Дела на македонски композитори прозвучеа во Брно на концертот на пијанистката Даница Стојанова

Дела за пијано од македонските композитори Томислав Зографски, Ристо Аврамовски, Гоце Коларовски и Јана Андреевска минатата недела прозвучеа во Брно, Чешка, на концертот на истакната македонска пијанистка Даница Стојанова во Дитриштејнската палата на овој чешки град. Изведбата на пијанистката Стојанова наиде на извонредно позитивни оцени и воодушевување од тамошната критика и публика.

Така, Ина Асламас, професорка на Конзерваториумот за музика во Брно ќе рече: „Имавме прилика да слушнеме интересна и несекојдневна програма, составена од разновидни композиции за пијано од македонски автори. За жал, македонската музика во Чешка не е доволно изведувана, и токму поради тоа, таа за нас е големо откровение - таа е хармонично свежа, уникатна, ритмички разновидна и со богата звучност. Делата на Аврамовски, Зографски, Коларовски прозвучеа во брилијантна интерпретација на македонската пијанистка Даница Стојанова, која покажа вистинска смисла за музичка форма и богата палета на пијанистичка артикулација. 

За програмата на концертот, Ема Јадличка Гогова, уметнички директор на Intercultural Creative Life ќе напише: „Специфичниот мелос на Првата исповедна молитва од Ристо Аврамовски воспостави силна емотивна атмосфера, на која што фантастично се надоврза транскрипцијата на Баховите Прелудиум и фуга од Франц Лист. По сериозниот и достоинствен почеток на концертот, прозаичниот карактер на неокласичната суита од Томислав Зографски пријатно ја освежи публиката, а речиси без прекин пијанистката ја поврза оваа композиција со етидите и познатата елегија на Сергеј Рахмањинов...“

Гогова додава: „Ништо помалку комплексна не беше суитата од Гоце Коларовски во чија што изведба пијанистката вложи огромна енергија, а по оваа драматична кулиманации, таа концертот го заокружи со суптилните шест минијатури на единствената композиторка Јана Андреевска што беше совршен крај на една топла и пријатна мајска вечер.“

„Пијанистката Стојанова на чешката публика и' доближи музиката далечна на тукашните интерпретациски навики, воодушевувајќи со несопирлива енергија, виртуозитет и успешно доловувајќи го карактерот на композициите - од драматично замрачен до нежно лиричен“ - беа зборовите и епитетите упатени за нашата пијанистка и нејзината изведба.