ДММ 2017: Концерти на ансамблот „Хоризонте“ - Германија

Гостувањето на германскиот ансамбл ХОРИЗОНТЕ ќе донесе два стилски разновидни концерти со камерни дела на македонски и странски автори од различни генерации кои ќе се одржат на 11-ти и 12-ти април (вторник и среда) во Музејот на Град Скопје со почеток во 20 часот. Ќе прозвучат делата на композиторите Томислав Зографски, Драгослав Ортаков, Томе Манчев, Панде Шахов, Михаило Трандафиловски, Вулнет Таири, дел од кои беа наградени на минатогодишниот Конкурс за нови дела на Министерството за култура, а за прв пат во Македонија ќе бидат изведени и композииции на Петер Ган, Ѓакинто Шелси, Салваторе Скјарино, Жан-Лук Дарбелај, Жером Комбие, Малика Кишино, како и од водачот на ансамблот, композиторот и обоист Јорг-Петер Митман. На концертот на 12 април како гости на ансамблот „Хоризонте“ ќе настапат и македонските уметници Марјан Милошески на фагот, Кристина Светиева на пијано и Драганчо Младеноски на труба.

Ансамблот „Хоризонте“ е во состав: Данте Монтоја - флејта, Мерве Казокоглу - кларинет, Хелене Шиц - харфа, Марајке Норман - виолина, Марија Пахе - виола, Хауке Сивертсен - виолончело, Јорг-Петер Митман - водач и обоа.

Ансамблот ХОРИЗОНТЕ од своето формирање во 1990 година до денес делува во различни формации, и е посветен пред сè (но не исклучиво) на изведба на современа музика. Во своето делување, членовите на составот за поважна од било која стилска дефиниција ја сметаат желбата за создавање различни контексти преку тематски фокус, како и на специфични просторни ситуации. На овој начин, е овозможена ориентацијата на неподготвениот слушател во звуковниот свет на музичката модерна. Традиционалното и модерното, како и интеракцијата помеѓу музиката и другите уметнички жанрови претставуваат најважниот елемент во уметноста на ансамблот, што ги отвора вратите на современиот звук за пошироката публика, не поставувајќи го претходно музичко знаење и искуство како предуслов. Ансамблот ХОРИЗОНТЕ соработува со бројни реномирани музичари, уметници, и композитори, на театарси проекти и проекти и со други организатори во Германија и странство. Составот делува во центарот „Klangwerkstatt Detmold" каде од 2007 година одржува свои концертни циклуси. Еден од основачите и негов уметнички директор е реномираниот композитор Јорг-Петер Митман, добитник на бројни награди. Митман освен композиција студира и теорија, филозофија и историја и е автор на повеќе трудови од областа на субјективноста, естетиката како и анализата на говорот.

Гостувањето на ансамблот „Хоризонте“ во Македонија е финансиски поддржано од Гете институтот и Здружението за македонско-германско пријателство и соработка од Скопје, институции со кои фестивалот „Денови на македонска музика“ и Сојузот на композиторите на Македонија повеќе години наназад негуваат успешна соработка.

Влезот за двата концерта е слободен.