МАКЕДОНСКИ Кирил

По наговор на татко му, а поради несомнениот музички талент, на 11 години почнува да учи виолина. По завршувањето на основното и средното училиште, во 1947 година се запишува на Музичката академија во Загреб на оддделот за диригирање и композиција, во класата на Крсто Одак, а потоа во Сараево во класата на Иво Бркановиќ. Композиција магистрира во Љубљана кај композиторот Луцијан Марија Шкерјанц. Во 1970 година шест месеци престојува во Варшава како стипендист на полската влада, а во 1974 година се усовршува на Меѓународниот курс за современа музика во Дармштат. Паралелно со компонирањето се занимава со педагошка дејност, а особен акцент во последните децении од животот им дава на истражувањата од областа на музичката психологија, поконкретно - музикотерапијата. Голем дел од неговите сознанија во вид на реферати се претставени, претежно пред странската јавност за што има добиено меѓународни признанија.

Кирил Македонски на нашата музичка сцена се појави во почетокот на педесеттите години. Интересот, па и љубовта за музиката потекнуваат, сепак, од најрано детство. Самиот на едно место вели дека таа, уште додека бил дете кај него предизвикувала еден вид „музичка треска“, „зголемена температура“: „Кога како четири­годишно дете за прв пат слушнав пеење на хор, плачев од возбу­да“. Но, токму педесеттата е година во која се јавуваат неговите први посериозни композиции („Адаџо и фуга“ за гудачки оркестар, хорските творби „Орлите на Македонија“, „Вена“, „Долетале, долетале“, „Хумореска“). Сепак, вниманието на музичката јавност кај нас го предизвикува појавата на неговата симфониска поема „Танчарка“ (1951). Сосема јасно, ова дело ú припаѓа на првата творечка фаза во која авторот, меѓу фолклорното творештво како инспирација, а умерениот јазик како израз, од една,  и посовремените творечки стру­ења од друга страна, ја прифаќа првата алтернатива. Делото уште од првите изведби се наметнува како релативно зрело и интересно творечко остварување. Извориштата се сосема јасни: тоа е, пред сè македонскиот музички фолклор, но не како цитат, ами како своевидна суштина.

Успехот на „Танчарка“ го охрабрува авторот да се зафати со веројатно најтешката композиторска задача во тој момент: да создаде македонска опера, прва во македонската историја. Одгласите по нејзината појава и изведба во 1954 година не беа најповолни. Имаше контроверзни мислења и критики, - повеќето од помладите композитори кои во тоа време го изучуваа композиторскиот занает, но нема никакво сомнение дека операта „Гоце“ има извонредно историско значење за македонската музика. Таа е крупен исчекор во освојувањето на најголемите музички форми од нашите автори, чекор што го овозможува натамошното похрабро чекорење на македонското музичко творештво. Со оглед на времето во кое е настаната, со оглед на композиторското (не)искуство на авторот, па и општиот контекст во кој работите почесто биле резултат на жесток творечки импулс и невиден елан, па и занес, а поретко на изграден композиторски јазик, на една логична творечка еволуција, - од операта „Гоце“ и не можело да се очекува пове­ќе од она што таа реално го дала.

Во наредните години Кирил Македонски создава повеќе оркестарски дела (од 1956 до 1960 година – четири од неговите пет симфонии). За нив (симфониите) неговиот професор Луцијан Марија Шкерјанц напиша „...дека се силни, динамични и дека во нив се гледа сигурноста на изразување на авторот со јазикот и средствата на дваесеттиот век.“ Во едно писмо од 1966 година Шкерјанц, осврнувајќи се на целиот опус на Македонски уште напиша: „Во сите дела на Кирил Македонски посебно се забележува многу логичната, природна и силна пулсација на ритамот, која, секако, е национална одлика на македонскиот народ. Врз раскошното фолклорно наследство израснува работата на овој талентиран композитор што се наоѓа во напонот и зрелоста на своето творештво.“ Кирил Македонски, којшто имаше многу јасни ставови за важноста на македонскиот фолклор во овој контекст на едно место напиша дека „... нашето народно творештво е при­родна клима во која се родив и израснав. Музичкиот фолклор за нас е духовен капитал. Ние во нас ги носиме драмата и лириката што во суштина се од иста музичка материја и кои на нашето творештво му даваат индивидуалност.“

Најзрелото дело на Кирил Македонски е операта „Цар Самуил“ пишувана од 1962 до 1966 година врз соствено либрето. Идејата за оваа тема зреела долго кај него и тој го објаснува вака тоа: „... Запознавајќи се со нашата национална историја бев потресен од големината на Самуиловата трагедија. 14000 војници ослепени! Каков ужас!“ Во операта се опфатени зрелите години на Самуил до неговата смрт, односно крајот на X и почетокот на XI век. Дејствието базира врз опис на драматичниот судир на царевите Самуил и Василиј II,  а кулминацијата на операта е во трагичниот настан: ослепувањето на војската на Самуил и неговата смрт.

До крајот на својот живот Кирил Македонски напиша уште неколку оркестарски, камерни и хорски дела. Последните години (од 1977 до 1982) посебно внимание ú посвети на една област што и тогаш, па и сега, сосема малку беше позната и обработувана кај нас, - на музикотерапијата. Тој уште порано се занимаваше со психолошките аспекти на музиката. Во една своја изјава рече дека „музиката има поголемо влијание врз психата отколку што сме свесни“. Дури и дека „... ú претстои (на музиката заб. М.К.) толку голема улога во животот на човекот и космосот воопшто, која денес одвај можеме да ја насетиме.“  Во текот на тие пет години напиша низа (над 30) текстови и реферати посветени на прашањата на музикотерапијата. Создаде и музички дела за третман на различни видови болести. Стана член на меѓународните асоцијации од оваа област кои му доделија посебни признанија. За жал, како и целото ова подрачје, и неговите текстови и истражувања не се доволно осветлени за да бидат проценети во нивната вистинска димензија и во нашите музички кругови.  Освен со ова, во областа на музикологијата Македонски се занимаваше и со други теориски прашања, како и со прашања на музичката нотација (во 1974 година учествува на меѓународниот конгрес за нова музичка нотација одржан на Универзитетот во Ган, Белгија).

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО

 

Адаџо и фуга, - за гудачки оркестар, (1950); Симфониска поема „Танчарка“, - за симфониски оркестар, (1951); Прва симфонија, - за симфониски оркестар, (1956); Втора симфонија, - за симфониски оркестар, (1958); Трета симфонија, - за симфониски оркестар, (1959); Четврта симфонија, - за симфониски оркестар, (1960); Старогрчки концерт, - за голем гудачки оркестар, (1966); Симфониска поема „Смртта на танецот“, - за симфониски оркестар, (1970); Симфониска поема „Диверзија“, - за симфониски оркестар, (1971); Петта симфонија, - за симфониски оркестар, (1978);

 

КАМЕРНО

Соната , - за виолина и пијано, (1958); Суита „Во чест на господин Молиер“, - за обоа и фагот, (1968); Гудачки квартет, - за гудачки квартет, (1970); Трио, - за виолина, виолончело и пијано, (1970); Мистерија, - за контрабас и три метрономи, (1972); Антимузика-1, - за виолина и контрабас, (1975); Антимузика-2, - за соло контрабас и гудачки квартет, (1976);

 

СОЛИСТИЧКО

Соната, - за пијано, (1958); Асоцијации, - за пијано, (1970); Аулетика-1, - за соло обоа, (1973); Аулетика-2, - за соло фагот, (1973); Хумореска „Пред огледало“, - за соло фагот, (1981);

 

МУЗИЧКО-СЦЕНСКО

Опера во 4 дејствија „Гоце“,(1954); Опера во 3 дејствија „Цар Самуил“,(1968);  Балет во 3 дејствија „Дафина“,(1968);Опера во 3 дејствија „Илинден“, (1973);

 

ДЕТСКИ ОПЕРЕТИ

Изворчето на чудесите, (1945); Бегалче, (1946); Волкот и седумте јариња, (1946); Налутениот снешко, (1955); Волшебната виолина, (1973); Болната принцеза, (1975); Еден чуден ден, (1977);

 

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО

Словенските просветители Кирил и Методиј, (1969); Илинденска химна за слободата, - за солисти, мешан хор, детски хор и симфониски оркестар, (1983);

 

ХОРСКО

Орлите на Македонија, - за мешан хор, (1950); Вена, - за мешан хор, (1950); Долетале, долетале, - за мешан хор, (1950); Хумореска, - за мешан хор, (1950); Мома и змија, - за мешан хор, (1951); Посмртна, - за мешан хор, (1951); Вечер, - за мешан хор, (1957); Химна на Браќата Миладиновци, - за мешан хор, (1957); Слава на Аполон, - за мешан хор, (1958); Сон, - за мешан хор, (1960); Школа на херои, - за мешан хор, (1975); Химна на Св. Климент Охридски, - за мешан хор, (1977); Иже Херувими, - за мешан хор, (1975); Химна на мирот, - за мешан хор, (1982); Балада за еден вол, - за мешан хор, (1983); Горо ле, горо голема, - за женски хор, (1958); Мала мома двори мела, - за женски хор, (1958); Вила развила гора зелена, - за женски хор, (1958); Славеј пее на трендафил, - за женски хор, (1958); Три македонски народни, - за женски хор, (1969); Капка по капка, - за женски хор, (1976); Песна за ново Скопје, - за женски хор, (1976); Млада партизанка, - за женски хор, (1983); Десет македонски народни песни, - за машки хор, (1951); Шар Планина, - за машки хор, (1967); Вечна симфонија на Ерусалим, - за машки хор, (1977); Разболела се, - за машки хор, (1979);

 

СОЛО ПЕСНИ

Разболе се младо македонче, (1953); Од Прличета песната, (1957); Балада за мртвата гугутка, (1959); Си заљубив едно моме, (1962);

 

ДЕТСКИ ПЕСНИ

Ние сме мали дечиња, (1944); Песна за Тито, (1978); Што е слобода, (1978); Крушевските ѕвона, (1978); Збогум ластовичке, (1979); Есенски пејзаж, (1979); Гулаб на мирот, (1979); Балада за курирчето, (1980); Титовиот пат, (1981); Една баба седела, (1982); Излегол ешко по поле, (1983);

 

МАСОВНИ ПЕСНИ

„Живео Титов план“; „Што народ роди“; „Пејте бригади“; „Нова Југославија“; „Распеана младост“; „За новата младост“; „Доѓи друже у нашу бригаду“; „11 Октомври“; „Песна за Први мај“; „Песна за железничарите“;

 

ФИЛМСКА МУЗИКА

„Македонска крвава свадба“; „Цената на градот“; „Кочо Солев Рацин“; „Девојките од Мали“; „Детето на колоната“; „Вирово“; „Цицо“; „Неволјите на покојниот К. К.“; „Птици и риби“; „Твојот роденден“; „Човекот без лице“; „Витезот Боцко“; „Беше некогаш село“;

 

МУЗИКА ЗА ДРАМСКИ ПРЕТСТАВИ

„Тешки сенки“; „Лизистрата“; „На своето тело господар“; „Македонска крвава свадба“; „Ивиц“; „Не сме ние ангели“; „Есента на кралот“; „Со сила на лекар“; „Изгубеното шамивче“; „Итар Петар во Индија“; „Црнила“; „Игра на гатанките“; „Бајка за ќерките на дрвосечачот“;

 

ПУБЛИЦИСТИКА

Музиката, криминалот и војната;

Ритамот во македонската народна музика („Музичке новине“ бр. 3-4, Загреб,

„Лијечнички вијесник“ бр. 10, Загреб, 1947), (1947)

Особитост македонске музика („Музичке новине“ бр. 11- 12, Загреб), (1948)

Нешто за македонска народна музика („Извор“ бр. 7-8, Загреб), (1950)

Македонска народна музика („Музичка ревија“, бр. 2-3, Загреб), (1950)

Во што се кријат причините за слабиот интерес кон музичката уметност (Млад Борец, 1952/VIII, бр.19, стр.3), (1952)

Композиторот и народната музика („Нова Македонија“ 05.02.1953), (1953)

Мелографот и народната музика („Нова Македонија“), (1953)

Два концерта на младите музичари (Нова Македонија, 02.01.1953), (1953)

„Риголето“ (Нова Македонија 10, 4/1/53), (1953)

Енцо Серини на скопската сцена (Нова Македонија, 28/1/53), (1953)

Четвртиот концерт на Македонската филхармонија (Нова Македонија, 15/2/53), (1953)

Концерт на Македонската државна филхармонија (Нова Македонија, 12/4/53), (1953)

Проблеми на музичкиот живот кај нас (Разгледи, 7/5/53), (1953)

Седмиот концерт на македонската филхармонија (Нова Македонија, 24/5/53), (1953)

Едно значајно музичко дело (Нова Македонија, 7/11/54), (1954)

Патот на нашето музичко творештво (Нова Македонија, 29/11/54), (1954)

Умре диригентот Фуртвенглер (Нова Македонија, 5/12/54), (1954)

Операта „Гоце“ симната од репертоар? (Нова Македонија, 13/3/55), (1955)

Кои се вистинските причини? (Нова Македонија, 5/4/55), (1955)

Значаен чекор во музичкиот живот на Битола („Развиток“ бр. 3-4), (1964)

Климент Охридски - композитор и музички педагог („Нова Македонија“), (1966)

Креатори, креации и креатури на современото македонско музичко творештво (Современост, 1972/XII, стр. 240 - 246), (1972)

Музиката и психата („Современост“ бр. 1 - 2), (1974)

Асоцијативна нотација, (реферат на Интернационалниот Конгрес за новата музичка нотација, Ган, Белгија), (1974)

Виша наука за композицијата - теорија на комбинациите (ракопис)

Инспиративните елементи на византиската музика и старословенскиот мелос во творечкиот процес на операта „Цар Самуил“ („Македонски фолклор“ бр. 17), (1976)

Музичките аспекти на револуционерниот лик на Јане Сандански (Институт за национална историја), (1976)

Инспиративните елементи на византиската музика старословенскиот мелос во творечкиот процес на операта „ЦарСамуил“ (Македонски фолклор,  1976, бр.17, стр. 131 - 139), (1976)

Соци јалната, политичката и психолошката улога на музиката во епохата на востанието против Византија - 976 год. (реферат на Студиските денови на Институтот за национална историја, Скопје), (1976)

Музикотерапијата во процесот на рехабилитацијата („Порака“ бр. 1 - 3), (1977)

Агресивноста кај ментално ретардираното дете и музикотерапијата („Порака“ бр. 2 - 3), (1977)

Групна творечка акција („Просветен работник“), (1977)

Детето и музичката уметност („Просветен работник“), (1977)

Психодинамика на компонирањето (реферат на симпозиумот „Медицина и музика“), (1977)

Влијанието на музиката врз психата на детето и процесот на социјализацијата на детето од основното училиште (зборник трудови од Југословенското советување на училишните педагози и психолози, Скопје), (1977)

Светот на звукот и човекот (реферат на Семинарот за примена на музикотерапијата во медицината, Сојузот на дефектолошките друштва на СЕМ), (1977)

Музичките елементи и доживувањето на музиката;

Психолошкото и физиолошкото влијание на музиката; Музикотерапијата во третманот на д'ткањето (реферат на Југословенскиот симпозиум за д'ткање, Дубровник), (1977)

Хармонијата и формирањето на звучните претстави кај детето („Просветен работник“), (1978)

Музичката драматургија и современата домашна драма (зборник трудови од симпозиумот „Домашната драма на нашата

 сцена“ Скопје), (1978)

Музичките аспекти и револуционерниот лик на народниот херој Стив Наумов (зборник трудови од симпозиумот „Битола и Битолско во НОБ 1941-1942“, Битола), (1978)

Творечкиот акт како метод во музикотерапијата (реферат на VII Светски конгрес за социјална психијатрија, Лисабон), (1978)

Влијанието на музиката врз анксиозноста на луѓето во работниот процес (реферат на XIX Меѓународен конгрес на медицината на трудот, Дубровник), (1978)

Хорското пеење како музикотераписка акција („Анали клиничке болнице Д-р М. Стојановиќ“, бр. 2. Загреб), (1979)

Музикотерапијата како средство за здобивање со убавина;

Магичната семантика на византиската музика и македонскиот старословенски мелос („Македонски фолклор“ бр. 23), (1979)

Музикотерапијата како компонента на совремниот третман на хендикепираното дете (реферат на Симпозиумот на Сојузот

 на друштвата на дефектолозите на СРМ, Скопје), (1979)

Како да го стимулираме детското музичко творештво („Просветен работник“), (1980)

Практични аспекти на музикотерапијата во третманот на пречките во психомоторниот развој (I Медитерански конгрес на социјалната психијатрија, Дубровник), (1980)

Функцијата на музиката како невербална комуникација во развојот на личноста (реферат на VII Интернационален конгрес за уметност и комуникација, Амстердам), (1980)

Психолошките и филозофските аспекти на креативниот акт на народниот музички творец (реферат на XXVII Конгрес на Сојузот на фолклористите на Југославија, Теслиќ), (1980)

Музикотерапијата кај деца попречени во психомоторниот развој, (реферат на стручниот состанок во Заводот за ментално здравје Скопје), (1980)

Творечката иницијатива кај децата на револуционерното минато на Македонија како инспирација во музиката (зборник „Курирче“, Кичево), (1981)

Музиката како магиско и тераписко средство во животот на македонскиот народ (II Медитерански конгрес на социјална психијатрија, Удине), (1981)

Функцијата на народното музичко творештво во современата музикотерапија (XXVIII Конгрес на Сојузот на фолклористите на Југославија, Сутоморе), (1981)

Хармонијата и музикотерапијата (VIII Светски конгрес на социјалната психотерапија, Загреб), (1981)

Функцијата на музиката во исламизацијата и денационализацијата на македонскиот народ во време на турското ропство (реферат на I Симпозиум „За македонците муслимани“, Кичево), (1981)

Проблеми на внатрешниот музички слух во процесот на творењето на големи музички форми (реферат на симпозиумот „Медицината и музиката“, Загреб), (1981)

Музиката како средство за лекување („Просветен работник“, Скопје), (1982)

Музикотерапијата и детето од училишна возраст („Просветен работник“, Скопје), (1982)

Музикотерапијата и социјалната психијатрија (IX Светски конгрес за социјална психијатрија, Париз), (1982)

Музикотерапијата во третманот на децата со пречки во психичкиот развој („Порака“, бр. 3-4), (1982)

Музиката како тераписко средство во психијатријата - приказ на еден случај лекуван во музикотерапија (реферат на стручниот состанок на Секцијата за психијатрија при C3JM, Скопје), (1982)

Музикотерапијата во медицинската рехабилитација (реферат на стручниот состанок во Заводот за медицинска рехабилитација на СРМ, Скопје), (1982)

 

Марко Коловски

 

 

Date of Birth: 
1925
Date of Death: 
1984