ЛЕКОВСКИ Александар

Со музика почнал да се занимава многу рано. Првите композиции ги напишал на 14-годишна возраст. Средно музичко училиште започнува да учи во Скопје, а матурира во Музичката школа „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Студиите ги продолжува во Загреб и во Белград, каде што дипломира во класата на проф. Живоин Здравковиќ. Во Белград ги завршува и постдипломските студии. Подоцна специјализира со студиски престои во Рим и во Милано. По завршувањето на студиите се враќа во Македонија и развива богата диригентска и композиторска дејност. Бил диригент на повеќето познати оркестри и хорови во Македонија: Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Камерниот оркестар на Македонската радио-телевизија, Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, хорот „Кочо Рацин“, Хорот на Македонската радио-телевизија и други. Како диригент имаше впечатлива меѓународна кариера настапувајќи со повеќе странски оркестри. Бил директор на Македонската филхармонија и претседател на Сојузот на композиторите на Македонија.

Творечкиот опус на Лековски не е обемен. Освен тоа во него главно се испрелетуваат релативно константни теми што се обработуваат за различни состави и ансамбли (на пример, темата „Колку те љубам“ е содржана во повеќе дела: како самостојна хорска композиција, во кантата „Елан“, во Концертот за пијано и оркестар итн.), или пак се преработуваат повеќепати за ист состав. Покрај ова, творештвото на Лековски се одликува со стилска монолитност (неоромантизам со примеси на џез) и со нагласен позитивен однос кон фолклорот. Користењето на фолклорни теми, најчесто со танцувачки карактер (оттаму и танците како најомилена форма) е другата константа во неговиот творечки опус, а во тие рамки инсистирањето на метроритмиката на македонскиот и на другите балкански народи негова differentia specifica. Во врска со ова тој има одржано неколку семинари во странство, кои, пак, послужиле како инспирација за создавање на некои од клучните дела во неговото творештво. Во 1985 година во Гетеборг – Шведска држи семинар за македонска музика, а интересот што посетителите го манифестираат кон една негова хорска тема во 9/8 такт го наведува подоцна (2000 година) истата таа да биде инспирација за атрактивната симфониска творба „Обединети“, посветена на Обединетите нации. Во 1997 година држи предавање на Државниот универзитет во Мајами во рамките на форумот на тема „Од Балканот кон светот преку музиката“ кога ја добива инспирацијата и ја скицира композицијата „Јужни бранови“ базирана врз македонски, албански, српски, грчки и други фолклорни теми. Наредната година предавање држи на Универзитетот „DONG-A“ во Пусан – Кореа, на отворањето на Форумот на Лигата на азиските композитори. Во рамките на форумот е изведена неговата композиција „Елан“, а диригентот Ванчо Чавдарски изјави дека „композиторот Лековски доживеа долготрајни овации од публиката, ... таков успех на современ автор во моето долготрајно искуство немам доживеано ...“. За оваа композиција (кантата „Елан“), по нејзината изведба во 1993 година композиторот академик  Властимир Николовски изјави дека таа е „наша нова „Кармина Бурана“, а со слични суперлативи за музиката на Лековски зборуваа и други диригенти и музички авторитети ( „ ... музиката на Лековски е импресивна, полна со оган, фантазија, и е многу добро напишана ... Дали е тоа „нова македонска романтика?“ – Алберто Сантана, шпански диригент, 2004; „ ... музиката на Лековски е поубава од музиката на Лутославски или Ксенакис ...“, - Алберт Кеи, Концертна агенција Њујорк, 1997)

 

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО

Симфонија, - за симфониски оркестар, (1950); Македонска рапсодија, - за симфониски оркестар, (1951); Македонски танц бр. 5, - за гудачки оркестар, (1954); Симфониска поема „Илинден“, - за , (1963); Балетска суита „Стремеж“, - за симфониски оркестар, (1965); Македонски танци бр. 1, 2 и 3, - за симфониски оркестар, (1968);Македонски танц бр. 4, - за гудачки оркестар, (1970); „Јужни бранови“, - за симфониски оркестар, (1997); Концерт, - за симфониски оркестар и пијано, (1998-99);Албански симфониски танци, - за симфониски оркестар, (2000); „Јунајтед“ (посветено на ОН), - за симфониски оркестар, (2000); Концерт ин 5, - за пијано и симфониски оркестар, (2003); Симфониски танц број 8, - за оркестар со облигат-солист, (2005); Симфониски танц број 9, - за оркестар со облигат-солист, (2005); Симфониски танц број 10, - за оркестар со облигат-солист, (2005);Убавината на Елена, - за симфониски оркестар, (2006);

 

 

 

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО

Ко разлиен бран, - за мешан хор и симфониски оркестар, (1954); Елан бр. 1, - за хор, симфониски оркестар и џез квартет, (1980); Елан бр. 2, - за хор, симфониски оркестар и џез квартет, (1981); Елан бр. 3, - за хор, симфониски оркестар и џез квартет, (1982);„Јужен ритам“, - за оркестар и хор, (1988);Опсесија, - за солисти, хор и симфониски оркестар, (1999);Свечена песна на Македонија, - за , (2004); Симфониски танц број 7 ( „Недопирлива роза - трендафил“), - за вокал и симфониски оркестар (или инструментално дуо), (2004); “Прелудиум и Фуга“ - Свјат, - за солисти, хор и симфониски  оркестар, (2005);

 

КАМЕРНО

Танци бр. 4 и 5, - за гудачки квартет; Во гората, - за вокален дует и хармоника, (1946-47); Балканско скерцо, - за виолончело и пијано, (1952);Меланхоличен танц, - за гудачки квартет, (1967); Фолк, - за дувачки квинтет, (1986); „Убавината на Елена“, - за виолина, пијано и тапани, (2007); „Магичниот ритам“, - за две виолини, пијано и тапани, (2007);Сефарски танци, - за глас и пијано, (2010); Македонски танци, - за нонет (вокали и пијано), (2010); Dance No.13, - за нонет (вокали и пијано), (2011);

 

СОЛИСТИЧКО

Импровизација, - за пијано, (1948); По среќата ..., - за пијано, (1948); Меланхоличен валс, - за пијано, (1949); Скерцо бр. 3, - за пијано, (1952); Две четиригласни фуги, - за пијано, (1953); Скерцо бр. 1, - за пијано, (1954); „Трендафил“, - за за соло глас, (1999);

 

ХОРСКО

Огин го гори Брезово, - за машки хор; Кољо гидија, - за мешан (или женски) хор, (1971-72); Живеј граде, - за мешан хор, (1975); Колку те љубам, - за мешан хор, (1975); Елегија, - за мешан хор, (1977); Пат кон брегот, - за мешан хор, (1982); „Опсесија“ (хорска верзија), - за мешан хор, (1999);

 

БАЛЕТСКА МУЗИКА

Балетска музика, (1987);„Игри на љубовта“, (1995);

ДРУГО

Нотр Дам, (соло песна); Три детски песни;

 

Марко Коловски

 

 

Date of Birth: 
1933
Date of Death: 
2013