КОСТОВ Владимир

Владимир Костов (Битола, 1975) студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис. Магистрира во истата класа, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и други. Посетувал мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи“ Квартет (Шведска), „Артемис“ Квартет (Германија) и Квартетот „Миро“ (САД).  Настапува како солист со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар, како и  на повеќе фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија,Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска. 

 

Владимир Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќе пати е избиран да членува во реномираниот  Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеи во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Џемс Енес, Даниел Мулер Скот). Со овој оркестар тој има неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот – Nationa Arts Centre - Otawa, Lincoлн Center for Performing Arts, Harward University, Берлинска Филхармонија, ,,Gaudeamus“ во  Лајпциг, Филхармонијата на Келн, Концертхаус Берлин ,Концертхаус Виена , Шпанија, Полска, Кина и тн. Костов настапува и со оркестарот Исток-Запад во Алтенбург (Германија), а во периодот 2000-2004 година е еден од  професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ.

 

Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа", камерното студио за барокна музика „Бахус", квартетот „Бревис", основач е на клавирското трио ,ВАМ“, редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија.  Моментално работи како Концерт- мајстор во Македонската филхармонија и како Доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.