ИЛИЕВСКИ Илија

Роден е во Велес, 1939 година. Потекнува од музичка фамилија, неговиот татко и двајца браќа биле професионални музичари. Со 6 години почнува да посетува настава по флејта, кај професорот Јосиф Сион. Во 1953 година се запишува во Воено средно музичко училиште. По завршување активно е ангажиран како флејтист во воениот оркестар во Скопје. Вонредно запишува Педагошка акдемија и истата ја завршува за во 1965 година. На овие студии, Илиевски доаѓа во контакт со професорот Властимир Николовски, по чиј предлог се запишува на Одделот за композиција, при Факултетот за музичка уметност во Скопје, а паралелно студира и Музичка теорија и педагогија и оркестарско диригирање. Во 1974 година дипломира на одделот за музичка теорија и педагогија и на одделот за диригирање (во класата на професорот Фимчо Муратовски) 1974, а на оделот за композиција (во класата на академикот Властимир Николовски) дипломира 1984 година. Во 1985 година завршува последипломски студии на Факултетот за музичка уметност во Белград, во класата на професорот Живојин Здравковиќ.

Од 1968 година Илиевски делува како диригент на Воениот оркестар во Скопје. Со овој оркестар развива богата активонст по сите градови во Македонија, изведувајќи програми од најразлични музички жанри. Во 1978 година станува Начелник и уметнички раководител на Уметничкиот ансамбл на ЈНА, тогаш високо рангиран ансамбл кој во својот состав покрај симфонискиот оркестар има и професионален мешан хор.Со овој ансамбл по неколку пати има диригирано речиси во сите поголеми градови во Југославија, каде соработувал со голем број истакнати вокални и инструментални солисти.

Илиевски настапувал и како диригент со Македонската филхармонија, Нишкиот симфониски оркестар и Мостарскиот симфониски оркестар. Неговиот композиторски опус опфаќа дела од различни форми. Во 1985 година ја добива Третата награда на Конкурсот распишан од Здружението на композиторите на Војводина за увертирата Т.И.Д. Следува покана од Советот на големиот час во Крагујевац. По овој повод го пишува ораториумот „Сонце над Шумарица“ за оркестар,мешан и детски хор, солисти и рецитатори. По покана Сојузот на синдикатите на Југославија ја пишува кантата „Да ја допишеме нашата азбука„.Ги пишува и кантатите „Ватре у ватрама„ и „За новата пролет“. Од делата за соло инструменти и оркестар се издвојуваат Концертот за труба и оркестар, Концертино драматико за виолончело и гудачи, Рондо за кларинет и пијано, квартетот „Ин до“, Романсата за виолина и пијано, Трио за фагот, виолина и пиано, „Музика за празник“ за дувачки оркестар, Соната за флејта и пијано, како и други дела во повеќе жанри и оркестрации и аранжмани.

Во 2012 година Македонската филхармонија на Конкурс ја избра увертирата „Соништа“ на Илиевски, која премиерно беше изведена во рамките на циклусот „Кирилица„.

Во својата богата диригентска и композиторска дејност, Илиевски реализирал голем број снимки на свои дела и дела на други автори.

 

Date of Birth: 
1939