ЛАЗАРЕВСКИ Владимир

 

Владимир Лазаревски студира обоа на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија (класа проф. Георге Желјазов) каде завршува додипломски и постдипломски студии. Во 2004 година добива стипендија за студии на Музичката академија “Longy” во Бостон (САД), каде го продолжува своето образование и растеж во изведбата на обоа и камерна музика. Во Бостон работи со Вејн Рапиер и Марк МекЕвен, двајцата познати обоисти од Бостонскиот симфониски оркестар, каде се стекнува со диплома во 2006 година. Во 2009 се здобива со МБА диплома од Институтот “Kurt Bosch” од Сион, Швајцарија. Од февруари 2012 година, Лазаревски има титула Доктор по музика и наука од Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија.

Со “Music Progressive Quartet“ Лазаревски ја доби наградата „Виртуози“ за најдобар камерен ансамбл во Македонија во 2012 година. Тој е лауреат на меѓународниот натпревар “Allegro Vivo” во Австрија (2002), и добитник на Трета награда на меѓународниот натпревар по камерна музика „Земја и луѓе“ во Бугарија (2001). Учестувал на повеќе работилници и семинари со еминентни обоисти и музичари како Инго Горицки, Дејвид Волтер, Пол Гуди, Хелмут Месера, Кварте Ying и други.

Настапувал на бројни фестивали во Македонија и странство, меѓу кои “Mozarteum”, “Allegro Vivo” (Австрија), Boston Musical Nights (САД), Dartington Summer Music School (Велика Британија), Gdanske Lato Muzyvzne (Полска), "Blues’ n Jazz Rallue" (Луксембург), Скопско лето, „Денови на македонска музика“, Битфест, Штипско културно лето и други. Како солист концертирал со ансамблите “Ars Baroka”, Македонска филхармонија, West Coast Symphony и други.

Како оркестарски музичар, Лазаревски бил дел од Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Сараевска филхармонија, Longy Chamber Orchestra, Симфониските оркестри на Пазардхик и Враца, West Coast Symphony, Orkiestra Symfoniczna Filharmonii Warmińsko-Mazurskiej и други.

Во моментов работи како Доцент на Факултетот за музичка уметност во Штип, каде предава обоа, камерна музика и педагогија на дрвени дувачки инструменти. Лазаревски е член на Music Progressive Quartet, хонорарен соработник на Македонската филхармонија и оркестарот F.A.M.E.S. при Македонската радио телевизија, а предава хонорарно во музичките училишта во Скопје и Тетово.