ЛУМАНИ Фатос

Средното музичко образование го стекнал во Тетово. Потоа неговото образование продолжува на Академијата за уметности во Тирана, на Факултетот за музичка уметност, на одделот по композиција во класата на албанскиот композитор Тома Гаќи. Во 2007 година магистрира на Академијата во Тирана, на одделот по музикологија. Извесно време работи како асистент на оваа високошколска установа по предметот Хармонија и Сериелна техника, а потоа како професор по Алеаторика и композициски техники. Во 2009 година станува професор на Факултетот за музичка уметност при Државниот универзитет во Тетово, предавајќи хармонска анализа и музички форми. Од 2009 до 2013 година на овој универзитет ја вршеше функцијата на шеф на музичкиот смер.

Иако е во раната фаза на формирањето на својот творечки опус, веќе се препознава неговиот афинитет кон поголемите музички форми. Невообичаено, барем кога станува збор за сосема млад композитор, речиси половина од неговите дела се напишани за оркестар (симфониски или камерен). Неговиот музички јазик, разбирливо, е далеку од тоа да биде дефиниран. Тој сè уште употребува различни композициски техники (сериелна, контролирана алеаторика и сл.), сè уште се движи во светото што обично се нарекува „полистилистика“, при што во неговите дела ќе најдете одгласи на класицизмот (како неокласицизам), барокот (како необарок) итн. Фолклорот е, исто така, присутен во неговото творештво, но не како цитат, ами како појдовна основа за натамошен композициски третман и творечка инспирација.

Дел од творечката „музичка филозифија“ на Фатос Лумани произлегува и од начинот на кој тој го доживува светот во кој живее. Поттикнат од динамиката и противречностите на времето во кое живее, смета дека сето тоа треба и мора да најде одраз во неговото творештво. Токму затоа во неговите дела ќе најдете длабоки контрасти, ќе најдете употреба на две или три ритмички структури одеднаш, како што е тоа во Концертот за пијано и оркестар, при што, сосема е јасна алузијата на авторот на „полифонијата на животот“ што го наметнува денешниов динамичен животен ритам. Контрасти има и во неговиот Ораториум, но тука тој него го гради со помош на тематскиот материјал, со модалноста од која се раѓаат темите и потоа од начинот на кој нив ги варира и ги разработува. Паралелизмот во кој се одвива тематскиот материјал, понекогаш личи на паралелните дејствија што се среќаваат во другите уметности (во филмот, на пример) и кои навидум се независни, но, некаде, во некоја далечна перспектива се допираат. И тука најдобро се гледа инспирирањето во неговото творештво, барем на ниво на технолошки постапки, од секојдневниот живот и од неговата динамика. Една од омилените творечки постапки на Фатос Лумаи е и своевидниот „микс“ на различни техники. Во делата „Метаморфоза“ за соло виолина и  „Метаморфоза in D“  за гудачки оркестар (можеби и поттикнат од насловот, или обратно), се испреплетуваат сериелната и класичните техники на компонирање. Тоа доведува до своевидно еволуирање на тематскиот материјал. Како и да е, иако е рано и не може да се зборува за творечки фази, во творештвото на Лумани се чувствува периодот во кој неговиот творечки ракопис речиси целосно се потпира врз употребата на дисонантните созвучја, базирани врз влијанијата на додекафонијата од минатиот век (во првите негови дела) и фазата во која тој на извесен начин се оддалечува од нив, употребувајќи ги главно во драматуршка функција.

Делата на Фатос Лумани се изведени на поголем број фестивали во земјава и во странство („Денови на македонската музика“, „Ремузика“  - Приштина, „Денови на косовската музика“ и др.) од наши и странски ансамбли и музички уметници (Македонска филхармонија, Оркестарот на Академијата на уметности во Тирана, Сихана Бадивуку, Шклзен Бафтијари, Блерим Груби, Владимир Костов итн.). Некои од неговите композиции веќе се добитници на меѓународни награди (втора награда на Меѓународниот натпревар „Ческ Задеја“ во Тирана за делото „Варијации на тема“, прва награда на фестивалот на млади композитори во Тирана за делото „Концерт рапсодија“ и др.).

 

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО

Суита, - за оркестар, (2004); Концерт - Рапсодија, - за виолина, пијано и гудачки оркестар, (2005); Симфонија, - за , (2005); Симфониета, - за , (2006); Метаморфози ин D, - за гудачки оркестар, (2012); Концерт, - за пијано и оркестар, (2013);

 

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО

Ораториум, -  за солисти, хор и оркестар (2012);

 

КАМЕРНО

Скерцо, - за виолина и пијано, (2002); Трио, - за виолина, кларинет и пијано, (2002); Варијации на тема, - за четири пијана, (2002); Ин мемориам - D S C H, - за гудачки квартет и пијано, (2007); Три балкански хуморески, - за виола, виолина, обоа и пијано, (2013);

 

СОЛИСТИЧКО

Суита број 1, - за , (2002); Метаморфоза, - за виолина, (2007); Суита број 2, - за пијано, (2009); Соната, - за пијано, (2008);

 

МУЗИКА ЗА  ФИЛМ И ТЕАТАР

Зад темнината, (2007); Куќа сред граница, (2007); Шарски зрак, (2009); Љубов, театар и друго безумие, (2012); Чудесен пар, (2013);

 

Марко Коловски

 

 

Date of Birth: 
1983