МИЛОШЕВСКИ Марјан

Марјан Милошевски дипломира фагот на Факултетот за музичка уметност во Скопје (класа проф. П. Трајковски). Магистерски студии завршува на истата институција. Својот прв целовечерен рецитал го остварува во рамки на концертната серија „Музика Вива“ на ФМУ во 1999 година, а во 2003 година настапува како солист со Симфонискиот оркестар на ФМУ, на концертот со наслов „Моцартова вечер“. Во текот на студиите два пати е избран да настапува како солист со Македонската филхармонија. Своите први чекори во камерното музицирање ги прави во ансамблот за современа музика „Света Софија“ со кој настапува на фестивалите „Охридско лето“ и „Денови на македонска музика“. Соработувал со Оркестарот за нова музика “Sonemus”, со кој остварил бројни концерти во Македонија и Европа и турнеи во Швајцарија и други земји. Во 2004 година Милошевски ја организира музичката работилница за камерна музика Ад либитум, во чиј склоп се одржаа курсеви за дувачки квартет и квартет фаготи. Во 2005 година остварува успешен рецитал во дуо со пијанистката Марија  Вршкова. Милошевски е активен член на неколку камерни состави: Артус Акт, Скопски дувачки квинтет, Камерниот оркестар на МОБ. Работи како прв фаготист на Оркестарот на МОБ.