Композиторот Михаило Трандафиловски го објави својот нов албум „Диптих“

Изминатата недела, под етикетата на издавачката куќа Metier беше објавен најновиот авторски компакт диск на композиторот Михаило Трандафиловски, насловено Diptych. На албумот се наоѓаат камерни дела и дела за дуо виолина во изведба на виолинистот Питер Шепард Скарвед, пијанистот Родерик Чедвик, Квартетот „Кројцер“ и Ансамблот „Лонгбоу“. Во најавата на изданието е запишано следното:

„Како кај големите автори-изведувачи во историјата на музиката меѓу кои Телеман, Барток, Јоаким и Лист, во творештвото на виолинистот и композитор Михаило Трандафиловски е невозможно да се одвои композиторската од изведувачката имагинација, покажувајќи цврста поврзаност меѓу енергиите на секоја од нив. Неговиот придонес кон виолината е извонреден, неговите дуа за виолина и пијано (кои претставуваат сонати во секој аспект, освен во името), потоа концерти, дела за дуо виолина, камерни дела и педагошки композиции претставуваат подарок како за публиката, така и за самите изведувачи. Снимките и изведбите на делата од досегашниот опус на Михаило Трандафиловски се стекнаа со блескави критики низ целиот свет.“

Комбинацијата на камерни дела и дуа, според композиторот, исто така, се однесува на неговото животно патување и врската со виолината.

Во Лондон, каде што Михаило Трандафиловски живее и работи подолго време, изданието ќе биде промовирано на 1 јуни, во рамките на концертниот серијал Composition & Craft.

Дистрибутер на „Dyptich“ е Naxos, а истото во дигитална форма може да набави и преку iTunes и Amazon.