КОТЕВСКИ Александар

Александар Котевски (Битола, 1980) своето музичко образование го започнува на 14 годишна возраст со запишувањето во Средното музичко училиште во Битола. Неговиот талент станува забележан само по шест месеци кога на државниот натпревар во 1995 година ја освојува Втората награда. По завршувањето на Средното музичко училиште се запишува на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Душка Тасеска, а дипломира и магистрира во класата на доцент Жифко Фирфов. Александар Котевски посетувал повеќе мастер курсеви по виолончело кај Кирил Родин, Кирил Кравцов, Јевгениј Ксаверјев, квартетот Медичи, Џенифер Кларк, Кетрин Мекинтош,  Александар Рудин и Давид Грегоријан.

Како солист настапувал со Камерниот оркестар на ФМУ на „Есенски музички свечености“ (2001), Македонската филхармонија  (2002), Симфонискиот оркестар на Дубровник (2005), Симфонискиот оркестар на Мостар (2006). Редовен член бил на оркестрите на Музичка младина на Македонија, Македонска филхармонија, Камерниот оркестар на МФ, Меѓународниот оркестар во Сараево, Симфонискиот оркестар на Дубровник. Како оркестарски музичар настапувал во Хрватска, Германија, Австрија, Италија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија, Индонезија и тн. Соработувал со Ансамблот за современ музика „Алеа“, како и со ансамблот „Сорбо“ од Хрватска.

Од 2003 до 2007 година работи како водач на виолончела во Симфонискиот оркестар на Дубровник, додека од 2007 до 2011 година работи како водач на виолончела во оркестарот на Македонската опера и балет. Во периодот од 2011 до 2014 година ја извршува функцијата Уметнички директор на Македонската опера.