ОРТАКОВ Бојан

Бојан Ортаков е роден на 19.01.1963 година во Скопје. Дипломирал 1987 на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на одделот по музикологија, во класата на проф. д-р Тома Прошев (тема: “Ернст Блох и музиката како надеж“). Во 1990 година, на истата институција ги завршува постдипломските студии по музикологија, со темата “Кон естетиката на византиско-словенската музика во Македонија“ под менторство на проф. д-р Димитрие Бужаровски. Истата година, Ортаков е избран во звањето помлад асистент, по предметите Историја на музиката и Музикологија на ФМУ - Скопје. Во 1990-91 г. престојува на тримесечни специјалистички студии во Торино, Италија, во класата на еминентниот професор, естетичар на музиката Енрико Фубини. Во 2001 г. на ФМУ - Скопје, Ортаков ја одбрани докторската дисертација под наслов „Акултурациските процеси во формирањето ни развојот на на македонската духовна музика во периодот IX - XIX век“. Автор е на повеќе написи и студии, објавени во домашни и странски зборници и списанија, како и на поголем број музички критики и рецензии во домашниот печат. Учесник е на повеќе научни симпозиуми кај нас и во странство, меѓу кои се издвојуваат оние во Киев, 1998 г. (тема: “Православната монодија: нејзиното теолошко, литургиско и естетичко битие“), како и учеството на XX светски византолошки конгрес, одржан во Париз, 2001 г. (тема: “Кон естетиката на византиско-словенската музика во Македонија“). Денес, Бојан Ортаков е вонреден професор на ФМУ-Скопје, на класата по Музикологија и на предметот Историја на музиката.

Member Type: 
Date of Birth: 
1963