Денови на македонска музика: Концерт на гудачкиот квартет „Антарја“

Вечерва (сабота, 8 април, Музеј на град Скопје) на фестивалот „Денови на македонска музика“ гостува гудачкиот квартет „Антарја“ од Полска. На програмата се дела на жени-композиторки од Балканот: Ивана Стефановиќ и Исидора Жебељан (Србија), Уршка Помпе (Словенија), Санда Мајурец и Лаура Мједа Чуперјани (Хрватска), како и композиции на македонските авторки Јана Андреевска и Валентина Велковска - Трајановска. Концертот е дел од проектот „Жени-композиторки од просторите на бивша Југославија“ на Институтот за камерна, рана и современа музика „Јозеф Хајдн“ и на Катедрата за музикологија при Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, реализиран под раководство на проф. Вида Вујиќ. Проектот опфаќа концерти, работилници, предавања и дискусии на теми за положбата и улогата на жените композиторки од поранешните југословенски републики. Програмата со која ансамблот ќе настапи на „Деновите на македонска музика“ доживеа неколкукратни изведби во Виена и Љубљана, а наесен следуваат настапи и во Белград и Загреб. Гудачкиот квартет „Антарја“ е во состав: Барбара Мглеј - виолина, Елжбјета Мудлаф - виолина, Магдалена Шмјеловјец - виола и Јакуб Гајовник - виолончело

„Сокол ли сум, бура или бескрајна песна?“ од Јана Андреевска e композиција оригинално создадена за квартет саксофони во 2006 година, во верзија во која доживува бројни изведби ширум Европа. Во 2015 година, на барање на Гудачкиот квартет на Свердловското државно филхармониско друштво делото е адаптирано за гудачки квартет и оттогаш доживува повеќе изведби и во оваа верзија. Делото е инспирирано од стиховите од „Книгата на часови“ на славниот поет Рајнер Марија Рилке и кружи околу деликатно инкорпорираните фрагменти од првиот став на Сонатата за соло виолина бр.3 во Це-дур на Јохан Себастијан Бах. (Го живеам животот во растечки кругови/што се простираат над нештата околу мене./Можеби нема никогаш да го завршам последниот/но ќе се обидам./Кружам околу Господ/околу древната кула/како што сум кружел илјадници години/ и сè уште не знам: сокол ли сум, бура или бескрајна песна?)

- Кога во декември минатата година во Виена, квартетот Антарја (инаку составен од релативно млади уметници кои допрва треба да се развиваат на планот на ансамбловото музицирање) го изведе ова дело за првпат, бев навистина восхитена од нивната посветеност, музикалност, желбата длабински да се разбере идејата на делото и тоа да се донесе со соодветната енергија и умешност - вели Андреевска.

- Инаку и моето дело и делото на Валентина Велковска-Трајановска беа избрани низ еден внимателен процес на селекција да бидат дел од проектот „Неслушнати звуци“ на Институтот Јозеф Хајдн од Универзитетот за музика и изведувачки уметности од Виена, осмислен и воден од доцент Вида Вујиќ, ментор на квартетот Антарја, извонредно посветен педагог и воопшто невиден ентузијаст. Квартетот досега реализира 4 концерти со оваа програма (во Виена и Љубљана), а по изведбата во Скопје следуваат и изведбите во Белград и Загреб - додава авторката. 

- Делото „Преобразување“ го создов при еден краток престој во Англија и воедно е посветено на композиторот Дмитриј Шостакович. Во него доминира идејата за Преобразување, неговото религиско значење, и моето разбирање на процесот на промени и вознесување на човекот од едно на друго квалитативно повисоко ниво на постоење. „За да се дојде до Вистината, треба да се ослободиме од сопствената самост. Само тогаш може да ја видиме Светлината на светот, како блеска во нашите души“ (Павел Флоренски) - вели композиторката Валентина Велковска - Трајановска.

- Композицијата досега е повеќепати изведена во Македонија, Англија, Чешка и Австрија, но морам да потенцирам дека квартетот Антарја ме импресионира со својата исклучителна посветеност, професионалност, емоција и страст при изведбата на моето но и севкупно сите дела на концертот - заклучува Велковска.

Гудачкиот квартет АНТАРЈА е формиран во 2009 година. Неговите членови се дипломци на Академијата за музика во Краков, Полска, во класите на истакнати полски музичари и педагози: Каја Данчовска, Јануш Писарски и Доминик Полонски. До 2015 година составот делува под името квартет „Амбер“. Во 2017 година, членовите на квартетот ги завршуваат постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена во класите на Јоханес Мajсл и Вида Вујиќ. До 2013 година, составот работи под раководство на членовите на квартетот „DAFO”, а во последните неколку години делува под менторство и на други истакнати камерни музичари и состави како Петер Бук, Пјотр Кајдаш, Каја Данчовска, Марек Мос (Silesian String Quartet, AUKSO Orchestra), Belcea Quartet, Shanghai Quartet, Apollon Musagete Quartett, Altenberg Trio и Fine Arts Quartet. Во 2013 година, под уметничкото водство на Кшиштоф Пендерецки, квартетот го изведе неговиот „Гудачки квартет бр. 3“. Репертоарот на составот опфаќа повеќе полски и светски премиери на дела од композиторите В. Желенски, З. Стојковски, Заид Јабри, Витолд Вробел, Алесандро Грего. Ансамблот настапил на бројни меѓународни фестивали меѓу кои и на „Festival dell Quartetto d’Archi” во Лоро Чиуфена, Италија во 2013 и 2016 година и на „Internationales Klassikfestival im Allgau - Oberstdorfer Muziksommer“ во Германија (2013). Во 2012 година квартетот ја освои Специјалната награда за најдобар ансамбл на 20-тиот Internationales Klassikfestival im Allgau - Oberstdorfer Musiksommer што резултираше со серија рецитали и покана за учество на фестивалот следната година. Квартетот „Антарја“ два пати учествува на Велигденскиот фестивал „Лудвиг ван Бетовен“ во Краков; во 2013 година составот настапи на отворањето на изложбата на ракописи во библиотеката на Универзитетот Јагиелонијан во Краков. Во април 2016 година пак, кваретот ја доби наградата на камерниот натпревар „ III Turniej Kameralny” во Бидгошч, Полска, организиран од страна на Академијата за музика во Бидгошч. Меѓу најзначајните настапи на квартетот е концертот на фестивалот „7 Nurtów + 7 Premier = 70 lat“ во Варшава во организација на Сојузот на композитори на Полска, а по повод 70 години од неговото постоење. Во декември 2016 година, на покана на Центарот за нова музика „Спектро“, „Антарја“ одржа соло и камерни мастеркласи и настапи во Музејот за современа уметност на Техеран со изведба на камерни дела од современи полски автори. Квартетот „Антарја“ на два наврати е добитник на грант од Институтот „Адам Мицкјевич“ во рамки на програмата „Полската култура низ светот“.

Гостувањето на гудачкиот квартет „Антарја“ е финансиски поддржано од Универзитетот за музика и изведувачки уметности од Виена.

Влезот е слободен.