МАРКОВИЌ Младен

Младен Марковиќ (1961) дипломира на одделот за етномузикологија на Факултетот за музичка уметност во Белград, со оцена 10 при што е награден со награда на Фондацијата „Владимир Ѓорѓевиќ“ за најдобар дипломски труд. По дипломирањето неколку месеци работи во Средношколскиот образовен центар во Гроцка (во околнината на Белград), а од 1986 година во Основното училиште „Светислав Голубовиќ - Митраљета“ во Батајница, како професор по музичка култура. Од 1988 година се вработува на Академијата на уметности во Нови Сад, како асистент - самостоен млад истражувач. Истата година ја брани својата магистерска теза. Во текот на следните две години интензивно ќе соработува со Матица српска во Нови Сад, што резултира со неколку трудови објавени во познатото списание „Зборник Матице српске за сценске уметности и музику“. Од 1990 година работи на Факултет за музичка уметност во Белград. Од 2001 година раководи со дигитализацијата на архивските материјали на ФМУ во Белград, а од 2009 година раководи и со истражувањата од областа на автоматската анализа на аудио-сигналите. Марковиќ во 2010 година ја брани и својата докторска теза од областа на етномузикологијата со наслов „Волина у народној музици Србије“, каде што за прв пат во светот е презентирана теоријата на музичката корпускула. Научната дејност на др Марковиќ резултира со бројни учества на домашни и меѓународни симпозиуми, советувања и тркалезни маси, како и со објавување на сигнификантен број на научни трудови во еминентни музиколошки списанија, меѓу кои и во македонското списание„Музика“. Педагошката дејност на др Марковиќ на ФМУ во Белград (од 1990 година до денес) е доста комплексна и опфаќа ангажирање низ различни курсеви врзани, пред сé, за истражувањата на народните музички инструменти, историјатот на науката, како и за популарните категории на музиката. Исто така, од 1997 до 2007 година го предавал општиот курс по етномузикологија на ФИЛУМ во Крагуевац, а од минатата година истиот курс го предава и на Факултетот за уметности во Ниш. Младен Марковиќ е и постојан соработник на Музиколошкиот институт на САНУ во Белград, како и Институтот за фолклор во Скопје. Член е и на Групата за Југоисточна Европа на Меѓународниот совет за традиционална музика. Од 2003 година Марковиќ за свое место на живеење го избира Скопје, а од 2009 е и државјанин на Република Македонија.

Date of Birth: 
1961