ТЕМКОВ Дамјан

Основното и средното музичко образование ги завршува во Скопје, на отсекот по пијано во класата на Ведрана Светиева. Во 2000 г. се запишува на композиција, во класата на проф. Гоце Коларовски каде што и дипломира во 2006 (негов последен дипломец), а во 2012 г. магистрира во класата на Сони Петровски. Во текот на образованието е добитник на повеќе државни награди по пијано, камерна музика и солфеж. Учествувал на различни семинари кај профеосорите Џон Вулрих  (John Woolrich), Ерик Годиберт (Eric Gaudibert), Александар Радвиловиќ (Alexander Radvilovich), Рајнхард Фебел (Reinhard Febel), Килиан Швун (Kilian Schwoon), Франсоа Сархан (Francois Sarhan) и др. Во 2007 е добитник на (целосна) стипендија во „Dartington School of Music“, на отсекот по филмска музика, во класата на Мигел Мера. Во текот на студиите е основач на камерниот оркестар при Домот на културата „Кочо Рацин”, чија идеја е да се промовира македонското музичко творештво. Со него реализира неколку значајни концерти на кои се презентирани исклучиво македонски автори и тоа, во Скопје, Берлин и Варшава.

По дипломирањето (од 2006 година) работи како наставник по композиција во СМУ Битола, а веќе од следната година до денес, и како наставник по музички форми и композиција во ДМБУЦ – „Илија Николовски - Луј” од Скопје. Во 2007 станува најмлад постојан член на СОКОМ.

Опусот на Дамјан Темков содржи дела од различни видови и кои, генерално земено, се движат во четири насоки: дела за пијано, камерни дела, вокални и симфониски дела. Во почетокот на своето творештво употребува најразлични стилови и техники кои често се менуваат. Ова е особено видливо во периодот на студиите, а потоа, со завршувањето добиваат поконкретна насока и главно се темелат кон користење на нашиот фолклор.

Во првата категорија (пијано), најзастапена е минималис­тичката техника која во овој вид дела тој ја доживува како „најкомотен израз“. Во овие композиции кои се напишанин за клавир соло и 4 раце, (самиот автор несевесно ги вбројува како први од тој жанр во македонското музичко творештво), најмногу доаѓа до израз темпераментот на авторот, кој се препознава во комплексните ритмички структури, иснпирирани од популарната електронска музика, а преточени во клавирската техника која бара голема точност, прецизност и артикулациски вештини. Покрај минимализмот, токатната техника е онаа која претставува дополнителен предизвик и мотив во овој вид дела.

Речиси во сите вокалните дела од Темков, формата на композициите е прокомпонирана и се раководи исклучиво според текстот, (секаде од од Б. Конески). Во овој вид дела се отстапува од изразните средства спомнати погоре и како главен елемент се наметнува потенцирањето на дијалогот меѓу солистот и придружбата, најчесто во импреси­онистички манир и проширен тоналитет.

Творештвото на Дамјан Темков добива најконкретна насока по делото „Фантазија“ за симфониски оркестар. Самиот наслов укажува на формата која дозволува поголема слобода во развојот, а е сублимат на повеќе фолклорни теми (македонска, албанска итн.) и цитат од Ѓерѓ Лигети. Изразот во ова дело, кое претставува своевидна граница од неговото доусовршување до определбата која трае до денес, се карактеризира со комбинирање на традиционалното во склоп со нови техники на компонирање. Делото е со неокласицистички призвук и со нагласена ритмичка комплексност -  кои се едни од најзначајните фактори во развојот на неговите дела.

Изразитата употреба на мелодиски структури кои потекнуваат од повеќе различни видови на фолклор (подеднаква употреба на мотиви од народни игри и песни, од постарата и поновата пејачка традиција), се основа за повеќето дела создадени во изминатиот период. Најголем дел од нив се камерни (соло инструмент и придружба), но исто така, таквиот приод се среќава и кај последното симфониско дело кое во вид на варијации уште повеќе го потенцира различниот приод и третман во разработката на една иста мелодија.

 

Делата на Дамјан Темков се изведувани во голем број земји (Бугарија, Романија, Италија, Норвешка, Германија, Велика Британија, САД). Изведувани се, исто така, од голем број реномирани домашни и европски ансамбли меѓу кои: Македонската филхармонија, Дуо Кировски, дуо Гелебешеви, гудачки квартет „Гајдов“, гудачки квартет „Бревис“, „Saxophone Quadrat“ - Германија, „Trio Ardenza“ - Бугарија, „Archaeus“ – Романија и др.

 

ТВОРЕШТВО

 

ОРКЕСТАРСКО

Кончертино, - за саксофон и гудачки оркестар, (2003); Фантазија, - за симфониски оркестар, (2006); Сеќавања, - за камерен оркестар, (2010); Варијации, - за симфониски оркестар, (2012);

 

КАМЕРНО

Шега, - за флејта/кларинет и пијано, (2000); Menace, - за три виолончела, (2002); Not Another Teen’s Cartoon , - за гудачки квартет, (2003); Суита, - за гудачки квартет, (2004); Y to my GTI Turbo Pride 1, - за пијано - четири раце, (2005); Y to my GTI turbo pride 3, - за четирирачно пијано, (2007); Y to my GTI turbo Pride 2, - за пијано - четири раце, (2007); Трио 25.713, - за виолина, виолончело и пијано/маримба, (2008); Triling/Quad, - за виола и пијано, (2008); “25.713” , - за клавирско трио, (2008); Кошмар, - за глас, пијано, фагот и тромбон, (2010); Суита, - за квартет саксофони, (2012); Три скици, - за брас квинтет, (2012); Надеж, - за глас и виолончело, (2013); Introduction and the tin’s dance, - за контрабас и пијано, (2013); Разговор, - за сопран, тенор и бас, (2014); Perpetuum Mobile, - за два саксофони, (2014);

 

СОЛИСТИЧКО

Три прелудиуми ин Б, - за пијано, (2000); Perpetuum Mobile, - за пијано, (2002);

 

СОЛО ПЕСНИ

Сон - циклус, - за глас и пијано, (2001);                

 

Марко Коловски

 

 

Date of Birth: 
1981