Концерт на ансамблот за современа музика КОНТЕМПОРА на ДММ 2018

Вечерва (сабота, 31 март), во Музејот на Град Скопје со почеток во 20 часот на програмата на ДММ е концертот на Ансамблот за современа музика „КонТемпора“. На концертот премиерно ќе бидат изведени нови дела од композиторите Љубомир Бранѓолица, Гоце Гавриловски, Бојана Петровиќ Алексова и Ана Пандевска, како и две веќе изведени дела од камерните опусите на Стојан Стојков и Тодор Бојаџиев. Ансамблот „КонТемпора“ ќе настапи во состав: Златка Митева - флејта, Владимир Лазаревски - обоа, Игор Иванов - кларинет, Антоние Весковски - вибрафон, Владимир Чадиковски - гитара, Ема Потевска Попивода - пијано, Кристина Светиева - пијано, Симон Поповски - 1 виолина, Емил Чичоновски - 2 виолина, Дејан Теодосиевски - виолончело, Игор Миташев - контрабас и Горан Начевски - баритон. 

За делата

Композицијата Концертантна пиеса од Гоце Гавриловски по форма е тема со варијации. Темата на почетокот на делото ја донесуваат сите инструменти, а во понатамошната разработка, секој од инструментите претставува по една варијација на темата. Делото е заокружено со соло каденца повторно се појавува темата. Делото е наградено со втора наградата на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура во 2016 година.

„Паљачо“ на Ана Пандевска е композиција напишана во 2016 година и наградена со прво место на конкурсот за откуп на музички композиции на Министерството за култура. По форма е рондо со шема ABACA, a во темата на делото преовладува скерцозен карактер со елементи на џез, додека во епизодите, помеѓу појавата на темите се појавува контрастен музички материјал, кој произлегува од материјалот користен во самата тема. Делото има алегоричен карактер, чија инспирацијата младата авторка ја наоѓа во сопствените доживувања на поединци на одредени функции во општеството. 

Sometimes we dance… a bit  - ​Бојана Петровиќ Алексова

„Транскрипција за животот. Патот на преобразбата - од резигнираност кон бунтовност. Приказ на тешкото и мачното од кое гневно се воздигнувам.. полудувам. Потоа му се смеам на тешкото и танцувам. “

Koмпозицијата е напишана 2014 година, наградена со прва награда на Конкурсот за откуп на музички композиции во 2015 година.

За ансамблот

Формирањето на Ансамблот за современа музика „КонТемпора“ се наметна како повеќе од добредојден чекор за раздвижување на македонската културна сцена, за отворање на видиците кон нови, поинакви културни вредности. Од своето формирање во 2014 година до денес, ансамблот „КонТемпора“ ја одржува неопходната интеракција помеѓу македонската музичка култура и светот, претставувајќи ги новосоздадените дела на македонските автори, но и на композитори од останатите делови на светот. Ансамблот брои дваесетина инструменталисти со значително искуство во изведбата на современа музика, и во зависност од репертоарот делува во различни инструментални формации. Во изминатите четири години, составот оствари турнеи во Холандија, Белгија, Австрија, Словенија, Албанија, Бугарија и имаше бројни концерти и настапи на речиси сите значајни фестивали низ Македонија („Денови на македонска музика“, „Скопско лето“, „Златна лира“, „Есенски музички свечености“ и други), свирејќи со интензитет, желба и посветеност на современото творештво и индивидуални творечки естетики. Ансамблот „КонТемпора“ во досегашното постоење има реализирано и повеќе студиски снимки на новосоздадени дела од композитори од САД, Иран, Индонезија, од повеќе земји од Еропа, како и снимки на дела од македонски автори. На својот репертоар претставил повеќе десетици премиерни дела на автори од Македонија, САД, Италија, Индонезија, Велика Британија, но и композиции од музичката литература на 20-тиот век. Ансамблот „КонТемпора“ има реализирано и два компакт диска со дела од македонски автори, а негови избрани изведби се поместени и на неколку компилациски албуми издадени од страна на СОКОМ.

Фото: Огнен Ацевски