ДММ 2017 рецензија: Камерна вечер со италијанска сензибилитет

Дојрана Прокопиева

Концертот на италијанскиот ансамбл „Нуове Музике“ што се одржа во понеделникот во Музејот на град Скопје, во рамките на „Деновите на македонска музика“ беше убава прилика да ги слушнеме делата на македонските автори низ визурата на италијанските уметници за кои што ова беше прва средба со македонското творештво. Секое гостување на реномирани состави на современа музика од други земји од Европа и светот нуди можности за „соочување“, споредби и размислувања, а оваа вечер дополнителна нота беше фактот што публиката имаше можност да слушне солист – контратенор, но и дело за овој глас, нешто што е навистина реткост во современата музика.  

Како камерни и соло изведувачи, биографиите на членовите на ансамблот „Нуове Музике“: Роберто Бокјо на кларинет, Леонардо Боеро на виолина, Гаетано Насило на виолончело, Алесандро Марангони на пијано и нивниот уметнички раководител и диригент Франческо Оторнело зборуваат за уметници кои одамна ги имаат зацврстено своите позиции на италијанската и меѓународната уметничка сцена, уметници зад кои стојат бројни признанија, реализирани концерти, носачи на звук... И покрај тоа што составот изведува музика од речиси сите творечки периоди во историјата, со посебен пиетет ѝ се обраќа на современата музика. Тука беа и солистите за да ја комплетираат музичката слика – нашиот афирмиран тенор Благој Нацоски и италијанскиот контратенор Луиџи Скифано, име познато на македонската публика пред која неколкупати се претставил и на концертната и на оперската сцена.

Програмата на концертот не понуди „излети“ и експерименти во музичкиот израз и звукообразувањето. Напротив, ја сочинуваа дела што се движеа во една покласична, традиционална рамка, во која индивидуалните авторски сензибилитети се доближуваа меѓусебно во стилскиот и естетски приод кон музичката материја, низ која провејуваа неоромантичарскиот, лирскиот, експресионистичкиот и фолклорниот израз.

Концертот започна со „Три минијатури“ за соло кларинет на Симона Симуноска, композиција што од своето создавање во 2014 година веќе ја доби својата звучна слика на подиумот на „Деновите на македонска музика“, а продолжи да живее и потоа, зацврстувајќи го своето место во репертоарот на многу домашни и странски исполнители. Во него авторката покажува особено познавање како на техничките така и на интерпретативни аспекти на инструментот и на избалансираноста на формата. Експресивниот квалитет на делото се воочуваше во одличната изведба на кларинетистот Роберто Бокјо.

Следуваа „Три пиеси“ за виолина и пијано на композиторот Гоце Коларовски, дело напишано во 1986 година што го покажува тогаш младиот Коларовски како веќе оформен и зрел автор, со силен творечки импулс и разбирање на цикличното обликување на делото. Композицијата ја карактеризираат одмерени изразни средства и виртуозно разработена техника која во изведба на виолинистот Боеро и пијанистот Марангони најде свој автентичен звучен одраз.  

Концертот на ансамблот „Нуове музике“ беше убава прилика да се навратиме кон творештвото на еден од најистакнатите претставници на македонската композиторска школа, Властимир Николовски и неговото „Тешкото“ за виолончело и пијано. Тешкото како силен белег на македонската традиција зазема централно, речиси исконско место во опусот на Николовски каде модалноста, богатството и сложеноста на метро-ритмичките структури и сонорноста го формираат неговиот творечки манир. Виолончелистот Насило и пијанистот Марангони го донесоа делото во неговата автентична структурност и музичка содржина, креирајќи силна звучна тензија и динамика, елементи што во творештвото на Властимир Николовски имаат суштински карактер.

Го чувме и делото „Охридска пастрмка“ на авторот Дамјан Темков, автор кој сегментите од македонската традиција на драго срце ги користи „кршејќи ги“ и „извртувајќи“ ги низ сопствената музичка визура. Темков успеал да создаде впечатлива композиција во минималистички манир во чија што структура се јавуваат два елементи, нешто што се наметнува како специфика на неговото творештво последниве години: музички мотив разработен со карактеристична ритмичка специфичност и мотив од народната песна „Кога тргнав Цвето“. Со нивното „спротивставување“ и вкрстување во континуирана целина во која ритмичкото начело е силно изразено, авторот постигнува ефектна кулминација. Иако интерпретацијата на Марагони се одликуваше со виртуозност, беше помалку груба и тешка. Пијанистот како да ја немаше докрај разбрано идејата на авторот, што особено се забележа во недостигот на суптилност и елеганција во изведбата, нешто што Темков го имал предвид кога музички ја насликал охридската пастрмка.   

Концертот го заокружи циклусот „Седум песни од светлина и прав“ од италијанскиот автор Анџело Инглезе на стихови од поетот Никола Маџиров, кое што оваа вечер ја доживеа својата македонска премиера. Делото, како што вели самиот автор своите инспирации ги наоѓа во „Квартетот за крајот на времето“ на Месјан и ги евоцира сите фази на човековото постоење: почнувајќи од раѓањето, преминот од љубовта кон еротизмот, сè до смртта и преобразбата, притоа рефлектирајќи ја музички експресијата на стиховите. Звучноста на првата песна, „Будење“ создава алузија на црковни камбани и утринска молитва на која повикува тенорот. Низ целата партитура музичката содржина извира од еден главен мотив кој што се развива и надоградува во вид на „бескрајни варијации“ чија што кулминација и комплексност е постигната во последната од песните. Гласовите на контратенорот и тенорот се користени како звучна, говорна материја, која заедно со инструменталната палета е споена во органска целина. Атмосферата на делото наместа е мечтателно-романтична и импресионистичка, а наместа силно експресионистичка. Изведбата на делото изобилуваше со топла боја и лирски емотивен набој.  Солистите, и особено супериорно музикалниот Нацоски дијалогизираа меѓу себе, со инструменталните делници, но и со самиот простор и со публиката, доближувајќи и ги суптилностите на композицијата, нејзината емоција и непосредност.

Ансамблот „Нуове музика“ е состав кој го краси изведувачка умешност и солидна изведувачка техника, квалитети кои придонесоа автентичните композиторски замисли да најдат соодветна звучна рефлексија.