КОСТИЌ-МАРКОВИЌ Бранка

М-р Бранка Костиќ е родена во Скопје во 1972 година. Започнува да учи виолина на шест годишна возраст кај проф. Паскали Николов во нижото музичко училиште „Илија Николовски – Луј„ во Скопје, каде го завршува и средното музичко училиште со континуиран одличен успех и со добиена четиригодишна стипендија за талентирани ученици. Во 1990 година се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во првата генерација на студенти на Одделот по етномузикологија. Со својот континуирано висок просек и врвните резултати во четиригодишните студии, таа во секоја година од студиите е добитник на студентска стипендија за посебно успешни студенти која ја доделуваше Министерството на образование и наука на Р. Македонија. Дипломира во 1996 година со највисока оценка во класата на проф. д-р Ѓорѓи Ѓорѓиев со јавно одбранет дипломски труд со наслов „Од Андромаха до Ѕвезда Видина (Народната тажаленка низ столетијата)„Дел од овој труд, чија проблематика дотогаш беше своевидна „табу тема“ во етномузиколошките кругови (последниот посеопфатен пристап кон македонските тажачки песни датира од 1964 година, а се однесува на овој вид на песни создадени за време на катастрофалниот земјотрес, снимени и анализирани од нашиот фолклорист од првата генерација, Васил Хаџиманов), предизвика голем интерес кај научната јавност и на барање на тогашната редакција дел од него беше објавен во премиерниот број на денес највлијателното македонско стручно музиколошко списание „Музика„ на Сојузот на композиторите на Македонија.

 

 
Во 1997 година, м-р Бранка Костиќ-Марковиќ се запишува на постдипломски студии на одделот по етномузикологија на ФМУ во Скопје и истите ги завршува со највисоки оценки, а во јуни 2002 година со успех и пред голем аудиториум во концертно-конферециската сала на ФМУ ќе ја одбрани и својата магистерска теза „Теориските и практичните консеквенци од дигитализацијата на колекцијата Фирфов„. Потврда за тежината на овој научен труд се и искажаните коментари од страна на петчлената комисија составена од врвни научници од областа (во состав: проф. д-р Ѓорѓи Ѓорѓиев, проф. д-р Димитрије Бужаровски, проф. д-р Сотир Голабовски, проф. д-р Томе Манчев, проф. д-р Бојан Ортаков), веднаш по одбраната, но и подоцнежниот интерес од страна на други факултети за користење на новата методологија на м-р Костиќ-Марковиќ  во архивирањето на нивните музичко-фолклорни колекции (пред неколку години ФМУ во Белград почна да ја применува методологијата на м-р Костиќ-Марковиќ и договори нејзини предавања на оваа тема кои треба да се реализираат во наредниот период, а во септември оваа година исто барање упати етномузикологот проф. д-р Нице Фрациле (кој патем докторираше кај светски познатиот романски етномузиколог Константин Брајлој) во име на Академијата на уметности во Нови Сад). Секако, методите за современо архивирање на македонскиот музички фолклор, изложени во магистерскиот труд на м-р Костиќ-Марковиќ (процесот на дигитализација, мултимедијалната база на податоци, дефинираните полиња за складирање на мета-податоците и сл) се сеште своевидна основа за студентите на ФМУ во Скопје, кои се занимаваат со оваа проблематика.

 

 

Во последните неколку години, м-р Бранка Костиќ-Марковиќ истражува на полето на македонското женско групно пеење низ аудио примерите сочувани во приватните архиви, како и во Фоноархивот на ФМУ во Белград (снимени од нашите етномузиколози, тогаш студенти Бицевски, Ѓорѓиев, Џимревски, Брзанов и Тодевски во 60 и 70-те години на минатиот век). Овој богат архив е дел од катедрата за етномузикологија на овој факултет, под раководство на д-р Димитрије Големовиќ.

 

Од 2007 година, м-р Бранка Костиќ-Марковиќ работи како асистент по група предмети од областа на етномузикологијата на одделот по етнокореологија на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

 

 

Етномузиколошка дејност

 

Етномузиколошката дејност на Бранка Костиќ започнува во 1990 година, и во периодот до денес, таа има изведено повеќе теренски истражувања, а најмногу од нив во селата на Скопска Црна Гора. Овие истражувања се претежно насочени кон најархаичните слоеви на македонскиот музички фолклор и тоа од областа на женската вокална традиција. Како нивен резултат настанаа редица на трудови кои се занимаваат со обредно-обичајните песни на селата Булачани и Кучевиште, гледани во светлото на останатите села во регионот и пошироко. Последниве неколку години, Костиќ-Марковиќ е насочена кон најновите текови во етномузикологијата, развојот на новите методологии при архивирањето и анализирањето на музичкиот фолклор, како и креирањето на мултимедијални бази за складирање на податоци од фолклорните колекции.

 

М-р Бранка Костиќ-Марковиќ има напишано и објавено повеќе етномузиколошки трудови, а остварила и учества на меѓународни симпозиуми, конференции и разни форуми, кај нас и надвор од земјата. Таа ја имаше честа, заедно со организаторот, по повеќе години, да ја возобнови и да претседава со етномузиколошката секција, токму на триесетото јубилејно издание на манифестацијата „Струшка музичка есен„. Костиќ-Марковиќ често се појавува и како стручен консултант на многу автори на аудио и видео изданија, кои го вклучуваат и музичкиот фолклор, а е дел и од заеднички проекти, како оној на  СОКОМ, каде со свои материјални посветени на музиката во погребните обреди и обичаи во Македонија партиципира во изработката на Це-Де енциклопедија за македонскиот музички фолклор.

 

Во поглед на интернационалните ангажмани, треба да се спомене дека м-р Бранка Костиќ-Марковиќ во 2001 година беше вклучена во тригодишниот меѓународен проект „Истражување и дигитално архивирање на македонскиот музички фолклор„ кој Факултетот за музичка уметност од Скопје го развиваше во соработка со Етномузиколошкиот архив на Циришкиот универзитет. Овој проект беше финансиран од Швајцарската фондација за наука, во рамките на програмата СКОУПС (SCOPES 2000-2003 7MKPJ065572). Како дел од овие активности, на 27 јуни 2002 година, на Циришкиот универзитет се одржа и мултимедијална презентација на проектот, во која со свое излагање учествуваше и м-р Костиќ-Марковиќ, а како резултат на ова исклучително претставување, таа доби и покана од Универзитетот и професорот д-р Ернст Лихтенхан (еминентен швајцарски етномузиколог од светска важност) за одржување на серија предавања на тема „Македонскиот музички фолклор„ во рамките на летниот семестар во 2003 година (Universität Zürich - Musikethnologie, Sommersemester 2003, kurs 2231 – Mazedonische Volksmusik).

 

Овие преокупации на м-р Бранка Костиќ-Марковиќ со современите текови во етномузиколошката наука започнати со споменатиот проект од 2001 година, ќе продолжат и понатаму, па оттогаш па до денес можеме да констатираме дека таа  има постигнато завидни резултати. Костиќ-Марковиќ е првиот македонски етномузиколог кој ја афирмира ургентноста од дигитализирање на аналогните носачи на снимки на македонски музички фолклор кои се наоѓаат во звучните архиви во Р. Македонија; првиот етномузиколог на овие простори кој развива посебна методологија за дигитализација и архивирање на музичкиот фолклор; првиот етномузиколог во регионот кој ги адаптира постоечките библиотечни принципи (Dublin Core) за потребите на архивирањето на музичкиот фолклор; и првиот етномузиколог на овие простори кој креира специјална мултимедијална база за складирање на различни типови на податоци кои ги опишуваат и презервираат музичко-фолклорните артефакти.

 

Уште еден аспект на урбаните текови во етномузикологијата, за м-р Костиќ-Марковиќ претставуваат и стручните рецензии за публикациите од областа на т.н. етно музика. М-р Костиќ-Марковиќ е автор на неколку такви за албуми на еминентни музички состави, како на пример рецензиите за албумот „Бистрик“ на оркестарот „Бистрик“ и за албумот „Боса нога“ на Петар Ренџов.Во тој контекст, неодамна таа беше промотор и рецензент и на најновиот албум на познатата етно-група „Синтезис“, насловен како „Идентитет„, и автор на стручна рецензија за нивното ДВД издание „Live in Skopje“, каде е снимен нивниот настап со Македонската филхармонија. Двете рецензии потоа беа објавени на македонски и на англиски јазик од неколку важни домашни и странски гласила и помогнаа во реализација на лиценцната продажба на споменатите изданија на светскиот пазар (рецензијата за „Идентитет“ е објавена од најстарата и најпозната дискографска компанија за world музика во Шпанија - Resistencia и рецензијата за  „Live in Skopje“ за норвешката компанија Etnisk Musikklub.

 

 

Медиумска дејност

 

Од 1997 година, Костиќ-Марковиќ е вработена во националната телевизија „Телма„, како новинар и одговорен уредник на музичката програма, каде и денес се појавува како автор на стручни емисии од областа на уметничката музика. Таа, повеќе од една деценија е респектиран музички уредник, новинар, рецензент и една од најпознатите медиумски личности во Републикава на полето на уметничката музика, но и надвор од неа. Нејзините оценки за состојбите во музичката уметност и наука во земјава се многу често присутни во содржините на највлијателните домашни печатени медиуми, но и во меѓународните студии за медиумскиот простор во Републикава. Токму во една таква, м-р Костиќ-Марковиќ се јавува како стручен консултант. Станува збор за специјалното издание на бугарското стручно музиколошко списание „Музикални хоризонти„ (член на Меѓународната федерација на музичари FIM) по повод 40 годишнината од неговото прво публикување, посветено на музичкиот фолклор и националните визуелни медиуми во Бугарија и Македонија, издадено во 2006 година.

 

Таа во текот на дванаесетте активни години во телевизискиот медиум е автор на повеќе од 400 емисии (под насловите „Аликвоти„, „Класика„ и „Музика“) во чии рамки реализирала над 800 прилози (коментари и рецензии) за музичките случувања во и надвор од нашата држава и остварила над 700 интервјуа со домашни и странски врвни музички уметници и научници, меѓу кои и ексклузивните интервјуа со Хозе Карерас, Зубин Мехта, Дејвид Герет, Рустем Хајрудинов, Питер Јаблонски, Теодосиј Спасов, Раби Абу Калил, Шломо Минц, Џиван Гаспарјан, Борис Романов, Стефан Миленковиќ, Оливера Миљаковиќ, Мирослав Тадиќ, Даринка Матиќ - Маровиќ, Матија Дедиќ, Дитер Кристенсен, Елзи Иванчич-Данин, Урсула Хеметек, Сванибор Петан, Зузане Циглер, Драгослав Девиќ, нашите Симон Трпчески, Благој Нацоски, Игор и Ана Дурловски, Ѓорѓи Димчевски, Милица и Кирил Рибарски, Елена Мисиркова - Лоза, Весна Гиновска-Илкова, Константин Костјуков, Ирена Ветерова, Сандра Мијалкова, Влатко Стефановски, Тони Китановски, Зоран Маџиров, Тоше Проески, Кирил Џајковски и мн. други.

 

Исто така, како музички уредник на емисијата „Музичка сцена“ таа емитувала преку 400 светски продукции на музичко-сценски дела, а повеќе од една деценија Костиќ-Марковиќ е присутна како новинар на ТВ Телма на сите најважни музички манифестации во земјава, како „Охридско лето„, „Скопско лето„, „Денови на македонска музика„, „Есенски музички свечености“, „Мајски оперски вечери“, „Скопски џез фестивал“, Фестивал „Пеце Атанасовски“ во Долнени и др.

 

Таа е и автор на портретните емисии „Мојот пат„ посветени на најеминентните македонски музички уметници со сигнификантна творечка кариера, меѓу кои Данка Фирфова, Александар Сариевски, Тале Огненовски, Милка Ефтимова, Ристо Аврамовски, Драган Шуплевски, Властимир Николовски, Јасминка Чакар, Валериј Стефановски, Стојан Стојков, Илија Пејовски, Кире Костов, Григор Копров, Марко Коловски, Славица Петровска-Галиќ и др.

 

Костиќ-Марковиќ е продуцент на повеќе десетици телевизиски концерти на музички уметници од облата на класичната, народната, џез и етно музиката, како концертите на Оркестарот на ансамблот „Танец“, „Евергрин бенд“, Оркестарот на „Чалиите„, концерти на Наум Петрески, Круме Спасовски, Виолета Томовска, Анка Гиева, Сузана Спасовска, Благоја Грујовски, Блага Петреска, Селимова-Желчески, Зуица Лазова, Тоше Проески и „Блу Факи Индивидуалс“, „Ареа“, Каролина Гочева, Драган Мијалковски, Калиопи, Ламбе Алабакоски, „Силви Бенд“, Ана и Олег Кондратенко, Маја и Љубиша Кировски, Браќата Тавитјан, Драган Даутовски, Благој Нацоски и Алесандро Д’ Агостино, концертот на Љубомир Бранѓолица со пријателите во Музејот на град Скопје, операта „Деспина и Мистер Докс„ од Димитрије Бужаровски во МКЦ и други.

 

М-р Бранка Костиќ-Марковиќ има изработено и повеќе сценарија за документарни емисии со музичко-фолклорна тематика, од кои две се реализирани: „Отидов в село Долнени„ – посветена на Пеце Атанасовски и Долненскиот фестивал за народни инструменти и песни, премиерно прикажана на ТВ „Телма„ во 1998. година и „Галичка свадба„ – посветена на најинтересните моменти од прочуената свадбена церемонија во селото Галичник, премиерно емитувана на ТВ „Телма„ во 1999. година. Покрај овие, Костиќ-Марковиќ има создадено и сценарија за циклус документарни емисии насловени како „Паганија„ (циклус кој ги третира најстарите синкретични форми со пагански елементи во македонската фолклорна традиција), кои беа одбрани за финансирање на првиот конкурс кој го распиша Советот за Радиодифузија на Р. Македонија, заради поддршка на продукцијата од доменот на заштита на македонските културни вредности.

 

Заради успешноста во работата, Костиќ-Марковиќ во 2002 година меѓу сите новинари во македонскиот етер ја добива шансата да соработува во двегодишниот проект на националната српка телевизиска куќа РТС (Радио Телевизија Србије), односно да биде единствениот новинар-известувач од Македонија за најважните случувања на нашата културна сцена во рамките на заедничката телевизиска емисија на поранешните југословенски републики, наречена „Екс Ју Култ„. Оваа емисија, емитувана на Првиот канал и преку сателитот ја следеше милионски аудиториум  низ цела Европа и прекуокеанските земји.

 

Покрај телевизиското новинарство, Костиќ-Марковиќ во својата дејност ги вклучува и другите медиуми. Таа е автор на повеќе текстови посветени на македонските репродуктивни уметници и композитори кои се објавени во неделникот „Актуел„, а се јавува и како автор на сценарија за музички манифестации и воведни текстови за фестивалски програми, а неретко и како нивен модератор и промотор. Се разбира, Костиќ-Марковиќ е ангажирана и како оценувач на достигнувањата на интерпретаторите на новосоздадена песна и популарната музика (член на стручното жири на Фестивалот за народни песни „Цветници„,  „Охридски трубадури“ и „Песна на Евровизија„).

 

 

Педагошко искуство

 

М-р Бранка Костиќ-Марковиќ, во својата кариера имала можност повеќепати да се занимава со педагошка дејност. Од неа издвојуваме дека таа остварила:

 

- (1990-1996) шесгодишна пракса како асистент-диригент на најтрофејниот хор во Р. Македонија, детскиот хор „Развигорче“ и предавач во хорското студио „Рустико„ при МКЦ - Скопје. Со овој хор има остварено голем број на настапи, во и надвор од Републикава.

 

- (2002-2005) четиригодишна пракса како предавач на познатиот меѓународен семинар по пијано на еминентниот руски педагог Борис Романов, во рамките на „Охридско лето„. Одржани се серија на предавања, проследени со видео и аудио презентации и  посветени на историјата на пијанизмот, животот и делото на најголемите светски пијанисти, како и преглед на најбележитите интерпретации на бисерите на пијанистичкиот репертоар.

 

-  (2007- ) пракса како асистент по група на предмети од областа на етномузикологијата на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Освен што ја реализира наставата по предметите Етномузикологија (Народна песна 1, 2, 3, 4), Семинар по етномузикологија, Анализа на мелопоетски форми, таа е и автор на курикулумите за истите предмети.

 

(Бранка Костиќ-Марковиќ е автор и на курикулумите по предметите Етномузикологија (Народни инструменти 1, 2, 3, 4), Музичко новинарство 1 и 2, Архивирање и дигитализација на музичкиот фолклор, Обредни песни, Музичкиот фолклор на другте народи во Р. Македонија, Музичките дијалекти во Македонија, Народната музика на Балканот, Новосоздадена и „world“ музика, Музички фолклор 1 и 2, кои се акредитирани во програмата на додипломските студии на ФМУ во Штип). 

 

 

Останати ангажмани

 

Бранка Костиќ-Марковиќ, во музичката уметност е вљубена од најраната возраст и тоа преку учеството на познатиот фестивал за детска песна „Златно славејче„ како солист (два пати) и членувањето во детскиот хор „Развигорче„, што ќе продолжи и во средношколските денови преку концертирањата со „Женскиот младински хор„ при Младинскиот културен центар во Скопје. Оваа богата хорска активност, Костиќ-Марковиќ ќе ја воведе и во диригирањето, па таа во периодот од 1990 до 1996 година ќе работи и како втор диригент на најтрофејниот ансамбл во Р. Македонија, детскиот хор „Развигорче„, со кој ќе оствари концерти, во земјата и надвор од неа.

 

Бранка Костиќ-Марковиќ е првиот уметнички директор на првото Студентско ИНТЕРНЕТ Радио отворено при Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2003 година.

 

Таа е првиот координатор и претседавач на Советот за заштита на звучното културно наследство во Македонија, основан на ФМУ во Скопје во 2003 година. На првата конститутивна седница присуствуваа претставници на сите најзначајни институции во Р. Македонија кои се занимаваат со архивирање на звучното наследство, како Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Универзитетската библиотека „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонската академија на науките и уметностите, Македонската Радио и Телевизија и Советот за радиодифузија.

 

Во 2005 година, Костиќ-Марковиќ е назначена за еден од тројцата членови на раководното тело на Форумот за класична музика, формиран по иницијатива на Британскиот совет во Македонија, кога ја извршува и функцијата на координатор за медиуми на Ансамблот за современа музика „АЛЕА„ и на традиционалната манифестација за афирмација на професионалното музичко творештво „Денови на македонска музика„, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Во февруари 2009 година м-р Костиќ-Марковиќ е избрана за редовен член на СОКОМ

Date of Birth: 
1972