ПЕТРОВСКИ Сони

На своја десетгодишна возраст се враќа во Македонија и музичкото образование целосно го оформува во својата татковина. Најнапред во Средното музичко училиште во Битола, а потоа на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Тука студира и димпломира на одделот по композиција во класата на проф. Гоце Коларовски. Потоа магистрира во класата на проф. Јана Андреевска. Своето композиторско образование го усовршува и со учество на голем број семинари кај реномирани професори од Македонија и странство, меѓу кои и Брајан Фернејхју(Brian Ferneyhough), Криштоф Мејер(Krzystof Meyer), Фараџ Караев(Faradj Karaev), Џон Вулрих (John Woolrich), Пјер Ален Џафрену(Pierre Allain Jaffrennou),Ерик Годиберт (Eric Gaudibert)  и други. По дипломирањето (од 2001 година) работи како асистент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а од 2010 година е доцент на истата високошколска установа. Како исклучително надарен композитор, многу млад станува член на Сојузот на композиторите на Македонија и многу рано ја презема одговорната улога да биде уметнички директор на Деновите на македонската музика (2003 – 2005). Во 1998 година тој го основа и уметнички го раководи ансамблот за современа музика „Алеа“ за кој, до крајот на неговата дејност (2006 година) се напишани голем број композиции кои се изведени во земјава и во странство.  Во тие години ансамблот стана еден од најголемите промотори на современата македонска музика. Петровски во 2012 година е избран за претседател на Сојузот на композиторите на Македонија.

Во наголем дел од својот опус Сони Петровски манифестира традиционален пристап кон музиката, со што ја прави неа поприфатлива за широката музичка јавност („...Всушност, концертот ќе остане забележан по речиси риплиевскиот податок дека едно дело од македонски автор било најдобро изведено од сите на програмата и дека според сè, па и според вкупниот ефект оставило најсилен впечаток и предизвикало громогласен аплауз. Се случи и тоа, да го наречеме – чудо невидено, а виновникот беше младиот композитор Сони Петровски и, овој пат петте делови од неговата композиција од пред две години наречена „Зодијак“ ...“, Марко Коловски,  Радио Скопје, 25.11.2011). Сепак, тој во однос на изразните средства склон е и кон истражување на вкупните потенцијали на инструментите заради искористување на нивните технички можности.

Петровски е автор на покрупни форми, што не е својствено за неговата генерација. Слободата на изразување ја потигнува на различни начини, дури и такви што понекогаш може да заличат на некои веќе подзаборавени техники (алеаториката на пример, на која заличуваат одредени места во композицијата за соло виолина со наслов „Брик-а-Брак“, каде што се содржани модели врз кои испонителот слободно импровизира, во рамките на своите технички и изразни можности). Токму таквиот начин многу често е можност исполнителите да се искажат во сиот свој тоталитет („...композицијата (Брик а Брак) од Сони Петровски која звучеше и привлечно и ефектно и која, се чини на Љубиша Кировски му овозможи да ги покаже сите свои исполнителски квалитети...“ - Марко Коловски, Радио Скопје, 24.12.2012).

Една од карактеристиките на творештвото на Сони Петровски е неговата жанровска и стилска разновидност. Покрај веќе спомнатите (парцијални) „излети“ во сферите на алеаториката, кај него ќе слушнете дела во кои е присутен минимализмот. Заедно со делата кои извираат од нашата духовна традиција („Господи возвах“, „Господе Исусе Христе помилуј ме“, „Достојно ест“) ќе сретнете и дела кои се врзани за непрегледното богатство на уметноста на македонскиот народен гениј: од поедноставните обработки на народни песни, преку нивните посложени трансформации („Кажи, кажи либе Стано“, „Назад, назад Калино моме“ и др.), до оние каде што фолклорот е третиран на сосема софистициран начин, како некаков далечен, но битен одглас што го дава штимунгот на композицијата („Брик-а-Брак“, „Фолклорни минијатури“, „Мед и крв“ и др.). Дека различните композициски и стилски определби не се никакво ограничување, ами може да се најдат не само во творечкиот опус, туку и во рамките на само една композиција сведочи токму оркестарското дело „Зодијак“.

Делата на Сони Петровски веќе се изведувани во голем број земји во целиот свет (Бугарија, Србија, Косово, Албанија, Хрватска, Словенија, Полска, Франција, Унгарија, Австрија, Италија, Германија, Полска, Русија, Украина, Данска, Холандија, Велика Британија, Канада, САД, Нов Зеланд итн.). Изведувани се, исто така, од голем број реномирани светски ансамбли и солисти меѓу кои и: Московската филхармонија, Македонската филхармонија, Македонската Опера и Балет, Moscow Contemporary Music Ensemble (Русија), IXIOM Ensemble (В.Британија), Ensemble Reconsil Vienna (Австрија), Камерниот оркестар на Словенечката филхармонија (Словенија), Гудачкиот квартет „Кројцер“ (В.Британија „ ... Сони е еден од лидерите на новата музичка култура на Балканот. Сум го изведувал „Брик-а-брак“ низ целиот свет“... Peter Sheppard Skaerved, 2011), Ансамблот за современа музика „Алеа“, во Македонија, „New Born Choir“ (Косово) „Hart House Chamber Orchestra“ (Канада), Мајкл Финиси (Michael Finissy), Ана и Игор Дурловски. Сони Петровски за симфониската суита „Зодијак“ е добитник на наградата „Панче Пешев“ за 2009 година, која Сојузот на композиторите на Македонија ја доделува за најуспешно дело во претходната година.

ТВОРЕШТВО

 

ОРКЕСТАРСКО

Концерт, - за виола и симфониски оркестар, (1998); Концертна пиеса, - за пијано и гудачки оркестар, (2000); Снуз, - за симфониски оркестар, (2002); Анданте, - за виола и гудачки оркестар, (2003); Циркус Ентропа од „Превртено“ (оркестрација), - за симфониски оркестар, (2007); Прелудиум, - за флејта, кларинет, виолина и гудачки оркестар, (2007); Зодијак, - за симфониски оркестар, (2008-09); Анданте (од III став од Гудачки квартет), - за гудачки оркестар, (2010);

 

КАМЕРНО

Етиди, - за 2 флејти и пијано, (1996); Варијации, - за 5 кларинет и чембало, (1997); Господи Возвах, - за глас (бас) и пијано, (1997); Веселите сја, - за бас и камерен ансамбл, (1997); Господи Возвах, - за бас, мешан хор и ѕвона, (1997); Пиеса, - за 2 сопрани, рецитатор, кларинет, (1997); Гудачки квартет, - за гудачки квартет, (1999); Хуморокеска, - за камерен ансамбл, (1999); Фолк минијатури, - за бас и камерен ансамбл, (2000); Мед и крд, - за флејта, кларинет, тромбон, пијано, виолина, виолончело, (2002); Чалгија и 7 начини на кажување „Ааа..“, - за камерен ансамбл, (2004); Мала Суита, - за квартет саксофони, (2006); Анданте, - за две флејти, пијано, (2008); Бор садила, - за тенор и пијано, (2008); Дејгиди (обработка), - за глас и пијано, (2010); Vita Luna, - за флејта, кларинет, пијано, виолина, виолончело, (2011);

 

МУЗИЧКО-СЦЕНСКО

Паралели, - балет (2003); Леандер и Косара, - опера (2006-07);

 

СОЛИСТИЧКО

Инвенции, - за соло кларинет, (1996);, (2000); Брик-а-брак, - за соло виолина, (2001); Dance Bravura, - за маримба, (2011);

 

СОЛО ПЕСНИ

Вокализа, - за глас и пијано

 

ХОРСКО

Достојно ест, - за мешан хор, (2010); Химна за 8ми септември, - за мешан хор, (2011); Господи, Исусе Христе, помилуј не, - за мешан хор, (2012);

 

ОРКЕСТРАЦИИ И ОБРАБОТКИ

Бор садила, - за солист и симфониски оркестар, (2006); Зајди, зајди, - за солист и симфониски оркестар, (2006); Мајка на Марика, - за солист и симфониски оркестар, (2006); Дејгиди луди млади години, - за солист и симфониски оркестар, (2006); Нажалена невеста, - за солист и симфониски оркестар, (2006); "Молитва" од Скаловски (оркестрација), - за солист и симфониски оркестар, (2009); Назад, назад Калино моме (обработка) , - за сопран, тенор, бас и симфониски оркестар, (2011); Кажи, кажи либе Стано (обработка на народна песна), - за сопран, тенор,бас и симфониски оркестар, (2011);

 

Марко Коловски

 

 

Date of Birth: 
1977