СПАСОВСКИ Зоран

Зоран Спасовски (Скопје, 1965) е македонски композитор и инструменталист. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на одделот за ударни инструменти (класа проф. Емил Клан). Од 1990 година работи како професор по ударни инструменти во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, а работел и како соработник на Македонската филхармонија и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Реализирал настапи како солист во Македонската филхармонија, со Камерниот оркестар на ФМУ и повеќе камерни состави. Од 1994 година е член на Меѓународната асоцијација на композитори “Sacem” во Франција. Како член на групата „Мизар“ настапил на повеќе концерти во поранешна Југославија. Најголемиот успех Спасовски го постигнува со групата „Анастасија“, со која делува од 1992 до 2001 година и со која настапил на многу концерти и фестивали ширум Европа и светот. Во неговата дискографија се вбројуваат албумите: со „Апореа“ - „На реках Вавилонских“ (Dom, 1991 и Peta Negra, 1994), со „Анастасија“ – „Пред дождот“ (саундтрак за филмот) (Decca Records, 1994 и Polygram Music, 1994), „Лице/гори“ (Трето уво, 1997), „Мелургија“ (Libra Music, 1997), „Ноктурнал“ (Tрето уво, 1997), “Anastasia live 1994” (Lithium Records, 2010). Како композитор на филмска музика, Спасовски учествувал во реализацијата на следните проекти: филмовите „Бубачки“, „Часовник“ и „Превртено“ во режија на Игор Иванов – Изи, „Пред дождот“ (како дел од „Анастасија“), „Како лош сон“ во режија на Антонио Митриќески (како дел од „Анастасија“). Како дел од групата „Анастасија“, но и самостојно Спасовски работи на музиката за бројни за театарски претстави во Србија (Суботица), Грција и Македонија. Меѓу позначајните драмски претстави се „Кузман Капидан“, „Ајант“, „Антигона“, „Еригон“, „Баханалии“, „Буре барут“, „Розенкранц и Гилдерстен се мртви“, „Падот на невиноста“, „Собрани дела од Шекспир“, „Папокот на светот“ и други.