ОРТАКОВ Драгослав

Контактот со музиката го имал уште многу рано, а на шест годишна возраст започнува да учи виолина. Паралелно учи гимназија и посетува музичко училиште, а по краткото учителствување (1944) во село Караѓорѓевац (тогаш Крумово), заминува во Скопје, и веднаш потоа на студии во Загреб. Потоа се префла на Музичката академија во Белград на која дипломира на Историско-фолклорниот оддел, а една година студира и композиција во класата на проф. Марко Тајќевиќ.

По враќањето во Скопје се вработува како професор во Средното музичко училиште. Истовремено е и постојан критичар на Радио Скопје (1956-1963 година). Во 1961/62 година престојува во Париз каде што слуша предавања на Музиколошкиот институт и работи композициија на париската „Скола Канторум“, кај професорот Пјер Висмер. Во 1963 година е назначен за директор на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, а потоа три години (1964-1967) е директор на Операта и Балетот при МНТ. Од основањето на Факултетот за музичка уметност (1966, тогаш Високата музичка школа) до пензионирањето (1988) тој е професор (од 1973 – 1975 и декан) на оваа високошколска установа. Во 1977 година е иницијатор и основач на Музиколошкиот оддел на ФМУ, каде што останува шеф на катедрата до пензионирањето. Од неговата класа излегоа голем број дипломирани музиколози кои денес се носители на музикологијата во Македонија (М. Коловски, Б. Ортаков, С. Лешкова, Т. Грковска и др.).

Творечкиот опус на Ортаков може да се подели на два дела: композиторски и музиколошки. Како композитор, првите пројави ги има уште во средношколските години, потоа продолжува со неколку композиции создадени во почетокот на педесеттите години (делумно во време на неговите студии), но поинтензивното занимавање со музичкото творештво започнува по престојот во Париз, каде што почнува да го пишува својот Прв гудачки квартет (завршен во Скопје) со кој ги навестува современите струења што во тоа време навлегуваат во нашето музичко творештво. „Мојата генерерација беше соочена со еден од најсилните судири меѓу одживеаните облици на „традиционализмот“ и новите струења во музичкото творештво. Она што доаѓаше им наметнуваше на луѓето тотален пресврт во начинот на музичкото мислење. Како во некој вител настанаа престројувања меѓу мизичките автори, што нè зафатија и нас младите, сè уште заложници на тврдините на традиционализмот какви што беа некои музички академии.“ (Радио Скопје, 11.2.1977). Подоцна создава педесетина, главно камерни композиции во кои присуството на тогаш авангардните творечки постапки станува препознатлив знак. Поголем број од нив се поврзани со работата на Ансамблот за современа музика „Света Софија“ раководена од Тома Прошев, и се изведени на меѓународни фестивали (особено на Трибината на музичкото творештво на поранешна Југославија што се одржуваше во Опатија - Хрватска). Во оваа група композиции посебно се издвојуваат циклусот „Ептамерон“ (алфа, бета, гама, делта) и Музиката за пијано и инструментален ансамбл. Интересот за композиција Ортаков го интензивира во последната декада од својот живот кога создава повеќе дела што се изведувани на „Деновите на македонската музика“.

Како музиколог Ортаков оствари фасцинантен опус, кој освен со обемот, признанијата ги заслужи и според истражувачкиот досег и важноста на откритијата што станаа база за работата и истражувањата на сите идни македонски музиколози. Започната со серијата критики на програмата на Радио Скопје, кои се уникатни сведоштва за тогашниот музички живот и неговите протагонисти, неговата музиколошка активност продолжи со низа статии пишувани од педесеттите години на минатиот век, па сè до првата деценија на овој век, како и со неколку книги кои станаа темел на македонската музикологија. Во книгата „Музичката уметност во Македонија“ Ортаков на извесен начин го дополнува недостигот на интегрална историја на македонската музика, правејќи пресек на музичките настани и личности што дејствувале на овие простори од најстари времиња до втората половина на дваесеттиот век. Во следната негова книга, - „ Arsnova macedonica“ тој својот фокус го свртува кон духовната и световната музика во Македонија во времето на Преродбата, осветлувајќи ги основните естетички постулати на уметничкото творештво во овој период, со посебен акцент врз музиката.

Во сиот спектар на музиколошкиот интерес на Ортаков, во кој место наоѓаат многу теми и многу личности од постарата и поновата историја на македонската музика, посебно треба да се издвојат неговите истражувања на постарите слоеви на македонската музика. Благодарение на тој негов интерес и истражувачки импулс, нам ни станаа појасни многу процеси што се одвивале во минатото, ни станаа подостапни личностите што ја креирале главно духовната музика, а со дешифрациите на нивните дела – имавме можност да го почувствуваме и духот на времето што одамна поминало. Четиринаесет негови статии подоцна беа печатени во книгата „Огледи за византиско-словенската музика во Македонија“ низ кои се разјаснети низа теориски прашања од областа на духовното творештво, како и откриени повеќе творци што создавале во тоа време. Во книгата се претставени од авторот дешифрирани и реконструирани црковни напеви од Димитар Злананов - Градоборски, Димитар Павлов-Штипјанин, Христо Поп-Стојанов, Кирил Пејчиновиќ, како и фрагменти од духовното творештво на Атанас Бадев и Ѓорѓи Стојчевиќ од Кратово. За овој труд композиторот и музиколог д-р Јане Коџобашија, меѓу другото, вели: „Во својата ... книга ... Драгослав Ортаков всушнот прави пресек на својата музиколошко-истражувачка работа во изминатите 25-30 години... Денеска, речиси, не остана ниедно прашање од оваа важна област на македонската култура кое Ортаков не го третирал со сета професионална сериозност и претпазливост... „Старото“ и новото во оваа книга создаваат целина од којашто произлегува истражувачкото кредо на овој авторитативен музички истражувач и писател".

За својата вкупна дејност Драгослав Ортаков е добитник на низа општествени и стручни награди и признанија.

 

ТВОРЕШТВО

 

ОРКЕСТАРСКО

Реминисценција, - за гудачки оркестар, (2004); Циклус „Ѕидари“, - за бас и камерен оркестар, (1982); Поема, - за гудачки оркестар, (2000); Симфониска песна „Караорман“, - за симфониски оркестар, (1972);

 

КАМЕРНО

Трио, - за две виолини и виола, (1949); Романтична соната, - за кларинет и пијано, (1951); Гудачки квартет, - за гудачки квартет, (1962); Дијалози, - за камерен ансамбл, (1968); Квинтана, - за камерен инструментален ансамбл, (1969); Ептамерон, - за седум инструменти, (1970); Ептамерон бета, - за камерен оркестар, (1972); Ептамерон гама, - за камерен оркестар, (1974); Музика, - за пијано и ансамбл, (1975); Ептамерон делта, - за камерен оркестар, (1976); Ептамерон алфа, - за камерен оркестар, (1978); Три импресии, - за виолина и пијано, (1980); Гудачко трио бр. 2 „Охридско“, - за виолина, виола и виолончело, (1991); Четири епизоди, - за дувачки квинтет, (1992); Дувачки квинтет, - за дувачки квинтет, (1992); Циклус „Ѕидари“, - за длабок глас, кларинет, пијано и виолончело, (1998); „Квинтана 2“, - за виола и пијано, (2000); Гудачко трио бр. 3, - за виолина, виола, виолончело, (2001); Триангл, - за кларинет, виола и пијано, (2003); Портрет, - за сопран и пијано, (2003-04);

 

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО

Слово за Кирил и Методиј, - (1969);

 

СОЛИСТИЧКО

Детска свита, - за пијано, (1954); Суита, - за пијано, (1960); Соната, - за пијано, (1990);

СОЛО ПЕСНИ

Каријатида, - за висок глас и пијано, (1960); Портрет, - за висок глас и пијано, (1969);

 

ХОРСКО

Светулка , - за двогласен женски (детски) хор со пијано, (1965); Росен бисер, - за двогласен женски (детски) хор со пијано, (1967); Тропар, - за мешан хор, (1968); Јасна вечер, - за женски хор, (1970); Елегија, - за мешан хор, (1973); Една ноќ, - за тригласен женски хор, (1976); Лилија ж‘лта в ношт лунују, - за , (1985); „Херувимска песна“, - за машки хор, (1995);

 

ЕЛЕКТРОНСКА МУЗИКА

Елеорп ‘76,(1976);

 

ДЕТСКИ ПЕСНИ

Тир-тир-тара, (1973); Зима, (1971); Дремка и сон, (1972); Писмо, (1973); Песна на штурчето, (1975); Септемвриско ракување, (1986); Славеј планина, (1987);

 

ФИЛМСКА МУЗИКА

„Музика за филмот „Јад“  во режија на Кирил Ценевски (коавтор: Сотир Голабовски)

 

ПУБЛИЦИСТИКА

 

Музичката активност во Дебар и Дебарско ((коавтор: С. Голабовски), во Монографијата „Дебар“),

Музичките прилики во Македонија од последните децении на минатиот век до Балканските војни (ракопис),

Church Music in Macedonia (text printed on the cove of the gramophone record „Macedonska crkovna muzika“, ed. Macedonian Rewie, Recorded in „Helidon“, Ljubljana),

Македонски сценски дела,

Музиката во Охрид и Охридско низ векови ((коавтор: С. Голабовски), Монографија на Охрид и Охридско),

Хиландар и звук („Видици“, бр.14), (1955)

Јосип Славенски (портрет) („Културен живот“, бр. 5-6, Скопје), (1956)

Лудвиг ванБетовен (портрет) („Културен живот“, бр.1- 2, Скопје), (1958)

Волфганг Амадеус Моцарт (портрет) („Културен живот“, бр. 3-4, Скопје), (1958)

Подем на музичкото творештво („Културен живот“, бр. 3, Скопје), (1960)

Музичке прилике у Македонији од последњих деценија деветнаестог века до Балканских ратова (рукопис; Музичка академија-Београд, 1960), (1960)

За музиката, (1962)

Властимир Николовски (портрет), („Културен живот“, бр. 3, Скопје), (1966)

Creation musicale macedonienne d'aujourd'hui („Zvuk“, br.77-78, Sarajevo), (1967)

La musica in Macedonia (QUTD,N. 2, Roma), (1969)

Сегашниот миг на македонското музичко творештво, („Нова Македонија“), (1969)

Мајстор вокалне лирике, („Звук“, бр.101, Сарајево), (1970)

Авторизираната „народна песна“ и нејзиното место во актуелната културна ситуација (реферат на XVII Конгрес на СЗФЈ, Пореч), (1970)

Актуелната културна ситуација (реферат на XVII Конгрес на СЗФЈ, Пореч), (1970)

Prilog proucavanju muzicke proslosti Makedonije („Arti rau- sices“, br. 2), (1971)

Zivko Firfov („Macedonian Review“ br. 1 Skopje), (1971)

Musica sacra in Makedonia (Gloria a SAN CIRILLO, Edizione della revista, "Kulturen zivot", di Skopje, Roma), (1971)

Тома Прошев (портрет) („Културен живот“, бр.2-3, Скопје), (1971)

Музичкото творештво во Прилеп и Прилепско ((коавтор С. Голабовски), во монографијата: „Прилеп и Прилепско низ историјата“, Прилеп), (1971)

Некои искуства од методологијата на истражувањето во областа на старата словенска духовна музика во Македонија (коавтор: С. Голабовски) (реферат на Меѓународниот симпозиум за старата словенска музика, Софија), (1971)

Црковно-словенски текстови и теми во современото македонско музичко творештво (реферат на IV Семинар за македонски јазик, литература и култура, Охрид), (1971)

Фолклорни влијанија во прилепскиот регион врз црковно- музичкото творештво ((коавтор: С. Голабовски), XIX Конгрес на фолклористите на Југославија, Крушево), (1972)

Творештвото на најмладата генерација македонски композитори (реферат на V-от Семинар за македонски јазик, литература и култура, Охрид), (1972)

Трагика печалбарства - о опери „Разделба“ Трајка Прокопиева („Звук“, бр.1, Сарајево), (1973)

 

Марко Коловски

 

 

Date of Birth: 
1928
Date of Death: 
2007