Белгија, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Австрија, Албанија, Русија, Мексико, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, Шпанија, САД, Кина, Грција, објавени на CD-а во Швајцарија, БиХ, Италија, Македонија, Србија и Црна Гора, Германија, а издадени во печатена форма од „Nuova Stradivarius“ - Италија, „Sordino“ - Швајцарија, Сојуз на композиторите на Македонија. Добитничка е на бројни интернационални и домашни награди за нејзините композиции, а филмовите, во кои освен како композитор се јавува и како ко-сценарист и ко-режисер, биле номинирани и наградени на фестивали како Сараевски филмски фестивал, Берлински филмски фестивал, Бриџ филмскиот фестивал. Андовска е избрана меѓу најдобрите шест млади и актуелни композитори во Европа за проектот „MusMA- Music Masters on Air“ 2013/14. Добитничка е на наградата „Виртуози“ 2013 за најдобар композитор во Македонија, номинирана е за наградата „Виртуози“ 2014 за најдобар композитор во Македонија, на наградата „Истакнат уметник на Град Цирих - Композитор“ за 2014/2015, добитничка е на наградата „Виртуози“ 2015 за најдобар композитор во Македонија. Претставничка е на Македонија за CEEC 16+1. Андовска работи како вонреден професор на ФМУ, како и на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Ана Пандевска (1985) е родена во Скопје. По завршувањето на средното образование во МБУЦ ,,Илија Николовски Луј“, добива стипендија за двомесечен престој во САД, во ,,Interlochen Arts Camp“ на отсекот по композиција. Студиите по композиција на Факултетот за музичка уметност ги започнува во класата на проф. Гоце Коларовски, а ги продолжува кај проф. Јана Андреевска во чија класа и дипломира во 2010 година. По завршувањето на студиите, како волонтер е ангажирана во Националната установа ,,Танец“, а подоцна работи и како наставник по пијано во ,,Credo school of music“. Долгогодишен член е на повеќе хорски состави: „Пиколо“, „Св.Злата Мегленска“, „Танец“. Пандевска пројавува интерес за вокалната музика, фолклорот и џезот што се чувствува како инспирација во дел од нејзините композиции. Во последните неколку години истражува во областа на електроакустичната музика. Како редовен член на СОКОМ, добитничка е на повеќе награди за класична композиција. Во 2015 година постави авторски целовечерен електроакустичен концерт. Нејзините композиции редовно се изведуваат на фестивалот ,,Денови на македонската музика“, a досега и на концерти во САД, Србија, Словенија, БиХ, Македонија. Автор е на солистички, камерни, хорски и симфониски дела.

ЗА ДЕЛАТА
„ThERanatOS - Operating System“ е дел од покрупно мултимедијално музичко-сценско дело за симфониски оркестар, фиксен медиум, видео, простор, светло и кореографија, во кое постојат 4 траки и 3 композиции за оркестар, кои можат взаемно да се комбинираат по избор на диригентот, па делото може да трае од 40 минути до речиси 3 часа. Насловот на делото, “ThERanatOS”, е комбинација на два збора, два лика од митологијата, Ерос и Танатос (Eros, Thanatos), кои во психоанализата и во теоријата на нагони на Сигмунд Фројд, се називи за двата основни животни инстинкти. Ерос, според Фројд, е фундаменталниот концепт, чија цел е сочувување, спојување и унија на организмот во прогресивно поголеми целини. Ерос, обединувачот, е спротивставен, но и споен со инстинктот за смрт, Танатос- антагонистичка сила која води кон деструкција, дезинтеграција и распаѓање на се што постои. Нивната динамична поларност е онаа која го дефинира новиот инстиктивен дуализам, а тие ретко се активни изолирано: формираат различни амалгами, во кои секој од нив се обидува да ја искористи туѓата сила во свој прилог.

„Дуња и Дарин“ е композиција напишана за пијано и лента во 2014 година, за конкурсот на класични композиции на Министерството за култура, и наградена со второ место. Инспирацијата за делото, вели Пандевска, доаѓа од посебно емотивната врска мајка-дете и развојната психологија во која родителот има важна улога во развојот на интелигенцијата кај своето дете преку игра. Особено значајно за инспирацијата на ова дело е раното детство на Дарин (3 години) и начинот на кој тој постигнува натпросечни резултати во различни области научени преку игра. Формата на е циклус составен од пет пиеси. Секоја од нив може да се третира како самостојна кратка форма, но сепак постојат повеќе елементи кои ги врзуваат во една заокружена формална целина. „Дуња и Дарин“ е композиција со изразена програмност, која на слушателот му дава комплетна слика за звучното дејствие. Интересна е со начинот на кој ја обработува темата мајка-дете, претставена преку можностите кои ги нуди современата технологија и музичката традиција, електро-акустична формација.

„Zugzwang“ е ситуација во шахот и други игри, при која еден од играчите ја губи предноста бидејќи мора да направи потег, иако би било најдобро да мирува. Фактот дека играчот мора да направи потег ја ослабува неговата водечка позиција и прави пресврт. Zugzwang најчесто се случува во крајот на играта, кога бројот на фигури, но и можни потези се редуцирани и избраниот потег е критичен. Терминот се користи и во комбинаторската теорија на игри, каде значи дека директно го менува исходот на играта од победа во пораз.

„Landscape Atmosphere“ е композиција напишана во 2015 година. Претставува циклус од три пиеси (Bells on my piano, Crystal drops, White pearls) за пијано и лента. Преовладува амбиентална атмосфера преплетена помеѓу можностите кои ги нуди пијаното и изборот на ефекти селектирани на лентата. Секоја од пиесите може да се третира како засебна кратка форма, меѓутоа мислата и поврзаноста на елементите формираат јасна циклична форма.

„Book of the Devil Valley Master“ е наслов на книга од древна Кина, од четвртиот век пред новата ера, во која е првпат споменат феноменот на магнетизмот: „Овој чуден камен го тера железото да дојде, го привлекува“. Како малечки парчиња железо, мали музички честички се привлечени од различни изрази во лентата, формирајќи облик кој истовремено е статичен и динамичен. Процесот не е во честичките, тој е во начинот на кој тие се поврзуваат и креираат енергија меѓусебно, но и во однос на лентата. Лентата, како магнет, има два пола - речиси тишина и не-тишина. Распореденоста на музичките честички е водена од магнетните бранови.

„Life in a Box“ е композиција за лента и пијано, напишана во 2015 година. Инспирација за делото се тогашните актуелни општествени случувања, особено прашањето за слободата на медиумите. Од тука и поврзаноста со случајот на новинарот Томислав Кежаровски, кој е еден од најгласните борци за слобода на медиуми. Во делото е претставен целиот процес низ кој што помина Кежаровски заедно со своето семејство, а воедно композицијата е и своевиден печат за едно време низ кое поминуваше нашата држава.

„Аpoptosis“ (апоптоза) е контролиран процес на програмирана смрт на клетките, кој се случува во мултиклеточни организми во текот на нивниот животен циклус. Бидејќи откако ќе започне, не може да се сопре, овој процес е строго регулиран и може да биде инициран на два начина: во случај на заболување на ткиво, клетката се самоуништува зашто чувствува опасност или, во случај на развој на ткиво, клетката се самоуништува поради сигнал од другите клетки. Референцата кон „A Brief History of Time“ („Кратка историја на времето“) од Стивен Хокинг, само ја надополнува метафората за личниот микро - и макро - космос и внатрешните превирања.

Линк кон настанот