Богата активност на Михаило Трандафиловски изминатиов период

Првата половина од 2016 година за композиторот и виолинист Михаило Трандафиловски помина во знакот на повеќе активности на полето на композицијата и интерпретацијата. Композицијата за гудачки квартет Fibers AND Coils беше изведена како дел од проектот „Музика на сферите“ на Фестивалот на Геномика во Лондон во јануари, како и на еден од серијата концерти на Кројцер Квартетот во Goldsmiths College. Следната есен планирана е и изведба и презентација на проектот на Европскиот биоинформатички институт (EMBL-EBI) во Кембриџ. Истата композиција беше употребена во проектот/инсталацијата Et In Arcadia Ego на уметницата Charlotte Jarvis  – дел од изложбата Body of Matter во MU Artspace Eindhoven. Композицијата BLAZE-glow, напишана за саксофон квартетот PSOGO, премиерно се изведе во март на финалето на престижниот натпревар во склоп на Биеналната конференција на Северноамериканската саксофон алијанса (North American Saxophone Alliance) во Тексас, по што следеа две изведби на Државниот универзитет во Мичиген, а наскоро ќе биде реализирана и студиска снимка.

Во јули, пак, делото Magnets, Lava, Crystals ќе биде изведено од кларинетистот Roger Heaton и Кројцер Квартетот на универзитетот Bath Spa, како дел од Интернационалната Конференција за изведувачки студии (Fourth Performance Studies Network International Conference).

Во моментов Трандафиловски комплетира неколку композиции, меѓу кои и ново дело за гудачки оркестар, кое ќе биде снимано за Toccata Classics, камерно трио (нарачка од кларинетистката и декан на Кралскиот Колеџ во Манчестер, Linda Merrick), како и ново виолинско дуо, кое Трандафиловски и Peter Sheppard Skærved ќе го изведат премиерно во јуни, во Британскиот музеј во Лондон. Како виолинист/член во квартетот Кројцер, Трандафиловски неодамна реализираше нови компакт дискови со музика на композиторите Edward Cowie и David Matthews, за британските издавачки куќи Toccata Classics и NMC, а во тек се повеќе други проекти. Вториот авторски компакт диск на Трандафиловски (FIVE), издаден во 2015 од американската Innova Recordings, беше превземен во над дваесет радио емитувања во САД во минатите неколку месеци.  При крај е снимањето на неговото ново авторско ЦД, планирано за 2017 година, за издавачката куќа Metier.

Во продолжение објавуваме и неколку линкови од рецензии и интервјуа реализирани со Михаило Трандафиловски, како и изведби на неговите композиции. 

Magnets, Lava, Crystals – interview

Fibers AND Coils – live at CGP London, Dilston Grove

Trandafilovski: FIVE – LaFolia review

http://www.trandafilovski.com/