ПАВЛОВСКА-ШУЛАЈКОВСКА Мирјана

Мирјана Павловска-Шулајковска (Скопје, 1970) дипломира на одделот за музикологија при Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Сотир Голабовски со темата „Музичката публицистика во Македонија 1944-1964 проследена низ страниците на весникот „Нова Македонија“. Паралелно со студиите по музикологија, Павловска-Шулајковска завршува и отсек пијано интерпретација во класата на проф. Милица Шперовиќ-Рибарски. Во периодот од 1997 до 2000 година работи како музички новинар во редакцијата на Сител ТВ, каде изработува интервјуа со музички уметници и музички документарци и портрети на македонски музички уметници. Била соработник на емисијата од областа на културата „Скен култ“. Во 2006 година, Павловска-Шулајковска магистрира на одделот за музикологија при ФМУ, во класата на проф. д-р Димитрије Бужаровски, со темата „Методологија за реконструкција на уметничкиот пат на македонските музички уметници, Данка Фирфова - првата македонска оперска певица“. Таа се јавува и како рецензент во дневните весници „Вечер“ и „Нова Македонија“. Учестувала на повеќе конференции во Македонија и надвор од неа. Од 2000 година, Павловска-Шулајковска е посветена на педагошката дејност, како професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Од 2011 година, таа е на докторски студии на Катедрата за византологија при Универзитетот Евро-Балкан во Скопје, под менторство на проф. д-р Јане Коџабашија, каде работи на истражувања од областа на византиската музичка култура на територијата на Македонија во периодот на националната преродба. Автор е на монографијата за виолончелистката Душка Тасеска, насловена „Душка Тасеска - музиката како судбина“, во издание на Дирекцијата за култура и уметност во Скопје.

 

Member Type: 
Date of Birth: 
1970