Избрани 23 дела на конкурсот за класична музика за 2016-та

Дваесет и три дела на 20 автори се избрани на Конкурсот на Министерството за култура за стимулација на творештвото од областа на класичната музика за 2016 година. Се работи за една од мерките од Националната стратегија за развој на културата, воведена во февруари 2014 година, со која се збогатува македонската композиторска традиција.

На првиот конкурсен рок за 2016 година до Министерството за култура пристигнале 34 композиции за сите девет предвидени категории, а од доделените 23 награди, 11 се први, шест втори и шест се трети награди, со вкупен износ од 2,4 милиони денари.

Нив ги избрала стручна комисија во состав: Марко Коловски и Тина Иванова-Бејкова, како претставници од Сојузот на композиторите на Македонија, Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ од Македонската опера и балет, Владимир Костов од Македонската филхармонија, и Џијан Емин и Кире Костов од Факултетот за музичка уметност.

Како што информира Министерството за култура, во категоријата Композиции во чест на Факултетот за музичка уметност, стручната комисија додели една награда: прва награда за композицијата на авторот Живоин Глишиќ.

Во категоријата Музичко-сценска композиција за Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, стручната комисија додели една награда: прва награда за делото на композиторот Тодор Трајчевски.

Во категоријата Композиција за вокален солист(и) и симфониски оркестар во духот на македонскиот православен празник Божик, доделени се две први награди – за композициите на авторите Стојан Стојков и Тодор Трајчевски.

Во категоријата Композиција за Биг бенд, стручната комисија додели две награди: прва награда за делото на композиторот Владимир Николов и втора награда за делото на композиторот Тони Китановски.

Во категоријата Композиција за фиксен медиум доделени се три награди: прва награда за делото на композиторот Дарија Андовска, втора награда за делото на композиторот Кокан Димушевски и трета награда за делото на композиторот Андреј Блажевски.

За категоријата Композиција за квинтет доделени се три награди: прва за делото на композиторот Ана Пандевска, втора награда за композција на Фатос Љумани и трета награда за композиторот Маја Јовановска.

Во категоријата Композиција за трио, стручната комсија додели четири награди: први награди за делата на композиторите Ана Пандевска и Кокан Димушевски, втора награда за делото на композиторот Ангел Спировски и трета награда за дело на композиторот Гоце Гавриловски.

Во категоријата Циклус соло-песни, доделени се три награди: прва награда за дело на композиторот Дамјан Темков, втора награда за дело на композиторот Филип Иванов и трета награда за дело на композиторот Маријана Јаневска.

Во категоријата Композиција за мелодиски инструмент, стручната комисија додели четири награди: прва награда за дело на композиторот Маријана Јаневска, втора награда за дело на композиторот Љубомир Бранџолица и две трети награди за делата на композиторите Никола Коларовски и Дамјан Темков.

На четирите конкурсни рокови, спроведени во 2014 и во 2015 година, досега е поддржано создавањето на вкупно 91 композиција од 39 македонски автори, кои се наградени со износ од 10,4 милиони денари.

– Тоа потврдува дека овој конкурс е можеби еден од најефективните што ги спроведува Министерството за култура во насока на соодветно вреднување и стимулација на творештвото на македонските автори. Министерството за култура и во иднина останува доследно на заложбите да води максимална грижа за македонските музички автори, стимулативно да го поттикнува творештвото, да го помага градењето на уметничката кариера на македонските уметници и презентирањето на нивното творештво во домашни и меѓународни рамки, информира Министеството за култура.

извор: a1on.mk.