ФИРФОВ Живко

Љубовта кон музиката ја пројавил многу рано. Тоа го поттикнува уште за време на средношколските години, во почетокот на 1922 година, заедно со Стефан Гајдов да го формираат пeјачкото друштво „Горм“. Она што следува потоа е главно исто или слично како и другите членови на таканаречената „Македонска петорка“: заминуваање во Белград како најприродно место тогаш за добивање соодветно музичко образование и школување кај познатите белградски професори и композитори меѓу кои и Јосип Славенски и Јуриј Арбатски. По завршувањето на музичкото училиште во Белград, Фирфов работи како диригент на Академското пејачко друштво и како раководител на оркестарот при Домот на слепите во Земун. Како посебен куриозитет стои податокот зачуван во програмското ливче од 18 октомври 1942 година според кое неговата „Фантазија за оргули“ била изведена на концертот што бил одржан во Евангелистичката црква во Прага од неговиот професор и оргулист Јуриј Арбатски (заедно со дела од други европски автори и со Сонатата број 6 од Панче Пешев).

Крајот на Втората светска војна го дочекува во Главниот штаб на НОВ каде што ја врши својата мелографска и композиторска активност. По ослободувањето вршел низа одговорни должности во Скопје: шеф на отсекот за уметност во Одделението за култура и уметност при АСНОМ, шеф на отсекот за народна музика при Радио Скопје, еден од основачите и прв уметнички директор на ансамблот „Танец“, шеф на Одделението за народна музика при Институтот за фолклор „Марко Цепенков”, а подоцна и директор на Институтот и др. Бил дописен член на Меѓународното фолклорно друштво ИФЦМ во Лондон, член на Националниот комитет при УНЕСКО за народна музика, како и член на Националното географско друштво на САД и почесен претседател на Меѓународното друштво за народни игри со седиште во Лондон.

Својата главна преокупација ја наоѓал на полето на фолклорот. Особено се истакнувал како собирач, мелограф и толкувач на македонскиот музички фолклор. Во време на неговата работа во ансамблот „Танец“се залагал за интензивно теренско истражување, потоа се залага на репертоарот да се донесат автентични ора и песни и истовремено во Ансамблот да доаѓаат демонстратори, играорци од теренот за да ги покажат игрите со сите белези  на традиционалните изведби. Собрал и мелографирал голем број народни мелодии (над 7000) од кои дел се објавени во збирките Македонски музички фолклор 1 (1953) и 2 (1964),. Паралелно со ова објавил и поголем број други стручни трудови: „Македонските мелографи од крајот на 19 век“ (1963), „Метричките особини на македонската народна музика“ (1951), „Дијафонијата на македонската народна музика“ (1958) итн.

 Неговиот творечки опус не е голем. Опфаќа десетина композиции од кои најпознати се хорскиот циклус Хуморески 1 - 3 и композицијата „Дротар“. Во делот на инструменталната музика, освен веќе спомнатата Фантазија за оргули, попознати се неговите дела „Оркестарска суита“ и „Варијации“. Потпирањето врз македонскиот фолклор, притоа, е една од основните карактеристики на творечкиот ракопис на Фирфов. Особено е видливо во творбата Хумореска 1 (базирана врз народните мотиви од песната „Цуцул стои на грутка“), додека во композицијата „Дротар“ „...традицијата е пошироко сфатена. Делото е пишувано со стандарден хармонски јазик, присутен во тогашната европска музика. Ова излегување од рамките на познатата македонска препознатливост е условено од самата инспирација спрема текстот создаден надвор од Македонија. Па сепак, звукот на Живко Фирфов е национално обоен, што се гледа пред сè во употребата на ... модуси карактеристични за подрачјето на (кое живее) македонскиот народ. Оваа синтеза му овозможила на композиторот послободно да му се спротивстави на начинот на мислење на своето време во музичката уметност во другите делови на (тогашна) Југославија и надвор од неа. На тој начин тој воспостави сопствено обележје на музичките вредности на своите дела во рамките на македонското музичко творештво.“ (Прошев, 1986).

 

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО

Суита- за оркестар

 

КАМЕРНО

Суита, - за флејта и пијано

 

СОЛИСТИЧКО

Фантазија, - за оргули; Варијации, - за пијано;

 

ХОРСКО

„Хумореска 3“,; „Хумореска 2“,; „Хумореска 1“,; „Дротар“,;

 

ПУБЛИЦИСТИКА

 

Материјали за музичкиот фолклор на Македонија, Музичка енциклопедија на ЈЛЗ, Загреб,

Македонске народне песме из НОБ, Зборник САНУ,

Македонските иселеници и македонските народни песни, Реферат на 14. Конгрес на фолклористите во Квебек, Канада,

Македонска народна култура, Предавање одржано во Виндзор, Канада,

Македонската народна култура,

Македонските иселеници и македонските народни песни,

Македонске народне песме из НОБ,

Материјали за музичкиот фолклор на Македонија,

Како се сакупљају и интерпретирају народне песме с југа, „Музика“ бр. 3-4, 1939,

Метричките и ритмичките особини на македонската народна музика, Journal IFMC, London 1952 и „Современост“ бр. 7, Скопје, 1951,

Елементарна теорија на солфежот, 1953,

Македонски музички фолклор - песни 1 (со научна анализа на 208 песни), „Кочо Рацин“, Скопје, 1953,

Македонски народни ора, (со кореографско пис, терминологија и анализа на 20 народни ора, коавтор: Г. Пајтонџиев), „Кочо Рацин“, Скопје, 1953,

Дијафонија македонске народне музике, Конгрес Савеза фолклориста Југославије, Зајечар, 1958,

Македонске народне песме из периода НОБ, Конгрес Савеза фолклориста Југославије, Блед, 1959,

Ликот на македонската народна музика, Конгрес на Сојузот на фолклористите на Југославија, Скопје и Охрид, 1960,

Македонски народни инструменти, Journal IFMC, London, 1960,

Учебник по музичко воспитување, 1961,

Македонски мелографи од крајот на 19 век, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Скопје, 1963,

Македонски музички фолклор - песни  2, (Збирка на 500 народни песни со научна анализа), Издание на Институтот за фолклор, Скопје, 1963,

Градските музички инструменти и нивните интерпретатори, Реферат на Научниот симпозиум одржан во рамките на „Охридските староградски средби“, Охрид, 1976,

 

Марко Коловски

 

 

Date of Birth: 
1906
Date of Death: 
1984