Андовска ќе пишува музика за Оркестарот на забранетиот град

Македонската композиторка беше избрана за македонски музички амбасадор на проектот што подразбира и долгорочна соработка, при која избраните композитори од Европа треба да вдахнат нов живот во кинеската музика, преку нарачка на композиции

Композиторката треба да напише дело за кинески традиционални инструменти

Неодамна македонската композиторка Дарија Андовска беше во својата прва истражувачка посета на Република Кина. Речиси цел месец, заедно со 14 реномирани европски композитори, имаше можност да ја запознава Кина, тамошната шаренолика и богата култура, музика и инструменти. Андовска беше избрана за македонски музички амбасадор на проектот што подразбира и долгорочна соработка, при која избраните композитори од Европа треба да вдахнат нов живот во кинеската музика, преку нарачка на композиции за Оркестарот на забранетиот град.

- Како резултат на ова искуство, по барање на кинеското министерство за култура, треба да напишам композиција за кинески традиционални инструменти, која ќе ја изведе Оркестарот на забранетиот град во 2017 година во Пекинг. Дополнително, веќе во почетокот на ова неверојатно искуство, добив и предлог понатаму, во текот на она што ќе биде долгогодишна соработка, да напишам симфониски дела за некои од седумте најголеми оркестри во Република Кина, со статус „национален оркестар“ - вели Андовска.
За време на посетата на Кина, Андовска, заедно со другите избрани композитори од Европа, посети неколку градови и многу околни места, вклучувајќи ги и Гуангжоу (Кантон), Шантоу, Меижоу, Лонгјан, Куанжоу, Ксиан, Ланжоу и Пекинг, како дел од провинциите Гуандонг, Јунан, Фуџиан, Шаанши и Гансу.
- Патувањето било многу интензивно, со најчесто два до три концерти дневно, повеќето организирани специјално за композиторите, гости од Централна и Источна Европа. Композиторите, кои беа учесници во проектот „16+1“, беа внимателно избрани од селекцијата понудена од ресорното министерство од секоја од државите-учеснички, од страна на експерти и Министерството за култура на Р. Кина - вели Андовска.

Групата „16+1“ е соработка помеѓу Република Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа, меѓу кои, освен Македонија, се и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Чешка, Словачка, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Србија, Словенија, Унгарија и Полска.

Освен престојот во Кина, Дарија Андовска во изминатиот период, како композитор на музика за театар, имаше две премиери на театарски претстави во Прилеп („Обѕирни се во гнев“ - режија: Кристина Димитрова) и во Битола („Сонети“ - режија: Ангелчо Илиевски), а претставата „Каде исчезна Хармс“- (Народно позориште - Ниш, режија: Ангелчо Илиевски), каде што исто така се јавува како композитор, ја доби специјалната награда на 52-то издание на фестивалот „Јоаким Вујиќ“ во Србија.

Дарија Андовска е претставник е на младата генерација македонски композитори. Студиите по композиција ги заврши на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски, а магистрира во Цирих - Швајцарија - современа музика во класата на И. Мундри и филмска и театарска музика и продукција кај Д. Ферари и А. Белмо. Во меѓувреме својата едукација ја збогатила и со учество на мастеркласови и работилници во повеќе светски градови (Санкт Петербург, Белград, Штутгард, Утрехт итн.). Андовска е автор на повеќе солистички, камерни, оркестарски дела, како и на музика за филм театар, танц. Таа е автор и на мултимедијални проекти. Еден е од најизведуваните македонски млади композитори во странство (Швајцарија, Италија, Германија, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Мексико, Канада, САД, Ерменија, Полска и други), а нејзините композиции се ставани на носачи на звук во Македонија, Швајцарија, Италија, Србија, Босна и Херцеговина, Германија.

                                                 
Автор: А.Д.

Преземено од Нова Македонија