ЃОРГИЕВ Ѓорѓи

Ѓорѓи М. Ѓорѓиев своите студии ги завршил 1967 година на ФМУ во Белград (во првата генерација по етномузикологија), а на истиот факултет докторирал 1985 година.  Својата научна дејност ја започнал уште како студент, кога со свој реферат учествувал на 13-от конгрес на СЗФЈ, Дојран, во  1966 година. Работниот стаж го започнал во 1968 година во Институтот за фолклор ,,Марко Цепенков“ во Скопје. Паралелно со работата во ИФ, хонорарно држел предавања на ФМУ во Скопје. Истовремено бил и визитинг професор на музичките факултети во Нови Сад и Приштина. Во 1990 година (кога е отворен одделот по етномузикологија), Ѓорѓиев бил примен на ФМУ во Скопје како  наставник во редовен работен однос и ја држел наставата по сите етномузиколошки предмети. Неговите поранешни студенти денес го одржуваат континуитетот во развојот на етномузиколошката мисла во Македонија. Оттаму, со право може да се каже дека тој е основоположник на високошколската етномузиколошка едукација во Р.Македонија.    

Автор е на неколку поголеми етномузикоолошки трудови  и на педесетина помали студии печаттени во стручни списанија и во разни зборници во вид на реферати за разни домашни и меѓународни научни собири.

Бил претседател на здружението на фолклористите на македонија. Ѓоргиев има голем удел во развојот на апликативните дејности кои го афирмираа македонскиот фолклор во земјата и странство. Тој бил на чело на повеќе фестивали, македонски делегат во меѓународните асоцијации на ИОФ и ЦИОФ. Раководел и членувал во разни стручни жирија, рецензентски, селективни и советодавни комисии. Учествувал во голем број радио и телевизиски емисии.