КРАПОВСКИ Паскал

Паскал Краповски е роден во Скопје, во семејство со со 150-годишна музичка традиција. Првите музички чекори ги прави со својот татко, виолончелистот Ристо Краповски, а дипломира и магистрира на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Р. Бугарија, во класа на проф. Анатоли Крстев. Посетувал мајсторски курсеви по виолончело кај професорите Минео Хајаши, Анатоли Крстев, Милош Млејник, Албан Герхардт.

Краповски е повеќекратен лауреат е на државните натпревари по виолончело и камерна музика. Членувал во неколку оркестри, како Музичка Младина на Македонија и во Словенија и Австрија. Остварил настапи во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Анкара и Истанбул, Турција. Во март 2001 година учествува на фестивалот “Music-Improvisation-Theatre“ во Берн, Швајцарија.

Паскал Краповски настапува како солист со оркестарот на Македонска филхармонија, Камерниот оркестар на Македонска филхармонија, на фестивалите Скопско и Охридско лето, Битолски летен фестивал и „Денови на македонска музика“. Во 2005 и 2006 година добива покана од страна на Европска асоцијација на музичари како претставник од Македонија да учествува на меѓународните оркестарски проекти во Медеа, Италија.

Краповски е водач e на група виолончела при Македонската филхармонија и на Камерниот оркестар на Македонска филхармонија, а е редовен член на ансамблите “Music Progressive Quartet” и „БРЕВИС” квартет.

Од 2005 година е наставник по виолончело во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”, а од 2007 е доцент по виолончело на Факултетот за музичка уметност „Гоце Делчев'“ во Штип.