Затворање на 40. Денови на македонска музика - концерт на Македонската филхармонија

На концертот со кој вечерва (четврток, 13 април) во Домот на АРМ со почеток во 20 часот ќе бидат затворени годинашните јубилејни 40-ти „Денови на македонска музика“ ќе бидат изведени дела од неколку генерации македонски музички творци: Концертантна музика за виолончело и гудачи од Тома Прошев, третиот став од Симфонијата бр. 4 на Кирил Македонски, третиот став од Симфонијата бр. 7 „Пролет“ од Циклусот „Четири годишни времиња“ на Ристо Аврамовски, а премиерно во Македонија ќе прозвучи и симфониското дело „Небесен попречувач“ на младиот автор Мајкл Бакрнчев. Од диригентскиот пулт концерт ќе го води гостинот од Велика Британија Крис Русман, а како солист ќе настапи словенечко/американскиот челист Гал Фаганел.

Кога говори за инспирациите на својата композиција „Небесен попречувач“, младиот композитор Мајкл Бакрнчев вели:

Прогнозите предвидуваат дека до 2056 година популацијата на Мелбурн ќе се искачи до 10 милиони жители. Тоа е во ред, меѓутоа се поставува прашањето во кој момент животната средина околу нас ќе престане да издржува толку многу луѓе? И како ќе знаеме кога тој момент ќе дојде? Вредноста на имотите во Сиднеј достигна извонредни еден милион долари, а тука некаде е и Мелбурн. Младите генерации се принудени своето место за живеење да го преместат далеку од градското јадро во кое израснале. Шансите да го купите својот дом се намалуваат. Врските со блиските од фамилијата и со блиските пријатели потешко се одржуваат. Зголемената изолација и алиенација се „вкусот на животот“. Нов, но се уште нејасен модел на општество постојано се открива пред нас. Живописната околина и небото што во минатото го красеше Мелбурн сега им отстапуваат место на висококатниците, пространите и скапи станови, монументалните деловни згради. Тие никнуваат насекаде околу нас, го загадуваат воздухот и водата, го блокираат сонцето и погледот кон небото. Терминот „висококатница“ не долку одамна се однесуваше на прогре. Во мојот ум и размислувањето не само моето, туку и на мојата генерација, но и на нашите деца и нивните деца, зборот „прогрес“ стана збор. Оттаму и името на делото – „Небесен попречувач“. Гледајќи како градот расте околу нас, се прашувам, дали ова навистина е „прогрес“, или се соочуваме со исходи  чии што пропорции се уште не можеме да ги разбереме?

Диригентот и композитор Крис Рaсман своето музичко образование го стекнува со унгарскиот професор Бела де Чилери, ученик на Барток и Кодај. Дипломира на Кралскиот музички колеџ во Лондон (Royal College of Music), каде ја добива наградата „Theodore Stier“ за диригирање, a на Универзитетот во Кембриџ го завршува својот докторат по музика. Диригирање студира со Јорма Панула и Норман Дел Мар, а композиција со Алан Риду на Кралскиот музички колеџ. Крис Рaсман ги диригирал „Мадам Батерфлај“ и „Така прават сите“ со Операта на Прага, „Тоска“ со Унгарската национална опера во Будимпешта и Краков, „Риголето“ со Националната опера на Киев, „Травијата“ и „Палјачи“ со Националната опера на Латвија во Рига и „Боеми“ со Националната опера на Монголија. Меѓу позначајните оркестри со кои диригирал се Лондонскиот симфониски оркестар, Orchestre Colonne од Париз, Симфонискиот оркестар на Нуремберг, Филхармонијата на Аугсбург, Нордискиот симфониски оркестар во Шведска, Данскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Атина, Симфонискиот оркестар на Карлсбад во Чешка, Симфонискиот оркестар на Биел во Швајцарија, Pori Sinfonietta во Финска, Симфонискиот оркестар на Кристиансанд во Норвешка, Националниот академски оркестар на Санкт Петербург, Филхармонискиот оркестар на Букурешт, Филхармонија на Кејп Таун и Симфонискиот оркестар на Дурбан во Јужна Африка, како и Филхармонискиот оркестар на Шиамен во Кина. Изведбите под диригентското водство на Крис Рaсман редовно добиваат стоечки овации и извонредни рецензии од музичките критичари кои ја истакнуваат неговата способност „со леснотија да ги комуницира музичките идеи на делото на изведувачите“ (Cape Times), во изведбите „да носи големо ниво на концентрација и да обликува прекрасен звук“ (Opera magazine), и да „ги води музичарите до најголемите уметнички височини“ (Augsburger Allgemeine Zeitung). Во сезоната 2015/16 Рaсман го оствари своето деби со Белградскиот национален театар диригирајќи го „Риголето“ и веднаш добива нова покана да диригира друга продукција во Театарот. Неодамна реализира тонски запис со оркестарската музика на Џорџ Батерворт со BBC националниот оркестар на Велс за издавачката куќа „BIS Records“. ЦД-то кое беше објавено во јули 2016 година BCC Music Magazine го оцени со 5 ѕвезди и истото се најде на врвот на официјалната британска листа на класична музика (British Classical Music Chart). Во сезоната 2016/17, Рaсман ќе дебитира со Сараевскиот национален театар во „Риголето“ и со Навионалниот театар на Минск, а ќе ја диригира и операта „The Rake’s Progress“ на Стравински со Државната опера на Истанбул, „Кармен“ со Операта Брасов и „Севилскиот бербер“ во продукција на Македонската опера и балет. Меѓу неговите позначајни композиторски остварувања се вбројуваат делата In Memoriam Andris Slapins (2002), Musica Dolorosa (2005). Во 2012 година Rostock Volkstheater од Германија ја нарача првата опера на Рaсман, Happy Birthday, Mr. President.

Гал Фаганел е реномиран виолончелист, наставник по виолончело и музичар со повеќе издадени дела зад себе. Музичките критичари ја забележуваат неговата извонредно сензитивна интерпретација, моќниот и прекрасен тон и брилијантната виртуозност и младешка енергија. Фаганел започнува да го изучува виолончелото на осумгодишна возраст во родната Словенија. Студиите ги продолжува во Хрватска, каде после настапот на еден меѓународен конкурс добива покана да студира со целосна стипендија на Универзитетот на Јужна Калифорнија во Лос Анџелес. Универзитетските студии ги заокружува десет години подоцна, здобивајќи се со титулата Доктор на музичка уметност. Меѓу неговите ментори и професори се вбројуваат Елеонор Шонфелд, Натаниел Розен, Даниел Ротмулер, Питер Марш и Добрила Берковиќ-Магдалениќ. Соработувал со реномирани светски солисти и диригенти како Сергиу Комисиона, Зубин Мехта, Лајонел Френд, Карл Сент Клер, Јо-Јо Ма, Лин Харел, Мидори Гото, Исак Штерн, Џошуа Бел, Исак Перлман и Павел Верников. Фаганел често одржува рецитали, а настапува и како камерен музичар и солист со оркестри низ Северна Америка и во Европа. Тој е основач и уметнички директор на Arizona Chamber Orchestra, ансамбл кој постои од 2009 година. До 2010 година е водач на виолончела во Симфонискиот оркестар на Феникс. Како член на Tetraktys String Quartet, Фагенел настапувал повеќепати во Северна Америка и Европа. Често музицира и во други камерни состави, особено во неговата омилена формација – гудачко трио. Моментално е професор на Универзитетот на Северно Колорадо (UNC) во Грили каде предава виолончело и камерна музика. Претходно предавал и на Scottsdale Community College во Аризона и на Универзитетот на Јужна Калифорнија. Редовно води мастеркласи и предава на летни музички школи во САД и Европа. На УСК, Фаганел е добитник на неколку грантови за истражувачка работа, патувања и концерти одржани на четири континенти. Иновативниот приод кон едукацијата каде ја користи технологијата на видео-конференција му овозможува на Фаганел да работи со студенти низ целиот свет. На 13-годишна возраст Фаганел победил на својот прв натпревар, на 15 години ја освоил првата награда на меѓународниот натпревар „Алфредо Маркозиг“ во Италија. Покрај останатите три награди освоени на меѓународни музички натпреварувања, меѓу кои се вбројуваат и оние на Меѓународниот натпревар по виолончело „Антонио Јанигро“ во Хрватска, Фаганел е победник на музичкиот натпревар во организација на Американската асоцијација на професори по гудачки инструменти во Калифорнија, како и на Државниот натпревар во Словенија во категориите соло изведувач и камерна музика - клавирско трио. Во 1997 тој ја понесе титулата „Млад музичар на годината“ во Словенија. Во 2006 година, Фаганел започна со истражување, каталогизирање, изведба и снимање музика за виолончело од словенечки композитори. Досега издал две од петте планирани компакт дискови со овие дела, за издавачката куќа Astrum.

Влезот е слободен.