ИВАНОВ Игор

Игор Иванов е роден во Велес, Република Македонија. Своето музичко образование го започнува на 8 годишна возраст кога почнува да го изучува инструментот блок флејта, а подоцна и инструментот кој станува негова професионална определба - кларинетот. Во 2003 година се запишува на Универзитетот за музичка и драмска уметност во Грац-Австрија (Universität für Musik und Darstelende Kunst Graz), во класата на еминентниот професор Штефан Шилинг. Во текот на своето студирање Игор извесен период работи со неговиот камерен ансамбл („Стравински Октет”), со кој во октомври 2005 година добива можност за снимање аудио издание – ЦД, спонзорирано од Австриската радио телевизија. Додипломските студии ги завршува во јануари, 2009 година, по што го продолжува своето образование со магистерски студии, повторно во класата на професорот Шетфан Шилинг. За време на магистерките студии, учествува во програмата за размена на студенти - Erasmus преку која еден семестар престојува во Цирих каде што посетува посетува часови на Факултетот на уметности во Цирих (Zürcher Hochschule der Künste), во класата на проф. Матиас Милер. По завршувањето со Erasmus размената, повторно се враќа во Грац каде што продолжува со магистерските студии, кои ги завршува 2012 година.

Во текот на неговото музичко образование Игор се стекнува со бројни оркестарски искуства, учествува во повеќе проекти за камерна музика, има повеќе соло настапи,учествува на семинари и натпревари, но посетува и мастер курсеви кај повеќе светски познати калринетисти меѓу кои Карл Лајстер, Венцел Фухс, Стенли Дракер, Џонатан Колер, Антонио Сајоте, Роберт Спринг, Мартин Шпанберг.

Своето оркестарското искуство го стекнува членувајќи во оркестрите: Symphonisches Orchester der Kunst Universität Graz, Bläßerphilharmonie der stadt Graz, Europien Master Orchester Wien, Wiener Walzer Philharmonie, Wiener Klang Sinfonieta, со кои концертира во повеќе држави меѓу кои Австрија, Швајцарија, Белгија, Луксембург, Кина, Хрватска и други. За време на неговите студии се појавува и на неколку музички фестивали: Histri ja Festival во Пула-Хрватска, Best of во Грац-Австрија и Штипско лето во Македонија.

Покрај стандардниот, класичен репертоар за кларинет, Игор Иванов посветува големо внимание на изведбата на современа музика и соработува и со Камерниот ансамбл за нова музика Klang Forum Wien од Виена.