ТОДОРЧЕВСКА Јелица

Јелица Тодорчевска (1937) е музички писател и библиотекар. Во 1961 година дипломира на Отсекот за музика со историја на музика при Вишата педагошка школа во Скопје. Понатамошното школување го продолжува на Музичката академија во Љубљана на катедрата по музикологија, а дипломира на Високата музичка школа на одделот за музичка теорија и педагогија во 1970 година. дејност ја започнува како наставник по нотно пеење во основно училиште во Скопје. Во периодот од 1959 до 1961 била корепетитор во Средното балетско училиште во Скопје, а во периодот од 1965 до 1969 била наставник по историја на музика, историја на балетот, историја на карактерните танци, солфеж и пијана во истото училиште.

Во 1969 година ја започнува својата дејност како прв музички библиотекар и организатор на првата музичка библиотека во Македонија при Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, каде развива многубројни дејности за афирмација на музичкиот фонд на библиотеката. Во периодот од 1970 до 1987 година соработувала со Музичката младина на град Скопје, со Македонската филхармонија, МКЦ како модератор на концертниот репертоар. Била музички соработник и во Македонската Радио Телевизија, Радио Скопје. Во 2002 – 2003 година е соработник за издавањето на делото „СТО МАКЕДОНСКИ ГОДИНИ 1903-2003“, издадена од куќата МИ-АН со 80 текстови посветени на музичките настани во Македонија. Била член на Редакцијата за музика на македонското издание на Енциклопедија Британика.

Со научна работа во полето на музикологија се занимава од 1973 година. Објавила 44 музиколошки студии, текстови во монографски публикации, музички енциклопедии и музички лексикони. Со музичка публицистика се занимава од 1962 година, од кога објавила 145 музички рецензии за концерти и фестивали како „Охридско лето“, „Струшка музичка есен“, „Денови на македонската музика“, „Мајски оперски вечери“, во дневни весници и службени списанија.

 

Member Type: 
Date of Birth: 
1937