Драган Даутовски: Се отуѓуваме од човечките вредности, „Апокалиптикум“ укажува на тоа

Ова не е случајно невреме. Познато е дека уметниците се ловци на пораки или, пак, пораките ги ловат нив, сеедно. Моја обврска како човек и уметник е таквите пораки да ги споделувам со добрите луѓе, вели Даутовски

Во светот владее страшна злоба, нечовечност и отуѓување од човечките вредности. Ние уметниците пренесуваме пораки, па преку „Апокалиптикум“ ќе укажам дека можеби крајот е тука некаде, но не мора да значи апокалипса, туку значи и нов почеток, вели музичарот и професор Драган Даутовски по повод концертот што ќе се случи на 27 март.

Концертот, на кој ќе настапи заедно со својот син Ратко Даутовски, е насловен како „Апокалиптикум“ и ќе се одржи во Македонската опера и балет како почеток на годинешното издание на Денови на македонска музика во организација на СОКОМ.

Даутовски во разговор со Телеграф.мк вели дека станува збор за еден музички проект кој е синоним за неговиот животен, човечки, филозофски и уметнички пат.

- Тоа е проект со кој го покажувам патот до корените на музиката, а тоа е звукот како животворна енергија. Знаеме дека звукот денеска, благодарение на технологијата, има исклучително деструктивна моќ и тоа многу. Мојата уметничка обврска е да укажувам на тоа дека треба да се вратиме на божествената енергија на музиката, на нејзиниот зародиш, а тоа е чистиот звук – вели Даутовски.

Тој додава дека ова не е случајно невреме, а познато е дека уметниците се ловци на пораки или, пак, пораките ги ловат нив, сеедно. Нивна обврска е таквите пораки да ги споделуваат со добрите луѓе.

- „Апокалиптикум“ значи и една звучна слика на поделбата на добри и лоши луѓе. Практично, на такво нешто некој злобен не верувам дека ќе дојде ниту, пак, ќе може да издржи. Тоа е моето искуство. „Апокалиптикум“ како проект укажува на времето кога на глобално ниво владее една страшна злоба, нечовечност, отуѓување од човечките вредности – вели Даутовски.

Влезниците за концертот може да се набават од билетарницата на Македонската опера и балет или онлјан преку нивната веб-страница.

Видео разговорот можете да го погледнете на следниот линк.

Преземено од Телеграф.мк

Фото: Телеграф.мк / Влатко Перковски