Вистински професионалци кои креираат силни и моќни музички вредности

Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ ги додели наградите за најуспешните музички уметници, композитори, изведувачи и оркестри, а меѓу добитниците се Стојан Стојков, Игор Киров, Бисера Чадловска, Марија Ѓошевска, камерниот ансамбл „КонТемпора" и проект на студентите на ФМУ.

Во категоријата „Млад музички уметник“ наградата ја доби Александар Иванов, кој се смета за еден од најталентираните млади виолинисти од новата генерација македонски музичари. Роден во музичко семејство, виолина почнува да учи на седумгодишна возраст и веќе на 9 години ја освојува Првата награда на Меѓународниот конкурс за виолина во Србија, како и Првата награда на Националниот натпревар во Скопје, по што следат уште неколку значајни домашни и странски признанија, како и покани за настапи.

Во 2014 година на Московскиот меѓународен фестивал „Открита Европа - Открита планета“, во категоријата соло-виолина Иванов се закитува со Лауреат од втор степен, а во 2015-та победува на Меѓународниот конкурс „Сребрен камертон“ во Санкт Петербугр, Русија и се здобива со Лауреат од прв степен. Овие признанија само ја потврдуваат исклучителната музикалност и техничка совршеност на Иванов, која ја надградува и како учесник на семинари кај повеќе еминентни виолинисти, меѓу нив и Ана и Олег Кондратенко, Михаил Готсдинер..., или преку континуираните мастер-часови со светски реномираниот виолинист Светлин Русев, но и мастер-класот со еден од водечките професори по виолина во Европа, Игор Петрушевски. Иванов настапува како солист, како камерен музичар, но и со оркестарот на Македонската филхармонија, а од минатата година е примен како најмлад студент со само 14 години, на престижниот  Конзерваториум „Рихард Вагнер“ во Виена, Австрија.

Во категоријата „Камерен ансамбл“ наградата ја доби ансамблот „КонТемпора“. Формирањето на Ансамблот за современа музика „КонТемпора“ се наметна како повеќе од добредојден чекор за раздвижување на македонската културна сцена, за отворање на видиците кон нови, поинакви културни вредности. Од своето формирање пред неполни две години до денес, ансамблот „КонТемпора“ ја одржува неопходната интеракција помеѓу македонската музичка култура и светот, претставувајќи ги новосоздадените дела на македонските автори, но и на композитори од останатите делови на светот.

Минатата исклучително успешна година, ансамблот исполни концерти во рамки на речиси сите најзначајни музички фестивали во земјата („Денови на македонска музика“, „Скопско лето“, „Златна лира“ и „Есенски музички свечености“), свирејќи со интензитет, желба и посветеност на современото творештво и индивидуални творечки естетики, а реализираше и концертна турнеја во Белгија.

Во категоријата „Музички настан“ наградата ја доби „Свирач на покривот“ – проект на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Младоста, еланот, силната мотивираност и посветеност беа главните атрибути на постановката на бродвејскиот мјузикл „Свирач на покривот“, кој пред македонската публика беше одигран во музичко-сценска продукција на Факултетот за музичка уметност, на 49-годишнината од неговото постоење.

Сите учесници во продукцијата на „Свирач на покривот“ конзистентно ја пренесоа атмосферата, емоциите, драматичноста и комичноста на овој мјузикл, беа одлични актери кои автентично ги изнесоа на површина есенцијалните нишки на ликовите. Поставување на „Свирач на покривот“ критиката го оцени како подвиг, на кој младите креативци одговорија како вистински професионалци во креирањето на силна и моќна претстава која долго ќе се памети.

Во категоријата „Композитор“ наградата ја доби Стојан Стојков, еден од најголемите македонски композитори кој зад себе има богат опус на дела, почнувајќи од малите форми - солистички и камерни, па сѐ до големите вокално-инструментални и музичко-сценски дела кои доживувале успешни изведби и надвор од нашите граници.

Неговата последна опера „Змејовата невеста“ беше проследена со огромен успех здобивајќи се со одлични оценки од публиката и критиката. Всушност, таа е круна на творечкиот опус на авторот. И како своевиден творечки подвиг, во почетокот на седмата деценија од животот да се создаде најсложената, најобемната и најсинкретичната уметничка форма, но и како логичен след во неговиот творечки опус кој главно, или се потпира или извира од нашата традиција и народен бит. Јавувајќи се истовремено и како автор на либретото (според истоименото дело на Димитар Молеров), Стојан Стојков создал, од една страна заокружена драмска целина околу еден поим (љубовта), а во истовреме и неа ја „озвучил“ на начин што на универзалната порака и дал локален акцент.

Неговиот веќе докажан творечки опит во другите композиторски жанри беше добра основа за тоа, а доминантниот творечки сензибилитет - потпирањето врз традицијата и нејзино интегрирање во традиционалниот јазик на западноевропската музичка култура - водилка во создавањето на ова маркантно дело. На тој начин создал своевидна „етно опера“, во најдобрата смисла на зборот, збогатувајќи го нашето музичко творештво со уште еден препознатлив егземплар. „Змејовата невеста“ ја доби наградата „Панче Пешев“ за најдобро премиерно претставено творечко остварување во 2015 година.

Во категоријата „Меѓународна афирмација“ наградата ја доби кореографот и танчер Игор Киров. Тој е најистакнатиот македонски танчар и кореограф, единствен во своите уметнички креации, упорен, работлив, но и прекрасна личност со неуморлив дух, ентузијазам и динамично-магнетски темперамент... Ова се дел од блескавите епитети упатени кон Игор Киров, уметникот кој својата страст кон танцот продолжува да ја пренесува на балетските сцени од Кореја, преку Европа, до Куба и САД.

Минатата година, тој уште еднаш ја потврди својата доминација на меѓународната сцена, постојано трагајќи по нова естетика, насоки и правци. Неговите креации „5 до 12“, „Дневникот на Нижински“, „If I Can“, „Stories“ беа поставени на театарските сцени во Хрватска, Франција, Германија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, каде редовно беа примени со воодушевување и испратени со овации. Своето познавање за танцовата уметност, Киров го пренесуваше на танцовите академии во Белград, Минхен и Токио и на тој начин придонесувајќи кон меѓународна афирмација на македонскиот балет.

Во категоријата „Музичко-сценски уметник“ наградата ја доби диригентката Бисера Чадловска. Сигурен настап, енергични движења, музикалност, талент... се дел од критиките за македонската диригентка Бисера Чадловска, која како дел од ансамблот на Македонската опера и балет, може да се пофали дека зад себе има навистина завидна бројка на реализирани оперски и балетски претстави, како и концертни настани.

Бисера Чадловска дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот оркестарско диригирање во класата на проф. Фимчо Муратовски, а потоа се запишува на пост-дипломски студии по симфониско и оперско диригирање на Државната музичка академија во Софија. Веднаш почнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет, и нејзината исклучителна работа ќе ја доведе до асистент во подготовките на сите нови премиери.

По неколку години, 2005-та, ја добива и својата прва премиера - „Таен брак“ од Доменико Чимароза, со која свечено ќе почне манифестацијата „Скопско лето“. Како резултат на работата на оваа опера, Чадловска добива стипендија од фондацијата CEE Eastern Musiktheater, со што ѝ се овозможува посета на семинари и настап со оперскиот оркестар од Темишвар, Романија. Потоа се редат голем број на претстави од репертоарот на МОБ, таа се докажува како оперски и балетски диригент и денес го диригира речиси целокупниот репертоар на сцената на оваа национална куќа.

Во категоријата „Музички изведувач“ наградата ја доби Марија Ѓошевска, една од најистакнатите пијанисти во Република Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност.

Ѓошевска дипломира (2002), магистрира (2004) и докторира (2009) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог, проф. Борис Романов. Во рамките на докторатот, пак, под менторство на проф. д-р Томе Манчев, таа успешно го брани научниот труд на тема „Аспекти на влијание на хармонијата врз репродуктивниот процес погледнато низ призмата на делото ’Соната за пијано Д-960‘ од Франц Шуберт“.

За својот талент, труд и неспорна музикалност, Ѓошевска е добитник на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари во земјава и во странство, во Чешка, Италија, Франција... Таа е една од најактивните пијанистки која настапува како солист, но и како камерен музичар и во повеќе земји низ Европа и светот, со реномирани оркестри и диригенти. Нејзиниот репертоар е навистина богат, а своето искуство денес го пренесува на младите како редовен професор на ФМУ во Скопје.

Т.Д.

Преземено од mkd.mk