ОПЕТЧЕСКА-ТАТАРЧЕВСКА Ивона

Ивона Опетческа Татарчевска е родена на 31.07.1973 година во Струга. Во родниот град завршува основно образование, додека во Скопје го завршува средното образование во Музичко-Балетскиот Училишен Центар "Илија Николовски - Луј" на насоката за музичка теорија во 1991 година. Во 1998 дипломира на отсекот по етномузикологија на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј", на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. д-р Ѓорѓи Ѓорѓиев, додека во 2012 година магистрира на Институтот за Етнологија и Антропологија при Природно Математички Факултет во класата на проф. д-р Мирјана Мирчевска, на тема: „Мијачките ора во традиционалниот живот и на сцена“. Во периодот од 1990 до денес, посетува многубројни семинари и курсеви како Летната етнокореолошка школа во Загреб, работилницата „Основи на Кнуст-Лабановата кинетографска нотација“ под менторство на д-р Оливера Васиќ од ФМУ во Белград, семинарот „Статистичкиот метод во музикологијата и етномузикологијата“ на ФМУ во Скопје, тренинг курсот на Централно-европската иницијатива за планирање и развој на проектни единици, тренинг курс на тема „Културниот развој и културните политики на западен Балкан и процесот на европска интеграција“, како и серија тренинг курсеви за ЕУ програмата Култура 2007-2013. Од 2006 година работи како виш соработник за фолклорни добра во Одделението за духовно културно наследство во Управата за заштита на културното наследство, при Министерството за култура на РМ.

Опетческа Татарчевска во континуитет соработува со реномирани научници од областа на културната антропологија, етнологија, етнокореологија и етномузикологија во рамките на домашни и меѓународни асоцијации, каде е долгогодишен активен член (Етнокореолошката студиска група и Студиската група за музиката и танцот на Југоисточна Европа при Интернационалниот совет за традиционална музика - ICTM, Балканскиот музички форум, Експертската група за нематеријално културно наследство при УНЕСКО за Југоисточна Европа. Од 2009 година е член на Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ каде учествува во подготовката на првата Мултимедијална енциклопедија на македонскиот музички фолклор. Во периодот од 2007 до 2009 година е помлад истражувач во меѓународниот проект „Нови и двозначни процеси на градење на националниот идентитет во Југоисточна Европа“, чии носители се Институтите за југоисточноевропска историја од Берлин и Грац. Во периодот од 2010 до 2013 година работи како експерт-консултант на Берлинскиот фонограм архив, на проектот за дигитализација на восочни цилиндри од Куперс-Зоненберг колекцијата. Од 2011 година е член на Експертската група за традиционални знаења и културни експресии, при Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO). Опетческа Татарчевска е еден од основачите на Националниот комитет на Интернационалниот Совет за традиционална музика (ICTM) за Р. Македонија, при УНЕСКО). Таа е и лиценциран вештак во областа на авторско право и заштита на културното наследство. Член е на повеќе различни комисии во Министерството за култура. Таа беше и координатор на тимот кој го впиша првото нематеријално добро од Република Македонија во УНЕСКО, во 2013 година. Своите сознанија од нејзината потесна научна дисциплина - етнокореологијата, ги презентирала на повеќе од 20 домашни и на 19 симпозиуми во странство (Албанија, Грција, Србија, Бугарија, Романија, Молдавија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Австрија, Полска, Германија, Велика Британија, Словачка, Јужноафричка Република, Азербејџан). Опетческа Татарчевска објавила 17 трудови во списанијата Македонски Фолклор, Македонска музика, Музика, Бранувања, Современост, на вебстраната на ИРАМ www.mmc.edu.mk како и во зборници од реализирани научни конференции. Коавтор е на книгата Ехото на нацијата во издание на Темплум во 2009 година, и на ЦД-то „Снимки од восочни цилиндри од Југоисточна Европа" во издание на Фонограм Архивот од Берлин, објавено во декември 2011 година, кое во ноември 2012 година ја добива наградата „Bruno Nettle“ од Американскиот Совет за етномузиколгија и музикологија (СЕМ), за етички пристап во колективен научен труд. Во периодот 2012-2013 година е уредник на Зборникот на научни трудови од меѓународниот симпозиум за музика и танц на Југоисточна Европа, оддржан во Берово од 17-24 април 2012 година.

Date of Birth: 
1973