КОЛАРОВСКИ Гоце

Дипломира композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Властимир Николовски во 1984 година со највисок успех во генерацијата. Во 1986/87 година специјализира на Ленинградскиот државен конзерваториум „Николај Римски Корсаков“, на Kатедрата за теорија и композиција, во класата на Сергеј М. Слонимски. Во 1992 година дипломира оркестарско диригирање на ФМУ во Скопје, во класата на проф. Фимчо Муратовски. Истата година завршува магистерски студии по композиција во класата на проф. Властимир Николовски. Потоа повторно престојува во Санкт Петербург, - во 1993 година во Библиотеката на Државниот конзерваториум, а во 1994 година на семинарот по композиција што го водат К. Х. Штамер, Е. Х Фламер, П. Х. Дитрих, С. фон Остен  (Германија) С. М. Слонимски, О. Малов (Русија) и К. Левајн, (САД). Во 1998 година запишува докторски студии по композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Паралелно со своето образование и усовршување Коларовски развива богата педагошка дејност, главно на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Најнапред како асистент (1986-1994), а потоа како доцент, вонреден и редовен професор. Бил продекан (1993-1995) и декан (1999-2005) на ФМУ во Скопје. Паралелно  хонорарно предавал и во речиси сите средни музички училишта во Македонија (Скопје, Штип, Битола) и бил визитинг - професор во Ниш (2005-2006). Од 1996 година водел своја композиторска класа од која излегоа повеќе видни македонски композитори од најмладата генерација (Сони Петровски, Дарија Андовска, Дамјан Темков и др.). Бил еден од иницијаторите и предавачи на првите меѓународни семинари по композиција во Република Македонија и држел мастер - класи на универзитетите и конзерваториумите во Германија, Русија, Северен Кипар. Покрај сите обемни и исклучително важни активности повремено диригирал со повеќе ансамбли: Хорот „Кочо Рацин“ (1987/88 и 1998/1999), оркестрите на МБУЦ „Илија Николовски - Луј“ и ФМУ - Скопје, Фестивалскиот оркестар на ДММ (1995) итн.

За сето ова време Гоце Коларовски остварил и обемна публицистичка активност.  Автор е на триесетина  теориски трудови што се занимаваат главно со теми и прашања од современата музика. Во ракопис се и неговите учебници по музички форми и по хармонска анализа.

Коларовски, во текот на својот краток и многу плоден живот оствари исклучителна општествена и стручна активност. Од 1990 до 1997 година раководеше со програмата на најголемата смотра на македонското музичко творештво - Деновите на македонската музика. Во повеќе наврати беше секретар и член на Претседателството на Сојузот на композиторите на Македонија и беше член и претседател на Управниот одбор на ЗАМП.

Творечкиот опус на Гоце Коларовски опфаќа дела од повеќе жанрови на класичната музика. Во првата творечка фаза се забележува извесна стилска разнобразност што е резултат на неговиот стремеж и желба да ги осознае изразните средства на композициската техника од изминатите епохи воопшто, со посебен акцент на техниката на компонирање на дваесеттиот век. Ова наоѓа рефлексија или може да се согледа и низ насловите на неговите теориски трудови што се јавуваат во овој период. Подоцна, од втората половина на деведесеттите години на дваесеттиот век, а како резултат на комплетното творечко и теориско созревање, доаѓа до соодветна „стилска нивелација“ што говори за тоа дека процесот на изборот на јазикот (техниките на компонирање) е завршен.

Композициите на Коларовски речиси постојано наидувале на позитивен одглас кај музичката критика. Словенечкиот диригент Марко Летоња, по изведбата на Концертот за оркестар (04.03.1996 г.) напиша: „Интересен е самиот почеток на композицијата за којашто мислам дека е мнугу успешна комбинација на етнички моменти со стандардите на класичното компонирање. Во продолжение на композицијата внимание како на оркестарот, така и на публиката привлече  пред сè јасната и динамична ритмичка шема, каде што композиторот, со употреба на ударни и дувачки лимени инструменти, многу брзо постигнува јаки ефекти и прави кулминација. Покрај добрата оркестарација, во развојниот дел, провејуваат хумористични моменти; имено, композиторот на духовит начин употребува цитати од класичната литература (Бокерини). Полифона обработка на ист ритмичен остинатен мотив и начинот на оркестрирање  каде што почетната тема патува низ поединични музички групи ја приведуваат композицијата до раздвижен завршеток“.

„Мое досегашно искуство е дека современите композиции на концерти не го достигнуваат истиот ефект како тие од железниот репертоар и затоа многу ме израдува топлиот аплауз со кој публиката ја поздрави изведбата на Концертот за оркестар“.

„Убеден сум дека тоа е композиција која ги преминува границите на времето и просторот во кој е напишана и поради тоа не смее да падне во заборав.“

Неколку дена подоцна (13.3.) членовите на квартетот „Туше“ од Франција по изведбата на композицијата „Камбани“ изјавија: „Со големо задоволство  ги работевме „Камбаните”, а, потоа со уште поголемо задоволство ја креиравме оваа композиција од Гоце Коларовски. Тој успеа да создаде силна атмосфера на која не можеш. а да не се приврзеш. Едноставниот пристап кон формата на делото, остава да се насети комплексноста на наејзината конструкција. Рафинираноста, суптилноста на неговиот јазик, претскажува значајни идни композиции.“ За истиот концерт критичарот Владо Чучков (Вечер, 21.3.1996) година напиша: .. Токму тоа го искористи младиот македонски композитор Гоце Коларовски кој за овој состав ја компонираше творбата „Камбани”. Оваа творба, уникатна во македонската музичка литература, плени со мошне инересни созвучја базирани врз звукот на (православни?) камбани, но не како неорганизирана звучна маса, бидејќи таа е ставена под мудра контрола на една организирана, обмислена и заокружена формална структура. Од друга страна „Камбани” не се плод на барање по секоја цена на што побизарни созвучја, туку е творба што има своја содржина и логика, свој  почеток, растеж, кулминација, како и смирување на звучната маса. Впрочем, оваа творба беше и најинтересната за потписникот на овие редови.  ...

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО

Суита, - за детски мандолински оркестар, (1996); „Скици за портрети“, - за младински мандолински оркестар, (1998); Симфонија во три става, - за , (1985); Концерт, - за пијано и оркестар, (1987); „Распеви“ - (на тема од Ј. Кукузел дешифрирана од П. Динев), - за гудачки оркестар, (1991); Концерт, - за симфониски оркестар, (1992); „Скрб“, - за гудачки оркестар, (1994); „Молитвами“, - за симфониски оркестар, (1998); 1.3, - за камерен оркестар, (2001);

 

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО

Гласови, - за мецо-сопран, хор и симфониски оркестар, (2004);

 

КАМЕРНО

Соната, - за виола и пијано, (1980); Кончертино, - за пијано и гудачи, (1981); Суита „Панаѓур“, - за гудачки квартет, (1982); Суита „Панаѓур“, - за камерен оркестар и удиралки, (1985); Три прелудиуми, - за виолина и пијано, (1986); Соната „Ленинградска“, - за виолина и пијано, (1988); Концерт (преработка), - за две пијана, (1992); „Распеви“ (преработка), - за гудачки квартет, (1992); „Камбани“, - за две пијана, вибрафон и ѕвона, (1995); Два прелудиуми, - за виолина и пијано, (1997); Прелудиум во f-moll, - за виолина и пијано, (1997); „Зурлаџиска“, - за труба и пијано, (2000); „Четири мигновенија на пролетта“ - циклус песни, - за глас и пијано, (2002); Четири снежни мигновенија, - за глас и пијано, (2003); Тежок македонски танц, - за камерен ансамбл, (2004); „Сонот е кратка смрт, а смртта е долг сон“ - на тема од Ј. Хајдн, - за три тромбони и туба, (2005);

 

СОЛИСТИЧКО

Варијации, - за пијано, (1979); Слободни варијации, - за пијано, (1979); Сонатина, - за пијано, (1980); Суита, - за пијано, (1983); Соната, - за пијано, (1984); Сцени, - за пијано, (1987); Циклус песни „Ќе се пробудам ли пак...“, - за глас и пијано, (1989); „Вечерен ѕвон“ - прелудиум, - за пијано, (1992); „Сам“ (езгија посвета на М. Малиновска), - за соло флејта, (1997); Алузии на 1906 (кон годишнината на Д. Шостакович), - за пијано, (2006);

 

ХОРСКО

Растурена игра, - за детски хор и инструменти, (1982);

 

ПУБЛИЦИСТИКА

Оркестарскиот стил на Дебиси - интерпретациски проблеми во неговото творештво на примерите од прелудиумот „Попладнето на фаунот” (ракопис), (1990)

За основната хармонска идеја на првиот став од Бетовеновата “Ероика” (ракопис), (1990)

Некои проблеми на романтичарската хармонија во првиот став од виолинската соната на Цезар Франк (ракопис), (1990)

Прашањата на додекафонијата во трудовите на советските музиколози (ракопис), (1990 )

Фолклор и композитор - некои теоретски аспекти (Современост ноември-декември1993), (1993)

Полифонијата во творештвото на Стојан Стојков (Струшка музичка есен 95), (1995)

Македонска композиторска школа да или не? („Музика” Октомври-Декември 1997), (1997)

Бартокијанството во Македонија (Струшка музичка есен 97), (1997)

Формата и жанрот на “Сердарот” од Властимир Николовски (Струшка музичка есен 98), (1998)

 

Марко Коловски

 

 

Date of Birth: 
1959
Date of Death: 
2006